По преписките на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Груевски: Се согласивме за Република Македонија (Скопје), ама со референдум

Вчера штабовите на на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се распишаа соопштенија и реакции на реакции. Темата, се разбира беше името. Целата преписка заврши со изјавата на Твитер на Радмила Шеќеринска дека таа го имала писмото на тогашниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски до генералниот секретар на ООН дека наводно се прифаќа името Република Македонија (Скопје).

Некои медиуми веднаш го пронајдоа писмото за кое Шеќеринска се пофали дека го имала. Еве дел од содржината на тоа писмо според она што беше објавено по порталите:

„Во текот на овие преговори, Република Македонија прифати извесен број на предлози ставени (предложени) од господинот Нимиц како основа за решение, вклучувајќи го и предлогот од март 2008 година „Република Македонија (Скопје), кој Република Грција нажалост го отфрли.“

Според дипломатски извори ова писмо беше еден од круцијалните докази во прилог на пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Тоа писмо до Бан Ки Мун, очигледно било наменски искористено за правната битка во Хаг.

Инаку, за целата оваа приказна која опозицијата ја користи како доказ за тоа дека актуелната Влада прифатила промена на името, ама  не признава, премиерот Груевски во неколку наврати ја објасни ситуацијата.

Уште во февруари 2011 година Груевски изјави:

„Пред Букурешт, тука во Скопје ни беше понудена опција од Нимиц, односно конкретен предлог. А тоа беше името Република Македонија (Скопје). И ни беше кажано дека тоа е последен предлог пред Самитот и оти треба да се изјасниме. Ние одлучивме да се изјасниме, да го прифатиме, да го ставиме на референдум. Ние одговориме дека немаме мандат, ниту јас како премиер, ниту Владата нема мандат пред граѓаните самата да донесе одлука дали тоа треба или не треба. Одлучивме да го прифатиме тој предлог како предлог кој може да се стави на референдум за граѓаните да оценат дали тоа е добар или не е добар предлог", изјави Груевски.

И за време на седница на Собранието од мај годинава, на пратеничко прашање на оваа тема од пратеникот на СДСМ Јани Макрадули,  премиерот Груевски го даде следниов одговор:

„Беше дадена согласност предлогот да биде ставен на референдум доколку и Грција го прифати. Имајќи предвид дека Грција не го прифати, предлогот не беше ставен на референдум. Тоа не е прифаќање. Тоа е само согласност да им се даде можност на граѓаните во пресрет на НАТО самитот во Букурешт да се изјаснат дали таквиот предлог е добар или не е добар, дали е прифатлив за мнозинството граѓани или не е прифатлив за мнозинството граѓани. Во такви клучни моменти кога се одлучува на некој самит, нормално и природно е, ако веќе сме се декларирале дека за прашањето конечниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум, нормално е да им ја дадете таквата можност, се разбира ако другата страна го прифати и постои некаква шанса тоа да стане конечно решение“, рече премиерот Груевски во одговорот на прашањето на пратеникот Макрадули.

Инаку деновиве беше одложено првото рочиште по тужбата на Никола Груевски против пратеникот Тито Петковски за неговата изјава дека премиерот потпишал писмо со таква согласност. На конференција за печатот еден ден пред закажаното рочиште, Петковски даде појаснување дека се работело за писмо на Милошоски, како член на кабинетот на Груевски.

А.Д.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе