Грчките медиуми пак објавија нацрт-договор

Грција ги заострува условите, за Павлопулос условите се промена на Уставот и „име без иредентизам“

„Кога велиме иредентизам, мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт“, изјави вчера грчкиот претседател Прокопис Павлополус.

Сложено име, но во форма на еден слеан збор, за сите употреби, предлага Атина во нацрт-спогодбата што ја објавува грчкиот весник „Неа селида“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, во текстот, најавен на насловната страница како „Ексклузивно – седумте точки на грчкиот предлог до Скопје“, новинарот ги открива позициите на Грција, кои во изминатиот период беа објавени и во други грчки медиуми. Во однос на името, тоа да биде во еден збор, слеано, без превод, весникот, се повикува и на одлуката на Грчката академија на науките и уметностите од пред 14 години.

„Во прашањето за името, грчката Влада предлага сложено име, непреведено за сите употреби (ерга омнес). На пример, земјата може да се вика „Горнамакедонија“, а не „Горна Македонија“, односно со два збора. Вреди да се спомене дека Грчката академија на науките и уметностите на седницата зад затворени врати на 11 ноември 2004, одлучи да предложи сложено име во еден збор без превод и како што беше објавено во 2008, беше предложено името „Новамакедонија“, пишува весникот.

Во продолжение, новинарот ја споменува и кратенката „МК“ која „Грција не ја прифаќа“ и како што јужниот сосед, меѓународно од „Greece“, ја користи ознаката „GR“, така за нашата земја, според весникот, новата кратенка би можела да биде „GO“ или „GM“ (од Горнамакедонија). „Неа селида“, во анализата, го споменува и идентитетот.

„Во однос на идентитетот на граѓаните на мултинационална земја, тие ќе можат да се самоидентификуваат како „граѓани на Горнамакедонија“, така што ниту една етничка група нема да се чувствува дека е „потчинета“ или ѝ се прекршени нејзините права, пишува „Неа селида“, објави МИА.

Според весникот, официјална Атина сака целосно решение на сите прашања, а меѓу нив иредентизмот, особено во учебниците.

„Неа селида“ коментира дека со отстранувањето на споменикот на Александар Велики од внатрешноста на скопскиот аеродром, се отвора патот за повторно авио-поврзување на двете земји.

„Првиот лет по 12 години ќе биде дипломатски и ќе го однесе Никос Коѕијас во Скопје, веројатно во средината на март“, пишува весникот.

Вчера се јави и претседателот на Грција.  Промена на Уставот и име кое нема да зрачи иредентизам, а ќе обезбеди три гаранции: „не“ за промена на границите, „не“ за етнички заедници вон границите и „не“ за јазик што би настојувал на права вон границите. Ова, според грчкиот претседател Прокопис Павлополус, се предусловите за решавање на спорот за името и постигнување договор меѓу Атина и Скопје.

„Прво да го сменат нивниот Устав, а потоа, кога ќе стигнеме до каков било договор, во овој договор ќе има име кое нема да зрачи иредентизам. И кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт“, изјави Павлопулос, вчера од грчката општина Пиндас-Колиндру, каде што беше прогласен за почесен граѓанин.

Павлопулос потенцираше дека е потребна промена на Уставот како основен предуслов за решение, но и „за заштита на самиот премиер на ПЈРМ“.

„Не може во моментот кога доаѓаат да се договорат за компромисот кон кој и тие се стремат, да ти кажат: овој компромис ќе го направиме, но не можеме сега да го смениме Уставот, ќе го смениме во иднина. Дали е тоа демократска земја? Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто“, додаде Павлопулос.

Според грчкиот претседател, ставот на Грција е јасен и е во согласност со меѓународното и европското право и не е „Грција одговорна доколку самите, со нивниот став, ја поткопуваат нивната НАТО и ЕУ перспектива“.

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини.

повеќе

Внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

повеќе

Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови - но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонскиот словенски, вели Петрос Карацареас, лектор по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот на Вестминстер, Велика Британија.

повеќе