Интервју со првиот вицепремиер

Груби: И за компании како Телеком, А1, ЕВН е во интерес да вработат луѓе што зборуваат на јазик на другите заедници

Субвенционирањето приватни компании ако вработат Албанци и припадници на други етнички заедници не води кон бинационална држава, туку тоа е уставно начело што се спроведува 18 години, вели првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за МКД.мк. Како еден од приоритетите во работата го наведува распределувањето на преостанатите 1.359 луѓе што земаат плата, а не одат на работа и за кои тој ги потпишува платите. Груби не гледа никаква закана од протестите на ВМРО-ДПМНЕ и смета дека опозицијата, и македонската и албанската е во потрага по свој сопствен идентитет, затоа што нижат изборни порази еден по друг. На прашањето како тој лично го доживува ова што се случува со Гоце Делчев вели дека „секој, кој како што го доживува, треба да го слави делото, ликот на која било историска личност на свој начин“.

Изјавивте дека е можно Владата да субвенционира приватни компании ако вработат Албанци и припадници на други етнички заедници, што предизвика многу реакции во јавноста. Ако зборувате дека вашата мисија е рамноправност и еднаквост, зошто тогаш толку инсистирате на таа етничка димензија?

Правичната и адекватна застапеност е уставно начело согласно со уставните промени по Охридскиот рамковен договор и по ова начело не може да се прави отстапка ниту во државната администрација и засега тој процес се одвиваше на најдобар можен начин. Во заедничката програма на Владата на стр.39 во делот „Еднакво општество за сите“ има параграф што вели дека „Владата ќе го повика, охрабри и соработува со бизнис секторот, односно домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.

Во нашата изборна програма имавме дел каде што предлагаме субвенционирање на овие вработувања за да се запази уставното начело по можност и во домашните компании. Но во хармонизацијата на програмата заедно со коалицискиот партнер дојдовме до оваа формулација што ја споменав. Се обидуваме да бидеме креативни, да најдеме начини на коишто би помогнале на домашните и странските компании што работат во земјава да можат да го запазат и ова уставно начело за правична и адекватна застапеност што не значи и вработување на неквалитетни кадри или вработување кадри што не ги исполнуваат условите. Секако мора да ги исполнат сите услови за работно место каде што би конкурирала личноста.

Не мислите дека ваквиот систем ќе води до бинационална држава?

Апсолутно не. Како водел од 2002 до денеска. Тоа е уставно начело. Правичната и адекватна застапеност е уставно начело согласно со Охридскиот рамковен договор и од 2002 сѐ до денес тоа функционирало. Не гледам зашто би водело до бинационалност или би било нешто различно од пред една година. Тоа е имплементација на нешто што се имплементира веќе 18 години.

Каква е правичната застапеност до сега?

До сега е 20 отсто, а согласно со Рамковниот договор, предвидено е минимум 25,17 отсто.

И за тие 5,17 отсто нудите формула што не поминува добро кај населението…

Затоа што населението можеби не го разбира ова „од прва“. Мора да нагласам дека е уставно начело и веќе се аплицира на сите вработувања во државната и јавната администрација. Ние зборуваме за да најдеме формула тоа да биде успешно и во компании како што се Телеком, А1, ЕВН и други.

Веројатно и во компаниите што се во индустриските зони, но како ќе им го пласирате тоа на сопствениците дека треба да вработуваат од етнички заедници?

Од нивен интерес е. Посебно оние што ги спомнав претходно, зашто нивни консументи се и Албанците. Да речеме Телеком или ЕВН… од нивен интерес е да имаат луѓе што го говорат и јазикот на другите заедници. Не зборувам само за Албанци, туку и за Турци, Роми, Срби, Власи, значи за сите заедници. И не е наметнување, туку отсликување, одразување на карактеристиките на нашето мултикултурно општество. Не треба на сѐ да се гледа од етничка призма, зборуваме за отсликување на општеството во сите пори, било државна, јавна администрација и дури и приватниот сектор.

Ако правичната застапеност сега е 20, а не 25,17 отсто, зошто не се вработени досега тие луѓе? Бевте во власта цело време, зошто не се реализирало тоа?

Работиме на реализација и тоа е динамично. Луѓе заминуваат во пензија, во приватен сектор, си заминуваат воопшто од администрација и флуктуацијата е постојана. Значи не е нешто што е стабилно, статично и ќе си остане на таа бројка. Има луѓе што можеби не се пронаоѓаат во државната и јавната администрација и тоа е постојан процес. Имаше и отпор од некои институции што всушност не постапуваа по законот и по Уставот за правична застапеност.

