Будимпешта

Груевски тема и во унгарскиот Парламент, опозицијата бара анкетна комисија за специјалниот третман на бившиот премиер

Никола Груевски има специјален третман затоа што бил 10 години премиер на друга држава, вели Балаш Орбан, државен секретар на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, одговарајќи на пратеничко прашање, пренесе Индекс.ху. Порталот потсетува дека според унгарскиот закон, специјален третман за барател на азил следува во случај да е дете без придружба од родители, бремена жена, лица со посебни потребни или телесен инвалидитет и други ранливи лица.

Груевски барањето за азил го поднел во Будимпешта, а не во транзитен центар, како што предвидуваат унгарските закони.

Балаш Орбан потврди дека намерата да побара азил од Унгарија, Груевски ја соопштил во нивна амбасада во друга земја. Тој на пратеничко прашање не одговори како Груевски пристигнал во Унгарија - преку Албанија, Црна Гора или Србија, но тврди дека унгарските власти не му помогнале.

Други пратеници прашаа дали е вистина дека Орбан му ветил на Груевски дека во Унгарија нема да има никакви последици за него, дека поранешниот македонски премиер е во вила на Орбан и дали унгарските власти му помогнале во бегството од Македонија.

Опозициската партија ЛМП бара формирање анкетна комисија за случајот со Никола Груевски за да се утврди евентуалната вмешаност на унгарските власти во бегството на осудениот поранешен премиер на Република Македонија.

Груевски на 8 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување двегодишна затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на блиндиран „мерцедес“ од 600.000 евра.

На 12 ноември, по потрагата по него, МВР распиша потерница по Никола Груевски. На 13 ноември Груевски на Фејсбук објави дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Потоа МВР распиша и меѓународна потерница.

Албанија официјално потврди дека на 11 ноември во 19,11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.

И црногорската полиција, неколку дена подоцна, потврди дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19,19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22,16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе