Интервју

Грозданова: Жените се поранливи на климатските промени од мажите

Министерството за труд и социјална политика е активен чинител во актуелната кампања „Жената во фокусот на климатските промени – како се креираат политики кои ќе им овозможат на жените да излезат од сенка“. За тоа зошто е половата разлика толку битна кога зборуваме за климатските промени зборуваме со м-р Елена Грозданова, државен советник за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика.

Родовиот аспект на климатски промени во нашата држава активно почна да се анализира пред три години, во рамките на регионалниот проект поддржан од Глобалната програма за поддршка (Global Support Programme) и од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). За краток период родовиот аспект почна да станува дел од националните планови и двогодишни извештаи за климатски промени.

Оваа иницијатива ја зајакна соработката помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за труд и социјална политика и создаде услови за вклучување на родовите и климатските промени во новите стратешки документи, што се во фаза на развој. За таа цел во тек е кампања „Жената во фокус на климатските промени – како се креираат политики кои ќе им овозможат на жените да излезат од сенка“.

Климатските промени и последиците од нив не препознаваат пол, раса, национална припадност… Која е разликата во делувањето на климатските промени и половата различност?

-Кога зборуваме за климатските промени и нивното влијание треба да напоменеме дека  истите имаат влијание секаде во светот вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Но, климатските промени не се неутрални според полот. Ова значи дека постоечките социјални влијанија ги зголемуваат постоечките нееднаквости помеѓу жените и мажите пред сѐ во нивната ранливост и способност да се справат со овој глобален проблем и предизвик.

Поради тоа во изминатиот период се зборува многу за родовата ранливост, односно ранливоста на лицата кон климатските промени што делумно зависи од родовите улоги и односи, на пример жените од руралните средни во земјите во развој се едни од најранливите групи. Тоа е затоа што тие и нивниот опстанок често пати зависи од природните ресурси кои ги користат за свои средства за живот, работаат најголем дел од земјоделските работи и се одговорни за обезбедување на вода и огрев.

Како оваа полова разлика ќе се предочи во стратешките документи на Македонија во однос на климатските промени?

-Имајќи предвид дека и Република Северна Македонија не е поштедена од климатските  промени, Владата и Министерството за труд и социјална политика како одговорна институција за креирање на политики за унапредување на родовата рамноправност и воспоставување на еднакви можности го прифати предизвикот со цел обезбедување на адекватен одговор на состојбите што ги носат климатските промени и понудената поддршка на УНДП за спроведување на активности и иницијативите кои се однесуваат на родовата перспектива и климатските промени.

Последните институционални напори на ова поле се во насока на фактот дека постои одлична институционална средина за поврзување на климатските и родовите политики, што се должи на силната посветеност на клучните министерства. Во таа смисла, Министерството за труд и социјална политика активно ги поддржува и учествува во имплементацијата на стратешки документи со цел да воведе систематски пристап во третирање и решавање на проблемите на ранливите групи, особено на жените од руралните средини.

Истражување за климатски промени, УНДП и Министерство за труд и социјална политика

Како овој аспект се инкорпорира во документитете за родова еднаквост?

-Како почетна точка за овој процес беше идентификувана предлог Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026, во која e воведена нова стратешка област за родот и климатските промени како и формирање на постојана под-група за род и климатски промени во рамки на Интер-ресорската група за еднакви можности на жените и мажите како група на Владата на РСМ која што е одговорна за следење на имплементацијата на стратешките активности. Во таа смисла, Министерството за труд и социјална политика преку секторот за еднакви можности има носечка улога во подобрување на националните документи и стратегии.

Каква е соработката со Министерството за животна средина?

-Постои одлична соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање кое што во овој период подготвува Стратегија за климатска акција каде што ќе се земе предвид родовата димензија на оваа проблематика. Преку поддршката на УНДП овие паралелни процеси се следат и поддржуваат со намера да се адресираат жените од руралните средини како најранлива категорија кога станува збор за климатските промени.  

На тој начин се подобрува изработката на стратешките и правните документи, па така во Стратегијата за родова еднаквост се обработуваат ефектите од климатските промени, додека пак Стратегијата за климатска акција ќе биде родово одговорна и ќе ги адресира потребите на жените од руралните средини. Овие стратешки документи ќе послужат како основа за подготовка на стратегии и планови од други сектори во насока на остварување на стратешките цели.