Од кои институции?

На пример во Војската има единици каде што нема ниту еден Албанец, има многу институции каде што има по 1-2 Албанци вработени.

Сега гледаме дека повеќето од функционерите ротираат од еден во друг сектор, од една во друга институција. Излегува дека тие луѓе се најспособните. Нема други што можат да ги понудат партиите?

Сме имале многу малку кадри што ротирале во нашиот дел на застапеноста. Ако алудирате на Фатмир Бесими, тој се покажал успешен во сите министерства во коишто бил и сега е во неговото матично министерство, каде што најмногу му прилега и гледаме позитивни реакции во јавноста за неговата професионалност и знаење.

Бујар Османи го водеше СЕП, нормално е да продолжи со МНР, Крешник Бектеши беше министер за економија и продолжи, Насер Нуредини е министер за екологија и знаете по професија, струка и образование е многу кадарен да даде свој придонес, го донесовме од надвор, работел во Лондон, Виена. Јетон Шаќири е млад, амбициозен, сметам дека може да помогне во Министерството за информатичко општество и администрација, додека за мојата позиција овде знаете дека бев спонзор на законот за организација на работата на државната управа и Секретаријатот за Охридски рамковен договор да прерасне во Министерство за политички систем. Го знам процесот на изградбата на ова министерство. По однос на директорските места не сме имале некои рокади. Но ако некој се покажал успешен во менаџирањето на една институција, можеби ќе биде успешен и во менаџирањето на друга институција.

Значи повторно се враќаме на етничката димензија, вие ми зборувате за кадрите на ДУИ. Јас не зборувам само за нив одвоено, туку и за СДСМ, од едно министерство во друго, од една институција во друга. Зошто да ротираат истите луѓе?

Знаете, се добива доверба во некои од кадрите дека се добри менаџери, дека можат добро да менаџираат некои институции и ги гледате нивните капацитети кога менаџираат со некоја институција дека имаат поголеми капацитети за да менаџираат и со други институции и ги искористувате нивните можности.

Не верувам дека кој било би си дозволил да назначи личност што е некадарна, неспособна и не би можела да ја сработи работата за која е определена, зашто на крајот одговорноста за поставувањето такви кадри е кај Заев и Ахмети. Но не е лесно да се најдат квалитетни кадри, добри менаџери, ни во земјава, а и никаде во светот, зашто сите си наоѓаат различни можности и во приватниот сектор и во индивидуални бизниси и тешко би се нафатиле на работа во администрацијата. Затоа кога ќе најдеме некој навистина квалитетен и кадарен, се обидуваме да го задржиме и да биде мултифункционален.

Тоа личи малку „зихерашки“…

Тоа се луѓето во политичките партии. Погледнете ги и министерските имиња во сите влади, претежно се истите луѓе што се министри во 2-3 мандати поради искуството во администрацијата, менаџирањето.

Јас би сакал да пријдат квалитетни луѓе зашто има место и потреба од квалитетни луѓе. Имаат отворена врата. Еве го привлековме Нуредини, кој сигурно во Лондон имал поголема плата, но дојде да даде придонес. Јас работев во меѓународни организации, платата ми достигнуваше до 6.000 евра. Никогаш во мојата кариера не сум работел за плата како што имав како пратеник и министер сега. Но се чувствувам исполнет затоа што можам да имплементирам политики и да влијаам врз градењето на политиките. За мене не е сè во парите, туку сакам апсолутно да дадам придонес и се чувствувам исполнето кога работам.

Рековте дека ќе барате работа и признавање на факултетските дипломи на 1.300 лица што се на платен список на вашето министерство…

Се работи за признавање на унапредувањето на нивото на образованието на сите вработени во државниот и во јавниот сектор. На пример, мојата асистентка е вработена пред 11 години, тогаш со средно образование, во меѓувреме дипломирала, магистрирала, а зема плата од 14.000 денари, патува од Тетово до Скопје секој ден.

Која е мотивацијата за млад човек што се надградува себеси и сака да напредува во кариерата, а да остане на истото ниво 10-15 години? Нема мотивација за младите луѓе да работат во јавната администрација. Затоа се промените во законот, за да го признаеме унапредувањето во образованието.

