Портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека изборот да не брзаат со ратификација на меморандумите се покажува како правилен избор, бидејќи тие се механизам за контрола на правилното спроведување на Договорот од Преспа.
„Владата нема да се вмеша во внатрешните работи што во моментов се во тек во Северна Македонија. Како и да е, може да се сфати дека нашиот избор да не брзаме со ратификување на меморандумите во изминатиот период, се покажува дека е избор што всушност е точен и правилен, со оглед на фактот дека меморандумите претставуваат еден механизам за контрола на правилното спроведување на Договорот“, изјави Иконому, одговарајќи на новинарско прашање за последните случувања во земјава, но и за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за употребата на името Северна Македонија.
Ратификацијата на меморандумите беше едно од прашањата за кои за време на официјалната посета на Атина минатиот разговараше и претседателот Стево Пендаровски со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
На средбата со Мицотакис, Пендаровски го покрена и прашањето за трите меморандуми што чекаат на ратификација во грчкиот парламент и доби објаснување дека внатрешната политичка динамика на Грција е специфична и дека најмногу од тоа ќе зависи ратификацијата на тие договори.
„Премиерот треба да му ги предложи на парламентот и замоли за трпение бидејќи, како што рече, немаат ниту една причина да го рушат Преспанскиот договор без разлика на неговиот став пред потпишувањето и во првиот погоден политички момент кога ќе биде можно ќе ги поднесат за ратификација. Нема намера да се опструира договорот ниту билатералната соработка“, изјави тогаш Пендаровски по средбата со Мицотакис.