РЕАКЦИЈА

Груевски: Македонија е цел на странска разузнавачка служба, а Заев реализатор на нејзините цели

Лицето З.В. е реализаторот на нарачката на една странска разузнавачка служба за следење на влијателни поединци во нашето општество за нејзини цели. Тој за таа цел ангажирал две лица што работеле во УБК и го вршеле снимањето. За сево ова има непобитни докази, изјави денеска премиерот Никола Груевски, реагирајќи на последните конференции за медиуми на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„Ја одбив уцената и условувањето на Зоран Заев за формирање техничка влада. Тој почна да ја спроведува својата закана со објавувањето на снимките од прислушуваните телефонски разговори. Заев ми рече дека материјалите ги добил од странска разузнавачка служба. И при првото мое обраќање реков дека јавноста мора да внимателно да ја следи целата оваа ситуација и добро да размисли пред да донесе свои ставови и заклучоци“, рече Груевски.

Според него, лицето З.В. веќе неколку години го спроведувало ова прислушување по нарачка на странска разузнавачка служба за парична награда. Некаде во средината на 2014 година во целата работа наводно се вклучил и Зоран Заев, преку контактите со З.В. Груевски денеска изјави дека тој побарал спроведување на посебни истражни мерки (ПИМ) откако дознал дека е можна таква закана.

„Брзо по добивањето на овие информации, дојде и барањето од Заев за средба со мене. Тогаш од обвинителството побарав спроведување на ПИМ-мерки. Заканата и се оствари. Уште еднаш ќе кажам на снимките има точни, делумно точни и неточни разговори. Лесно е да се креираат разговори кога имате толку многу снимки“, рече Груевски.

Премиерот рече дека македонските служби никогаш не снимале надвор од законската процедура. Според него, лицето З.В. развило цела агентура во Македонија, а МВР за неговата работа има цврсти докази во реализацијата на случајот „Пуч“. Груевски вели дека во доказите не случајно се најдени и преведени на англиски јазик дел од снимените разговори, заедно со политички анализи на состојбите во Македонија.

„Од ова е јасно дека целата операција била наменета за странската разузнавачка служба. А ние знаеме чија е таа служба“, рече Груевски.

Прашан зошто тогаш досега не е протеран ниту еден амбасадор од Македонија, што е вообичаена практика во вакви случаи, Груевски рече дека за тоа ќе се одлучува по завршувањето на судскиот процес против уапсените лица.

Според излагањето на премиерот, дел од доказите за случајот „Пуч“ бил пронајден во компјутерот на сопругата на еден од обвинетите. Тој рече дека при приведувањето сигурно не било случајно тоа што обвинетите ги уништувале компјутерите со секира или пак дека си праќале шифрирани СМС-пораки, кои службите наводно брзо и лесно ги дешифрирале.

„Сите овие докази ќе бидат презентирани пред судот. Од МВР ме убедуваат дека имаат цврсти и непобитни докази за соработката на овие лица со странска разузнавачка служба, за примање пари за таа услуга, а еве денеска еден од нив тоа и го признал на судот“, рече Груевски.

Според него, снимањето се вршело со злоупотреба на постојната опрема на УБК и со т.н. тактичка опрема, што е всушност мобилна опрема за прислушување со која се клонираат базни станици.

„Еден од обвинетите е и лицето З.К., еден од главните и најискусни инженери во службата за следење на комуникациите. Тој бил директно врбуван од З.В. за пари. Тој спротивно на законот приклучувал на машината за снимање броеви што ги добивал од З.В. И двајцата осомничени, реализатори на оваа операција, биле убедувани од З.В. дека материјалот ќе биде наменет само за странска разузнавачка служба“, изјави Груевски.

На крајот Груевски рече дека целиот случај мора да има и правна, институционална и политичка разврска. Прашан дали тоа значи и предвремени парламентарни избори, премиерот одговори негативно.

„Ако целта ни беше да го спречиме Заев да ги објави материјалите, логично ќе беше да да ги прифатам неговите барања, неговата уцена. Тука играта не е за техничка влада, туку многу поголема. Јас не калкулирам со националните и државните интереси. Во ниту еден момент не го прифативме барањето за техничка влада. Дестабилизацијата на институциите на системот е токму една од целите на оние што сакаат да го спроведат таквото сценарио. Јас како премиер ќе се спротивставам на кое било такво сценарио“, рече Груевски.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе