Грчкиот парламент формира група за пријателство со земјава

Во грчкиот Парламент, во тек е процесот за формирање парламентарна Група за пријателство Северна Македонија – Грција, а до пратениците веќе бил испратен допис, оние кои што сакаат да се пријават за учество во групата. 

Станува збор за избор на пратеници од грчка страна, кои заедно со нивните македонски колеги од Собранието, ќе бидат дел од Групата за пријателство Северна Македонија – Грција.

Пракса е во ваквите парламентарни групи да учествуваат пратеници од сите партии што се дел од грчкиот Парламент. Останува, во текот на следниот период, а според информациите на МИА, можеби дури и во текот на следната седмица да биде познат составот на грчката група и од кои партии ќе бидат нејзините членови.

Според информациите на официјалниот сајт на грчкиот Парламент, парламентарните групи за пријателство „се формираат со одлука на Претседателот на Парламентот, по писмено барање од пратениците“, во групите учествуваат, „по можност, пратеници од сите пратенички групи“, а „предмет на парламентарните групи за пријателство е зајакнување на парламентарната дипломатија на меѓународно билатерално ниво“.

Бурнус: Групата за пријателство е уште еден во градењето доверба и соработката меѓу двете земји

Пратеникот од СИРИЗА, Јанис Бурнус, кој беше дел од грчката делегација во Скопје, предводена од тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, во разговор со дописничката на МИА од Атина, коментира дека оваа разврска е исклучително важна и позитивна, „особено ако се земе предвид дека доаѓа од влада која до изборите се бореше против Договорот од Преспа“ и открива дека лично тој, сигурно ќе се пријави за да бидат дел од групата.

– Штом завршиме со разговорот, ќе одговорам на мејлот дека би сакал да бидам во оваа Група за пријателство, особено ако земеме предвид дека со Алексис Ципрас како премиер, кога го посетивме Скопје и Собранието,се сретнавме со луѓе кои веќе имаа формирано група за контакт со Грција и не прашуваа кога ќе се формира истата таква група во грчкиот Парламент. Тоа е разврска која ја чекавме, тоа е уште еден чекор во градењето доверба и соработката на двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа – вели Бурнус.

Во однос на тоа какви се неговите очекувања за составот на групата, пратеникот од СИРИЗА, изразува надеж дека ќе има претставници од сите партии, со исклучок на Грчко решение, која е радикално десничарски ориентирана.

– Овде ќе се покаже кои се позициите и намерите на секоја партија. За она што можам да ве уверам е дека од СИРИЗА ќе постои богато учество затоа што политички ќе го одбраниме историскиот избор што го направивме со Договорот од Преспа. Се надевам, со исклучок на Грчко решение, што е радикално десничарска и популистичка партија, дека од другите партии ќе видиме присуство, се надевам дури и од Нова демократија, впрочем по изборите кога го добија посакуваниот резултат рекоа дека ќе го почитуваат договорот – додава пратеникот од СИРИЗА за МИА.

Во грчкиот Парламент постојат 77 Групи за пријателство

Според податоците на официјалниот сајт на грчкиот Парламент, постојат 77 парламентарни групи за пријателство со исто толку земји и „ги покриваат парламентарните односи со Парламенти од Европа, Америка, Азија, Африка и Океанија“.

„Средбите на Групите за пријателство имаат за цел зајакнување на соработката со Парламентите од сите земји, презентирање на позициите на Грција за важни меѓународни прашања, промовирање на националните прашања и зајакнување на меѓународната соработка“, пишува на официјалниот сајт на грчкиот Парламент.

Меѓу 77-те земји со кои грчкиот Парламент има воспоставено соработка преку парламентарните групи се сите земји од регионот (и оние кои што се членки на ЕУ и оние кои што се кандидати), поголемиот број европски држави, дел од арапските земји, но и САД, Кина и Русија.

Секоја од групите има претседател, потпретседател, секретар и членови.

Доколку се направи анализа, бројот на членовите во секоја од групите е различна, во зависност од земјата. Па така на пример, има Групи за пријателство што немаат ниту еден член или само три, а некои и над 50, јави дописничката на МИА од Атина.

Од земјите од регионот, Групата со Црна Гора има само три членови односно претседател, потпретседател и секретар, по шест членови имаат Групите за пријателство со Словенија и Хрватска, со Босна и Херцеговина и Бугарија седум, со Албанија има 17 членови, а со Србија е меѓу побројните со 30 членови, вклучително и претседателот, заменикот и секретарот.

Групата за пријателство со Германија има помалку членови од онаа со Албанија или Србија и изнесува 16, а со Франција има еден повеќе.

Меѓу најбројните се Групите за пријателство со Русија и САД со 62, односно 56 членови.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе