Преговори за името

Грција пак го враќа иредентизмот, а тоа за нив е бришење на АСНОМ од Уставот

Од самиот почеток на преговорите за проблемот што Грција го има со уставното име на Македонија, првата страна постојано го споменува проблемот со иредентизмот. Тоа, според таа страна, е грижата на Македонија за македонските малцинства во соседството и промена на знамето, симболот на шеснаесетокракото сонце од Кутлеш. Македонија госмени Уставот, го смени знамето, ама Грција и натаму има проблем со иредентизмот.

Најчесто ова прашање го отвора грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кој според грчките познавачи на работите e играчот од сенка на политичката сцена околу кого се договараат сите тактики за преговорите за името. Во последната негова изјава во врска со иредентизмот, Павлопулос рече дека кога зборува за ова мисли на три работи. „Не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт“, изјави Павлополус.

Ако ова го прегледаме преку Уставот на Република Македонија, ќе дојдеме до АСНОМ, до обединета Македонија и до македонскиот јазик, теми за кои, според македонски извори, сериозно се дебатира на преговорите.

Во преамбулата на Уставнот на РМ пишува: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија“.

Во историските одлуки на АСНОМ е и решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава.

А за таа држава во Декларацијата на АСНОМ пишува: „Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“.

Овие три точки, македонски јазик, одлуки на АСНОМ и обединета Македонија, очигледно е дека предизвикуваат сериозна алергиска реакција кај грчките политичари. Не случајно е и нивното брзо одбивање на предлогот за новото име Илинденска Македонија. Грчката надворешна политика во актуелните преговори за името тврдо стои на ставот дека Македонците треба да заборават на каква било можност за барање на корените во античкото време. Не случајно тие постојано инсистираат на истакнувањето на словенското потекло на Македонците. А за Македонците во Грција, грчката политика продолжува со спроведувањето на нивната национална стратегија, а тоа е бришењето на македонското национално малцинство, непочитување на нивниоте основни малцински права и упорното убедување дека се тие „Грци по род“.

На маса на актуелните преговори за името дури било побарано и бришење на поимот Егејска Македонија од сите македонски учебници, што за Грција и понатаму е доволна асоцијација за наводните територијални претензии.

За грчките политичари АСНОМ е извор на иредентизмот, а за Македонија темел на државата.

А.Д.

Можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна.

повеќе

Еден проблем кај Трамп е тоа што му е опсесија да изгледа „силен".

повеќе

Меѓу најпосетените места во градот сѐ уште на прво место и меѓу главните мотиви поради кои доаѓаат туристите во Крушево е вечното почивалиште на Тоше Проески, спомен куќата изградена во чест на него, Манастирот Св. Преображение и многу други.

повеќе