Што станува со тие 1.300 што земаат плата, а не работат? Лошо е кога слушате дека толку луѓе, па нека се и 300, не 1.300, земаат плата за ништо...

Се согласувам. Тоа е еден од апсолутните приоритети во владината програма. Во првите месеци ќе се занимавам со тоа да ги прераспределиме во државната и во јавната администрација. 900 веќе се распределени, остануваат уште 1.359. Бројката звучи страшно, голема е и тоа апсолутно е неприфатливо, но има потреба од луѓе во институциите, па на пример Министерството што го предводам е со 25 до 30 отсто од капацитетот на вработени.

Сите тие 1.359 се во моето министерство и јас потпишувам плати за сите.

Потпишувате плати за луѓе што не одат на работа...

Затоа што таква беше затекната ситуацијата со имплементацијата на уставното начело за правична застапеност. Требаше овие луѓе да се систематизираат во сите директорати, министерства, управи, институции за да се подигне правичната застапеност. За жал, процесот не се одвиваше како што треба, институциите не ги прифаќаа луѓето, луѓето не ги прифаќаа доделените задачи, така што сега предлагаме поинаков пристап.

Од следната недела ќе ги повикаме сите да се пријават на работа, да провериме дали се сите тука, дали има некој што заминал во странство. Ако заминал и не се појавува во определениот рок, тогаш следува отказно решение. За другите се надевам дека без законско решение ќе успееме да ги трансферираме на нови работни места, но ако е потребно, тоа ќе го направиме и со законско решение. Мандаторно каде што ќе бидат распределени согласно со образованието.

Велите да провериме дали некој е заминат во странство, зарем тие немаат обврска да се јавуваат на работа?

Имаат обврска да се јавуваат на работа. Сега правам целосно нова листа и да почнеме од нула. Каде се, што работат, образование, какво им е сивито. Да ги провериме и да ги распределиме.

Колку луѓе треба да има вашето министерство?

Согласно со систематизацијата, има потреба за околу 70-80 лица, а сега се само 31. Нема да има нови вработувања, туку ќе ги преземеме од оваа листа.

Премиерот најави и кратење на администрацијата, каде се овие луѓе во тој план?

Да. Имаме огромен број луѓе што заминуваат во пензија. Тие места претежно нема да се заменуваат, освен оние што се дефицитарни и потребни. Дел ќе заминат во приватниот сектор, може ќе се најде некој таму. Со намалувањето почнавме со министерствата, 7 министри помалку, 7 возачи помалку, 7 секретарки, 7 шефови на кабинети помалку, 7 административни работници помалку.

Каде се тие луѓе, по 7, што ги споменувате?

Тие беа претежно кабинетски вработени со договор на дело, истекува договорот и си одат.

Министерот за правда најави измени во Изборниот законик. Ќе се оди ли конечно на една изборна единица и на отворени листи?

Согласно со разговорите во коалицијата, договорено е да пријдеме кон измена на Изборниот законик со отворени листи за локалните избори. На листите за советници. Тоа да биде пилот-проект и да видиме колку ќе биде успешен и прифатен од граѓаните. Постои страв кај нас од можноста за многу неважечки ливчиња, поради, условно кажано, незнаењето на електоратот да пристапи кон таков начин на гласање.

Гледаме по примерите, таков модел има на Косово и има огромен број неважечки ливчиња, што е лошо за целиот процес, бидејќи нема да биде отсликување на волјата на граѓаните. Ќе треба многу обемна, агресивна кампања за едукација на гласачите, затоа што е нов модел и треба да пристапиме внимателно. Да почнеме со локалните избори со советничките листи за да ја видиме успешноста на моделот за да не избрзаме со модел со кој всушност повеќе би ѝ наштетиле на демократијата отколку што би имале придобивка. За една изборна единица, според резултатите од изборите, разликата не е толку голема, можеби помалите партии би добиле пратеник плус, но тоа не е предмет на разговор засега.

Опозицијата се согласува со тоа?

Верувам дека ќе се согласи затоа што е разговарано претходно. Остануваме на принципот дека Изборниот законик мора да се промени консензуално со вклучување на опозицијата и сите политички партии што се дел од изборите. Тоа се правила за играта во која учествуваат сите.

Сѐ поочигледно е дека навистина не ни треба техничка влада 100 дена пред избори, што беше дел од Пржинскиот договор. Ќе гласате ли за укинување на техничката влада?

