Груевски, Ставрески и Јанкуловска први сведоци пред Анкетната комисија за прислушувањето

Премиерот и прв човек на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за финансии Зоран Ставрески и бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ќе бидат првите сведоци пред Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, која денеска започна седница во Собранието.

Трите сведоци ги предложи Антонио Милошоски, член на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара седницата кога тие ќе ги даваат своите искази да биде затворена за јавноста бидејќи, како што рече, ќе бидат споделени доверливи информации.

Согласно договорот и усвоената одлука за формирање на Анкетната комисија за прислушувањето, секоја од партиите има право да предложи по тројца сведоци или експерти.

Инаку, денеска се одржува седница на Комисијата откако четири пати беа одложувани состаноците за да се одржуваат координативни средби. Во вторникот конечно беше усвоен деловникот, а беше и решено спорното прашање дали гласот на претседателот ќе важи како за два гласа, имајќи в предвид дека Комисијата е составена од 16 члена. Па, сега, во случај на нерешено или поделено гласање на членовите, се закажува нова сесија со дополнителни консултации и усогласувања. Се става точката повторно на гласање, а доколку не се успее да се постигне согласност, резултатите од второто гласање ќе бидат конечни.

Договорено е и седниците на Комисијатаа да се емитуваат директно на Собранискиот канал. Во случај да има поклопување на терминот со пленарната собраниска седница, предност за емитување во живо ќе има пленарната седница, а Комисијата репризно ќе се реемитува на Собраниски канал, истиот ден.

Предлогот е седниците да не се пренесуваат единствено во случај ако бидат повикани лица за сведоци, а кои би можеле да изнесат класифицирани информации или чувствителни безбедносни информации.

Комисијатата произлезе од договорот од Пржино, а беше формирана по одлуката на 10 ноември од Собранието со цел да ja утврди хронологијата на настаните и околностите за скандалот со прислушувањето, да ја дефинира политичката одговорноста поврзана со прислушувањето и содржината на објавените материјали.

Анкетната комисија треба да изготви препораки кои ќе имаат за цел да превенираат незаконско следење и да се зголеми транспарентноста на државните и владините институции. Комисија треба да изготви и на Собранието ќе му поднесе извештај до крај на јануари 2016. 

Анкетната комисија е составена од осум од ВМРО-ДПМНЕ, четири на СДСМ, двајца на ДУИ, еден на ДПА и еден независен. Со Комисијата претседава Петре Шилегов.


Б.Ш.

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе