„Ова парламентарно мнозинство, оваа Влада опстои и шансата да се добие датум за отпочнување на преговори на 14 декември веќе е реална. Сметам дека парламентарното мнозинство и пратениците кои поддржуваат евроатлантска Северна Македонија ќе расте и убеден сум дека во деновите пред нас и други пратеници ќе се придружат на ова парламентарно мнозинство кое ќе расте и ќе опстои за да ја спроведе програмата што ја поддржаа граѓаните на парламентарните избори“, рече Груби.
По обвинувањата од Беса дека се врши притисок врз уште еден нивни пратеник, Груби вели дека „апсолутно не прават притисок“
„Таканаречената коалиција Левица е таа која што правеше притисок врз пратениците за да не ја искажат својата волја, своите убедувања нивните пратеници како што им прилега. Случајот со Кастриот Реџепи беше еклатантен и самиот изјави дека има притисоци од својата матична партија, од своите довчерашни сопартијци за да не гласа по свое убедување. Јас не верувам дека во тие политички партии нема пратеници кои што не сакаат Македонија да ги отпочне преговорите.
Се надевам дека лидерите на тие партии кои се соединија со левица на Апасиев, со ВМРО-ДПМНЕ ќе им дозволат на своите пратеници по нивно лично сопствено убедување да гласаат и да поддржуваат европски агенди на оваа влада и ова парламентарно мнозинство. Се надевам дека нема веќе да им вршат притисок на своите пратеници“, одговори Груби на новинарско прашање.
Тој додаде дека не верувам дека сите тие 61 пратеник кои се потпишаа на иницијативата биле свесни дека всушност влагаат во агенда на уништување на европскиот сон на граѓаните на Македонија.
„Тука е клучното прашање, зошто некој ги стави во заблуда сите тие пратеници за агендата на кои било заинтересирани страни за Македонија да потфрли во евроинтеграцискиот процес“, изјави тој.
Во однос на настаните на политичката сцена во претстојниот период вели дека е убеден дека пратениците во собранието кои увидоа дека се доведени во заблуда ќе дојдат во парламентарното мнозинство. На прашањето дали имаат контакти со Алтернатива, Груби одговори:
„Не само со Алтернатива, туку и со Беса, со Алијанса, со ВМРО-ДПМНЕ. Немаме контакти апсолутно никакви само со Левица и нема да имаме. Сите пратеници кои се определени да ја видат државата во ЕУ треба да дојдат во парламентарното мнозинство и да ја поддржат владата“.