Првата изјава против техничката влада беше наша, јас кажав неколку пати, зашто нелогично е во земја членка на НАТО, земја што ќе почне преговори со ЕУ, да имаме потреба од техничка влада поради недоверба во институциите за спроведување на избори. Ова мора да се прекине веднаш и видовме дека е нелогично и непродуктивно решение. Дадовме поддршка уште во почетокот, драго ми е дека го поддржаа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и целосно ќе поддржиме промена на законот за укинување на пржинската влада.

Вашите политички противници почнаа да ви „вадат“ стари активности. Од албанската опозиција ве потсетуваат на настаните на Кале, од македонската реагираат на вашите изјави за Комитите и ве потсетуваат на Шверцерите во МНТ. Го сметате ли ова за товар, ве загрижува ли?

Не, воопшто. Се чувствувам многу исполнето како личност, со апсолутна самодоверба, познавајќи ги сопствените капацитети. Не вообразеност, туку самодоверба во личните капацитети колку можам да постигнам и до каде можам да стигнам. Тоа некој може да го гледа од различна перспектива, но воопшто не се чувствувам оптоварено од каква било критика.

Тоа што ги осудив Комитите е за паролите „добар Шиптар мртов Шиптар“, кои се апсолутно неприфатливи. Истото ќе го направам ако тоа го направат и Шверцерите и Балистите и кој било друг. Градиме општество еднакво за сите, не едно општество за сите. Каде што сите би биле еднакви и со правата и со одговорностите.

Во однос на настаните на Кале, ако се сеќавате, тие беа последица на политиката на владата од 2007 на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА и проектот Скопје 2014. Јас бев дел од невладината „Разбуди се“, која остро протестираше против проектот 2014, градењето. Кога се поставија тарабите на плоштад, поднесовме две претставки во Уставен суд и двете ги добивме, против изградбата на Шпанските скали и црквата врз куќата на Мајка Тереза на плоштадот. Јавноста мора да се сеќава дека тоа беше наша претставка исто како и за бејби бум-политиката што ја наметна тогашната влада. Настаните на Кале беа продолжение на спорниот и скандалозен проект Скопје 2014 со градењето објекти на Кале, со што ќе се сменеше целиот лик и целата историја како што се смени целиот лик и историја на нашиот главен град.

Тогаш владејачката партија носеше луѓе на контрапротести на протестите. Ние имавме најавено протести и политички организирани луѓе дојдоа на контрапротест на протест на невладина организација, што беше намерна провокација за да се испровоцира таков инцидент. Не сум зборувал за ова јавно досега.

Инцидентот се случи на 13 февруари 2011, дента или утредента имаше состанок меѓу нашата влада и американскиот потпретседател Бајден, на која требаше да се разговара за решение за прашањето за името и кој беше несреќен, неуспешен и не беше како што беше планирано да се одржи. Се сеќава јавноста, вие се сеќавате лично на тој состанок и јас мислам дека инцидентот на Кале се искористи за да се дефокусира јавноста од огромното потфрлување во Вашингтон за решавање на прашањето со името. Па се искористи да се оди на избори во јуни 2011.

Жалам ако била намерата некој да испровоцира инцидент за да се дефокусира јавноста за огромното потфрлување во решавањето на прашањето со името.

Зборувате дека сте биле против Скопје 2014, а вие бевте дел од власта што го реализираше проектот.

Одлуката беше донесена откако на владина седница беше претставен сон што го имал еден од членовите на кабинетот на тогашната влада за изградба на црква, па проектот еволуираше во Скопје 2014 и тоа беше донесено за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, а финансиските импликации беа повеќегодишни. Сѐ уште можеби владата ги плаќа обврските што ги има од Скопје 2014.

Ама Вие бевте дел од владата што го реализираше проектот...

Тој беше осмислен и донесен, ние се обидовме да го смениме карактерот на проектот, се обидовме дел од проектот да биде плоштадот Скендербег. Направивме дел од него да биде Театарот на националностите во Старата чаршија и изградбата на библиотеката и театарот во Тетово. Идејата беше доколку дадеме придонес, да дадеме со конструктивни и продуктивни институции што ќе им помогнат на граѓаните, а не со споменици и други идеолошки идеи во тој проект.

Гледате ли закана од опозицијата со секојдневните протести што почнаа веднаш по формирањето на владата, со оглед дека имате тесно мнозинство во парламентот?