Која е улогата на канцеларијата на УНДП во Македонија?

-Во рамки на Глобалната програма за поддршка (GSP) канцеларијата на УНДП во Република Северна Македонија го препозна потенцијалот за зајакнување на институционалната поддршка при креирање на политики од оваа област и од јули 2020 во рамките на секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика се вклучени двајца соработници кои се ангажирани да даваат поддршка на секторот за еднакви можности. 

Развојниот пат на прашањето за третирање на проблемите на жените кога станува збор за климатски промени е секако во зајакната институционална соработка, па во таа смисла покрај постоечката соработка со Министерството за животна средина, сметам дека во иднина треба да се зајакне соработката од оваа област и со Министерството за економија и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Инаку конкретно во Стратегијата за родова еднаквост 2021 - 2026 е предвидено жените да се заштитени од влијанијата на климатските промени преку еднаков пристап до системите за рано предупредување и мерките за намалување на ризиците и до финансиски механизми за покривање на штети.

Што станува со законската рамка на оваа проблематика?

-Родовата рамноправност и климатските промени се дел и од новиот Закон за родова еднаквост кој е во подготовка и до крај на годината ќе биде усвоен од Владата. Вклучувањето на аспектот на климатските промени во подготовката на новиот Закон за родова еднаквост е исклучително важно, бидејќи дава институционален импулс и правна обврска за земање предвид на родовата нееднаквост при креирањето на политики и одлуки од страна на централната власт.

Во прилог на горното се и резултатите од иновативното истражување кое го направивме со УНДП и кое ни овозможи да собереме конкретни искуства од 1.200 испитаници низ целата држава. Се грижевме да имаме рамномерна распределба на испитаници по пол, возраст, националност, место на живеење... Добивме вредни искуства, увид во проблеми со кои се соочуваат, но и позитивни искуства кои можат да им помогнат на други. Добивме богатство од податоци кое го искористивме да ги креираме политиките и стратегиите спомнати погоре.

Сценаријата поврзани со промени на температурата и врнежите за нашата држава покажуваат слика на сѐ почести и посилни климатски екстреми (поплави, суши, топлотни бранови...) ако не се намалат емисиите на стакленички гасови.

Ова што го зборувам можеби звучи политички и неразбирливо, но целта на сите овие активности е да се покажат две работи: дека луѓето се во фокус кога станува збор за климатските промени, но и дека луѓето се тие што треба да преземат акција.

Да, луѓето, без разлика на пол, раса, национална припадност...

-Поделбата на мажи и жени, доаѓа од потребата да се знае целната група за да се зголеми ефикасноста на спроведување на планираните климатски акции. Еве со пример да објаснам, токму за жените земјоделки. Кај нас многу малку жени поседуваат земја, но многу се земјоделки и на многу од нив земјоделството им е единствен извор на приход. Тоа значи дека се многу ранливи на климатските промени и на предизвиците кои тие ги носат, најмногу поради тоа што не располагаат со знаење (кои култури да ги садат кои се отпорни на климатските промени, како и кога да се сади, наводнува и сл.), но се и неконкурентни (не можат да земат кредит или субвенции за да инвенстираат во нови технологии затоа што немаат сопственост). Од друга страна, истражувањето покажа дека жените се агенти на промените кога станува збор за климатски промени и дека се многу добро „вмрежени” во заедницата и можат на многу поголемо ниво да направат позитивни промени. Нивните одговори се повик за помош, кој Министерството за труд и социјална политика го слушна. Затоа, фокусот во новите стратешки документи е на жените земјоделки, со цел да се надминат проблемите идентификувани погоре.

Што друго покажа ова истражување?

-Кога станува збор за мажите пак, истражувањето покажува дека тие се доминантни носители на одлуки во семејствата и најчесто тие располагаат со буџетот во ситуации кои се справуваат со климатските промени. Од друга страна, најмалку се активни во какви било климатски акции, без разлика дали се однесуваат на намалување на емисиите на стакленички гасови или на промена на домашните практики.

Овие искуства ќе ги користиме и понатаму и ќе се обидеме до крајот на годината да ги преточиме во акциски план со кој ќе им овозможиме подеднакво и на мажите и на жените да станат отпорни на климатските промени. 

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе

За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. 

повеќе