Груби очекува донесување на законот за ЈО и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби очекува донесување на законот за јавно обвинителство ако, како што изјави денеска, текстот кој е веќе доставен во Собранието се совпаѓа со вчера усвоениот на Влада.

Според него, можно е законот да се усвои до среда, во рамки на очекуваните денови, за да се распушти овој парламентарен состав и да се одржат изборите како што беше претходно консензуално договорено кај претседателот Пендаровски, на 12 април.

Груби рече дека во законот има позитивни решенија, дека сите прашања што биле спорни за ЕУ и за земјите-членки се веќе решени, како и дека се надева на поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Во текстот на законот, дополни, вградени се и забелешките на независните осум пратеници. Треба да се види дали се вметнати и забелешките од ДУИ со оглед дека законот утрово пристигнал во Собранието.

„Ќе треба да го видам текстот, дали е тоа што е договорено синоќа на Влада, дали е тоа што го усогласивме како текст во двата закона и отпосле ќе кажам став во однос на тие два закона, за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Секако дека синоќа заедно со коалициските партнери го усогласивме текстот на законот за јавно обвинителство, но не знам дали е ист текстот што е денеска доставен до Собранието, така што ќе мора да го проверам тоа. Ќе треба да го прочитам, да видам дали е тоа што се договоривме вчера. Ако е тоа, мислам дека ќе завршиме работа во ова Собрание, ќе го усвоиме долгоочекуваниот закон во догледно време за да постигнеме консензуално распуштање на Собранието за да се одржат предвремени избори, истакна Груби во Собранието.

На новинарско прашање дали очекува опструкции од ВМРО-ДПМНЕ, порача дека прво треба да го прочитаат текстот.

„Очекувам прво да го прочитаат законот зашто не верувам дека го имаат прочитано. Законот само што пристигна пред некој час до Комисијата па отпосле ќе биде проследен до сите пратеници. Сметам дека има позитивни решенија ако е останат текстот што го договоривме синоќа. Откако ќе го видат, мислам дека ќе дадат и они позитивно мислење и ќе се придружат на овој текст. Сите прашања што беа спорни за ЕУ и за земјите членки во однос на овој закон се веќе решени. Значи, случаите се веќе пренесени во Јавното обвинителство, случаите се веќе прифатени од судовите, дадени се на истите обвинители, како и доказите се веќе пренесени од СЈО во ЈО. Значи, се што беше спорно во однос на овој закон и потребно да се усвои е веќе решено и тоа им го кажав и на моите холандски пријатели – колеги, а истото го кажав и во Вашингтон и на сите средби коишто ги имав со меѓународната заедница“, потенцира Груби.

Тој потсети дека законите за ЈО и за Совет на јавни обвинители треба да се донесат по скратена постапка.

„Прво треба да помине на пленарна седница потребата за скратена постапка за усвојување на овие закони, па после ќе дојде во прво и второ читање во Комисијата и ќе трае два работни дена при што после се проследува законот до пленарна седница каде што ќе треба претседателот Талат Џафери да го стави на усвојување и овој закон што се надевам дека консензуално ќе биде усвоен од сите пратенички групи во Собранието. Што се однесува до комисиската седница, јас сум убеден дека доколку се е во ред ќе успееме да го завршиме целиот процес до среда за да може да се усвои законот во рамки на очекуваните денови и за да се распушти овој парламентарен состав за да се одржат изборите како што беше претходно консензуално договорено кај претседателот Пендаровски, на 12 април“, објасни Груби.

Тој утрово имаше среда со делегацијата на Постојаната комисија за европски прашања на холандскиот парламент и од неа, напомена, добил охрабрување  дека нашата држава ги има исполнето условите и заслужува почнување преговори за членство во ЕУ. 

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе