Фотофиниш од преговорите

Грчките преговарачи се судии, дипломати, професори... кој е нашиот експертски тим?

Судии, професори по меѓународно право, искусни дипломати... десетина на број се дел од тимот на грчкото министерство за надворешни работи за преговорите со Македонија за проблемот што Грција го има со нашето уставно име. Имињата на овие луѓе во грчката јавност се одамна познати. Од македонската влада и од македонското министерство за надворешни работи повеќе од десетина дена немаме никаков одговор за тоа кој е тимот што ги подготвува Зоран Заев, Никола Димитров, Васко Наумовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи или Артан Груби за преговорите за името.

Харис Памбукис, Фотини Пазарци, Антонис Бредимас, Петрос Лиакурас, Антонис Ѕанакопулос се имињата на професорите по меѓународно право што се дел од грчкиот тим на преговорите. Сите тие биле дел од тимовите и на претходните влади во Грција, на премиерите Папандреу, Самарас, Симитис... Памбукис, на пример, бил и поранешен генерален секретар на МНР и креатор на стратегијата на Папандреу од 2009 година за непрекинат пакет со барања во преговорите за разликите со името.
Бредимас е професор по меѓународно право задолжен за прашањата за спорните територијални води во Егејско Море, Лиакурас е професор по меѓународно право и надворешна политика задолжен за национални прашања и преговори, Ѕанакопулос е професор по меѓународно право на Оксфорд, брат на портпаролот на грчката влада и човек од доверба на Ципрас... 
Христос Роцакис е грчки судија и претседател на административниот трибунал на Советот за Европа, поранешен заменик министер за надворешни работи во 1996 во владата на Костас Симитис. Парула Пераки е поранешна судијка за човекови права во Европскиот суд и УНЕСКО.
Во Владата задолжени за прашањето за името се и браќата Евангелос и Георги Калпадакис, првиот директор на дипломатската канцеларија, а вториот директор на канцеларијата на МВР на Грција. Тука се и портпаролот Димитрис Ѕанакопулос и Екатерини Кока, директорка на дипломатската канцеларија.
Ова се луѓето што ги подготвуваат материјалите и брифинзите за шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, премиерот Алексис Ципрас и преговарачот Адемантиос Василакис.
Упорно, веќе десетина дена го бараме тимот на експертите што стојат зад Заев, Димитров и Наумовски. Одговор не добивме.
Еве што изјави вчера професорот и граѓански активист Владимир Милчин за досегашниот тек на преговорите: „Не смееме да направиме потег што не е добро пресметан и не е добро промислен, во врска со преговорите за името. Немам впечаток дека моментално во Македонија се прават сериозни анализи, консултации со луѓе што знаат, со експерти што поседуваат чувство на одговорност“, вели Милчин. 
Од Грција, пак, дознаваме дека на 1 февруари нивниот научен совет се состанал на тема воспоставување правна рамка на договорот што ќе се понуди на македонската страна пред доаѓањето на Коѕијас во Македонија. Нивниот предлог е спогодбата со Македонија да биде во форма на меѓународен договор и рамка со рокови (за наредни години) за исполнување на барања за целосна интеграција на Македонија во ЕУ (до 2025) и НАТО со вградени одредби да се иницира измена на Уставот (замена на термините Македонија/македонски народ, јазик и црква) на Република Македонија.
Договорот ќе има сила како меѓународен договор (како што е Привремената спогодба) и ќе преовладее над Уставот на Македонија во смисла дека, според договорот, внатрешната одредба не може да се повика на непочитување на меѓународната обврска. 
Од другата страна, пак, упорно повторуваат дека се за географска одредница, ама против промена на Уставот и придавки за идентитетот и јазикот. 
Убеден сум дека сите во државата сакаат решение. Прашањето е дали тоа решение ќе го зачува нашето достоинство и ќе го зачува нашиот идентитет, тука е суштината и верувам дека тоа е можно. Консензусот е уште попотребно кога знаеме дека тоа е прашање од национален интерес и тоа е крајот на неговото решение за учество на сите и сите да ја делат одговорноста, но и придобивките од решавањето на овој проблем“, изјави неодамна Заев.
Можно е да се создаде национален консензус, вели Заев, ако во Македонија политичките актери се информирани меѓусебно и ако тие заеднички изградат стратегии кои, според неговите зборови, владата преку своите претставници ги пренесува и на претседателот , опозицијата, како и во парламентот. Заев смета дека конечното решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција може да се постигне до крајот на мај оваа година.
Наспроти ова стојат изјавите на Коѕијас, меѓу која е и оваа: „Грчката страна ќе ја прави спогодбата во т.н конечен договор за промена на името со придавка со словенска транскрипција, кој ќе се ратификува со +61 со импликација за измени во Уставот".
До крајот на месецов или почетокот на март се очекува Коѕијас да дојде во Скопје и некои од работите за името да бидат појасни. Нејасно останува кои се експертите со кои се консултираат македонските преговарачи за името. 
 
А.Д.
 

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе