„Фокусирани сме на здравјето и закрепнување на економијата“

Груби: Не размислуваме за избори, да не се лицитира со датуми додека не се создадат услови

Сите активности на Демократската унија за интеграција, и партиски и владини, се фокусирани на борба против вирусот и не размислуваме за избори, туку само за здравјето на граѓаните, односно јавното здравје и за закрепнување на економијата, вели Артан Груби во изјава за МКД.мк. Но, кога ќе се создадат услови, за ДУИ избори се прифатливи во секое време.

„Прво треба да се направи добра проценка за здравјето на граѓаните, за ситуацијата со вирусот, па потоа да се размислува дали има воопшто можност да се организираат избори и кога да се организираат. Без да се лицитира со датуми, зашто апсолутен приоритет е јавното здравје пред какви било избори. Ако дозволуваат условите, за нас избори се прифатливи во кое било време, но повторувам, само ако има услови“, ни изјави Груби.

Што се однесува до иницијативата за свикување на Собранието, тој вели дека за жал таква значајна иницијатива не би требало да се поднесува еднострано, бидејќи сите одлуки досега се носеле консензуално, и за формирање на техничка влада и за датум за избори и за одлагање на изборите.

„Би било убаво во тој дух да се продолжи при носењето на одлуките кои ги засегаат сите и да се почитуваат воспоставените правила“, смета Груби.

Тој повторува дека за иницијативата на која се потпишаа група од 35 пратеници, како партија и пратеничка група ниту биле консултирани, ниту биле информирани сѐ до вечерта пред нејзиното поднесување. Вечерта, како што објаснува, му се јавил координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески и го информирал дека ќе поднесат иницијатива, но ниту била побарана поддршка ниту имало консултација.

„Ова е многу голем преседан. Сметаме дека Уставниот суд треба да го има последниот збор. Не сме ја виделе иницијативата, па не сме ни ‘за‘ ни ‘против‘. Како вели Уставот така“, ни изјави Груби, додавајќи дека не може да се прави споредба со распуштањето на Собранието во февруари 2016 година.

Тогаш, вели, имаше одлука за распуштање на Собранието со одложено дејство, и продолжи да си работи.

На забелешката дека претседателот Стево Пендаровски не може да одлучува за продолжување на вонредна состојба во државата без Собранието, Груби коментира: „Во сите апсурди, уште еден апсурд не менува многу...ако граѓаните не се против“.

По барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба кај претседателот Пендаровски, Груби повторува дека одлуките треба да се носат со консензус.

„Небитно е дали кај Пендаровски, со видео врска или телефонски. Формата не е битна, туку битно е одлуките да бидат општо прифатливи за никој да не ги оспорува. Живееме во многу сензитивно време, се соочуваме со нешто непознато за нас и сѐ што се одлучува треба да биде општо прифатливо“, додава тој.

 Ж.П.Б.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе