Политизација и криминал со пребројувањето

Груевски и Ахмети виделе дека народот им се иселува и го одложиле пописот

Свесни дека поради нивните дејства ќе настапи штетна последица, претседателите на двете партии ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 175.123.909,00 денари со договорот за одложување на пописот во 2011 година, изјави денеска специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.

Истрагата на Специјалното јавно обвинителство покажала дека лидерите на двете партии од владеачка коалиција, Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети, ДУИ, се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите.

Груевски и Ахмети на 10 и 11 октомври 2011 година, откако виделе дека немаат политички капацитет да организираат реален попис и за да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во Република Македонија, што резултирало со огромното иселување на работоспособното население од земјата, се договориле да го одложат пописот.

Договорот бил причините за стопирање на пописот преку медиумите и преку партиските соопштенија да се објаснат како проблеми од техничка природа и неспособност на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика да спроведе ваква операција.

А во позадината очигледно била силата на бројките по нивните политики и договори.

По договорот на Груевски и Ахмети, лесна била реализацијата на запирањето на попишувањето на населението (кое веќе неколку дена било веќе во тек). Бил поднесен предлог на Владата, а овие до Собранието по што послушното собраниско мнозинство веќе на 15 октомври решава да го запре пописот и да го одложи за подобри времиња. И оттогаш ниту една власт не се осмели да организира попис во Македонија за да ги има вистинските бројки на населението на домаќинствата, на етникумите за да може да одлучува врз основа на тие бројки.

Последен пат попис во Македонија е спроведен во 2002 година.

Во 2011 година донесена била политичка одлука за запирање на пописот, биле потрошени повеќе од 11 милиони евра, а за тоа до денес никој од никого не побарал одговорност. Груевски и Ахмети едноставно тогаш сфатиле дека со „законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на нив како лидери на овие партии, па водејќи се пред сѐ од лични интереси, интереси да ја задржат моќта во општеството, одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија во значителен износ од 175.123.909,00 денари“, изјавија денеска од СЈО.

Дончо Герасимовски, поранешниот директор на Државниот завод за статистика и тогаш вработен во заводот во изјавата за МКД.мк за тогашното откажување на пописот вели дека основниот проблем бил во тоа што не се почитувале стандардите и етничкото пребројување.

„Пописот во 2011 година се одложи десетиот ден од почетокот на операцијата. Сите податоци дневно се обработуваа и почна да се склопува некаква слика за етничката припадност на населението. Тогаш проблем беше и исполнувањето на стандардите на Еуростат и на ОН. Во однос на непочитувањето на овие стандарди предупредував уште за време на расправата во собраниската комисија, но Законот за попис се донесе и покрај бројните забелешки за непочитување на меѓународните стандарди. Главниот проблем беше како да се попишат луѓето кои беа на работа во странство. Тука стандардите на Еуростат се јасни - оној кој е повеќе од 12 месеци отсутен од државата се попишува онаму каде што работи, каде што престојува. И странците во Македонија кои се тука подолго од 12 месеци треба да се попишат, тука, во земјава. Не може некој да биде попишан два пати. Доколку не се почитуваат стандардите не се доаѓа до веродостојни податоци“, вели Герасимовски.

Пред почетокот на пописот во 2011 година тогаш претседателката на Државната пописна комисија поднесе оставка.

„Во Република Македонија се спрема уште еден голем пописен фалсификат. Колегите од ДПК од албанската и турската етничка заедница, не оставија минимум простор за доверба дека овој процес ќе се одвива така како што треба, ние се судривме на суштински прашања, а тоа е дали на овој попис може да се употребува фотокопија од лична карта или пасош, што е апсолутно спротивно на законот и спротивно на методологијата на Еуростат. Второто битно прашање на кое се судривме, а на кое се дискутира и на повисоко ниво е пописот на граѓани или државјани на Република Македонија кои се 12 месеци отсутни од земјава. Тоа е исто така спротивно на Законот и методологијата на Еуростат. Во изминатите осум или девет месеци пописот постојано се опструираше со политички и технички прашања кои не беа од суштинско значење за процесот“, изјави тогаш Јаневска.

Тогаш оставка поднесе и потпретседателот на пописната комисија, Абдулменаф Беџети, а на негово место беше именуван Бујар Османи, а членови на комисијата беа и Артан Груби, Лазар Трајчев, Живко Пејкоски и Орце Тодоров.

За нов претседател на комисијата веднаш беше именувана Слободанка Гиевска, која даде оставка неколку дена откако почна пописот.

А.Д.

Можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна.

повеќе

Еден проблем кај Трамп е тоа што му е опсесија да изгледа „силен".

повеќе

Меѓу најпосетените места во градот сѐ уште на прво место и меѓу главните мотиви поради кои доаѓаат туристите во Крушево е вечното почивалиште на Тоше Проески, спомен куќата изградена во чест на него, Манастирот Св. Преображение и многу други.

повеќе