НОВ ВЛАДИН ПРОЕКТ – КУПИ КУЌА

Груевски со нов проект за младите – за кредит за куќа од 50.000 евра, Владата ќе субвенционира 33.000 евра

Од февруари 2016 година ќе почне да се спроведува новиот проект за младите со кој за кредит од најмногу 50.000 евра, Владата во исплатата на ратите од кредитот ќе учествува со 80%  во првите 8 години и 50% во наредните три години.

На денешната конференција за медиумите премиерот Никола Груевски во придружба на неколку членови на кабинетот го најави почнувањето на новиот „мега проект“ на Владата за решавање на едно од најтешките прашања на младите луѓе во Македонија, а тоа е обезбедување дом. Овој проект се однесува за сите млади луѓе до 35 години.

„Проектот „Купи куќа, купи стан“ даде добри резултати. Продолжуваме со реализација на тој проект и додаваме нов проект – „Купи куќа“. Со овој проект, освен тоа што продолжуваме со поддршката на градежништвото и на сите пропратни стопански гранки, продолжуваме и со помагањето на младите во градењето на нивната иднина. Овој проект се однесува само за изградба на куќа. Според сите светски студии, куќата како дом придонесува за полесно решавање на родителите за проширување на семејството, за повеќедетни семејства, за наталитетот“, рече Груевски.

Од 1 февруари 2016 година ќе почне спроведувањето на овој проект. Освен со учество во плаќањето на ратите, корисниците на овој проект ќе можат да ја искористат и можноста за исплата на учеството за земање кредит, а потоа ратите самостојно би се исплаќале. Се работи за субвенции, за неповратни средства.

Оваа помош се однесува за кредити до 50.000 евра на 20 години. Се разбира дека корисникот може да земе и поголем кредит, но Владата ќе учествува во ратите или во учеството на кредити до 50 илјади евра. Така, за кредит од 50.000 евра корисниците на првиот модел (учество во ратите, и главница и камати) ќе добијат субвенција до 33.000 евра, за 40.000 евра помошта е до 28.000 евра, за кредит од 30.000 евра помошта изнесува 20 илјади евра.

За вториот модел, субвеницијата, учеството е 12.500 евра за кредит од 50 илјади евра. Овие пари Владата веднаш ги плаќа на име на корисникот.

„Овој проект се однесува само за изградба на нови куќи, или доградби, надградби на постоечки куќи. Младите ќе можат да избираат меѓу два модели за субвениција. Сите средства се неповратни. Услов е и ако се двајца, брачен пар, заедно да имаат примања до 1.300 евра или ако е само еден млад човек, неговите примања да се до 900 евра. Барателот треба да е кредитоспособен. Ова е проект и за зголемување на наталитетот. Куќата како живеалиште обезбедува услови за проширување на семејството. Многу студии покажале дека брачни парови кои живеат во куќи имаат повеќе деца од оние кои живеат во стан“, изјави Груевски.

Услов е и корисниците да не поседуваат друг стан или куќа, да бидат кредитоспособен барател и да немаат земено друг кредит за куќа или стан.

Освен тоа, Владата, заедно со општините ќе ја зголемат понудата на парцели за нови куќи, за изработка на урбанистички планови за нови населби. И тука, најави премиерот, Владата ќе учествува во намалување на цените на комуналиите. 

„Субвенцијата ќе се однесува и овој проект ќе важи за купување на новоизгардени куќи од градежни компании со цел потоа да се продадат, куќи во кои треба да се всели прв сопственик или изградба на своја куќа, надградба и доградба на куќа. Вака ставаме фокус на дополнителна поддршка на градежништвото во Република Македонија, што ќе придонесе за поголема профитабилност на градежните компании и нови работни места во градежниот сектор“, додаде Груевски.

Со овој концепт, изјави премиерот, се дава поддршка на домашните економски субјекти кои произведуваат основен и помошен материјал за изградба, како и оние кои вршат производство за ентериерно и екстериерно уредување на куќите.

Средствата за овој проект се од  буџетот за 2016-та година, а зависно од заинтересираноста, со ребаланс ќе се зголемат и средствата, рече Груевски.

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе