Случај „Траекторија“

Груевски бара од судијата да го спроведува законот кога му суди

Бараме само да го спроведете законот, искоментира Никола Груевски, надоврзувајќи се на барањата и приговорите на неговиот адвокатски тим кој денес во случајот „Траекторија“ околу еден час повторно истакнуваше забелешки и барања до судот. 

Откако судијата Горан Бошевски, кој ја води постапката за овој предмет, соопшти дека ги одбива барањата и приговорите на одбраната дадени на минатото рочиште, а кои се однесуваа на прислушуваните разговори, на записниците, на СМС пораките и на вештачењата, адвокатите не отстапија. И по соопштувањето на одлуките на судот тие повторно бараа збор и ги повторуваа истите приговори и барања.

Адвокатите меѓу другото, побараа и записник и видео снимка од минатото судење за овој предмет, бидејќи без тоа не можеле да продолжат со денешното рочиште.

Судијата Бошевски во еден момент искоментира: „Ваш проблем е дали можете или не можете да го следите судењето“. Но, потоа дозволи адвокатите повторно да ги повторуваат истите барања.

„Бараме доказите да бидат одбиени, бидејќи снимките се веќе јавно објавени и незаконски прибавени. Бараме прекин на денешното рочиште, бидејќи не сме добиле записник, ниту видео снимка од минатото рочиште. Бараме да бидат одбиени доказите кои ги содржат СМС пораките и законот предвидува дека никој невин не може да биде осуден“, рече адвокатот Димитар Дангов.

На ова Груевски се надоврза и му рече на судијата Бошевски: „Спроведете го законот судија“.

Адвокатскиот тим на Груевски се пожали дека ако судот го одбегнува спроведувањето на Законот за кривична постапка тие на обвинетите нема да можат да им понудат правна помош.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова пред судот нагласи дека адвокатите ги повторуваат постојано истите предлози и истите приговори сѐ со цел да се одолговлекува постапката и да не почне давањето на воведни говори.

„Ние не сме ја започнале главната расправа, а немаме пречка затоа. Сите докази им беа дадени на обвинетите, а тие имаат можност и да ги слушнат снимките кои ги бараат. Постојано ги повторуваат истите предлози, а тоа за нас значи одолговлекување на постапката. Бараме од судот да ги одбие предлозите на одбраната и процесот да почне со давање на воведни говори“, рече обвинителката Стефанова.

Судијата Бошевски даде пауза од еден час, по што треба да ги соопшти одлуките за приговорите на адвокатите на Груевски.

Во овој случај им се суди на Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски.

К.Д.

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе

Постојат повеќе административни и технички решенија против плагијаризам што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. 

повеќе

И не само тоа, туку квалитет на слободата. „Слободата нема никаква вредност ако во себе не ја вклучува слободата на грешките" - Махатма Ганди.

повеќе