Не. Гледате дека луѓето не одговараат на протести. Мислам дека опозицијата е во потрага по свој сопствен идентитет, и албанската и македонската, затоа што нижат порази еден по друг. Албанската опозиција има шест порази од ДУИ откако постои, вклучително Алтернатива, Алијанса, Беса, Движењето за реформи во ДПА или ако сакате дел од претходните партии како што е ДПА, тоа им е 20-ти пораз по ред. Истото се случува можеби и во ВМРО-ДПМНЕ, гледаме внатрешни превирања, тоа се нивни внатрешни работи, можеби начин за наметнување на теми што би биле избегнување на внатрешните превирања и ситуации по изборните порази еден по друг.

Ама внатрешните превирања се рефлектираат на целокупната политика, на целото општество и не може да ве заобиколат вас како влада.

Да. Ама исто така сметам дека како демократска култура би требало пратениците во Собранието да дадат свој придонес за верификацијата на мандатите на нивните колеги пратеници. Не знам пример каде било во светот, во нашата практика, во нашето Собрание да не се учествува во работата на собранието за верификација на мандат на колега пратеник, што е апсурдна одлука и показател за демократските капацитети на опозицијата, дали е таа албанска или македонска. И двете постапија заеднички координирано во однос на тоа.

Друга демократска култура се првите сто дена на владата што би требало да се испочитуваат, да ѝ се даде простор на новата влада да се воспостави и да може да ја развие својата програма. Имајќи ги предвид овие две точки сметам дека можеби овие настапи на опозицијата всушност се обид за дефокусирање на јавноста, а претежно на нивното членство од внатрешните превирања и барања за одговорност.

Какви ќе бидат Вашите активности како прв вицепремиер во однос на односите со Бугарија, вклучувајќи го и последниот меморандум до ЕУ, негирањето на јазикот и идентитетот, можната блокада во Унијата?

Договорот што го постигнавме со нашиот сосед е огромно постигнување и беше поздравен од целиот демократски свет, заедно со Преспанскиот договор и заокружувањето на нормативниот дел од Охридскиот договор. Духот во кој беше склучен тој договор и усвоен беше дух на пријателство, на добрососедство и европски дух на постигнување договор меѓу два соседа. Сметам дека во тој дух ќе се продолжи во односите со Софија и дека ќе најдеме заеднички јазик и дека нема да се попречи нашиот пат кон ЕУ, посебно на првата меѓувладина конференција на нашата земја, со што ќе ги почнеме и формално преговорите со ЕУ. Се надевам дека внатрешните превирања и внатрешната ситуација, како и изборите што треба да следат во Република Бугарија нема да влијаат, туку напротив, ќе дадат придонес на нашиот пат кон ЕУ. Јас мислам дека со дијалог, со разбирање, ќе постигнеме заеднички јазик со нашите соседи.

Вие лично како го доживувате ова што се случува сега со прашањето за Гоце Делчев?

Сметам дека секој, кој како што го доживува, треба да го слави делото, ликот на која било историска личност на свој начин. На Скендербег има споменици во Рим, во Париз, секаде низ светот и го слават и во Италија и во Албанија и во Македонија и на Косово. Со тоа што не се фокусираат на неговото потекло. Или ликот на Мајка Тереза, се слави секаде во светот. Можеби со таков универзален пристап би требало да се пријде со нови либерални вредности во двете општества кон тоа што ни е значајно и свето. Да се почитува тоа што е свето за другата страна, но и обратно. Мора да се постигне еднаквост и многу повисока свест за почитување за тоа што е значајно за човека, за тоа што е значајно за општеството. Кога ќе го постигнеме тоа ниво на општествен развој, мислам дека ќе немаме пречки ниту за јазик, ниту за застапеност, ниту за културни и историски личности или какви било вакви спорови.

Вие зборувате македонски јазик и јас го ценам тоа до крајот на светот, затоа што сте определени, тоа е ваш мајчин јазик и го почитувам целосно и за мене нема апсолутно никаков спор, како што не би требало и за вас да има, обратно. Исто би требало и со нашите соседи. Нашите сограѓани Македонци, а и јас, сме го учеле Гоце Делчев и во основно и во средно училиште. Затоа сметам дека со еден ваков универзален пристап може да се надминат какви било предрасуди.

Жана П. Божиновска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Сабота, Септември 19, 2020 - 08:28

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе