Партиите во Грција за договорот за името

Грчката опозиција против македонски јазик и македонска националност

Постоењето македонски јазик и македонска националност во договорот меѓу Македонија и Грција се главните забелешки од грчките опозициски партии кај јужниот сосед, откако беше постигнато решение меѓу двете земји.

Коментарите од опозициските партии во Грција се негативни, како што јави дописничката на МИА од Атина, според досегашните јавни настапи, изјави и соопштенија и веројатно е дека нема да го поддржат договорот. Енигма останува дали можеби партијата Потами сепак ќе заземе поразличен став од Движењето за промена, но она што е сигурно е дека на утрешната расправа во грчкиот парламент, сите партии ќе ги отворат картите и ќе ја изразат нивната позиција.

Од опозициските грчки партии, Сојуз на централисти и Златна зора, како и коалицискиот  партнер во владата, Независни Грци, не се согласуваат со сложено име со вклучен термин Македонија, па според тоа веројатно е дека би гласале против договорот.

Владиниот портпарол и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“ изрази надеж дека кога македонската страна ќе ги заврши сите предвидени обврски и договорот дојде во парламентот, ќе биде прифатен од поширокото парламентарно мнозинство.

„До овој момент она што го гледам е дека Потами, Движење на демократски социјалисти, Демократската левица, даваат изјави на позитивен начин во однос на договорот“, рече Ѕанакопулос.

Какви се ставовите на грчките политички партии?

Неа демократиа

Најголемата опозициска партија во Грција, Неа демократиа, не само што не се согласува со постигнатиот договор, туку вели дека владата нема политички легитимитет да го потпише, со оглед на тоа дека коалицискиот партнер во владата не се согласува со решението.

Од Неа демократиа континуирано ја обвинуваат владата за тајна дипломатија, сметаат дека договорот е лош и проблематичен, „затоа што е спротивен на ставот на мнозинството од грчкиот народ, бидејќи ги отстапува на македонски јазик и македонска националност“, нешто што за грчката конзервативна партија е „неприфатлива национална отстапка“.

Движење за промена

Коалицијата на централно левичарски ориентираните партии ПАСОК, Демократската левица , Потами и Движење на демократски социјалисти, која веќе настапува како Движење за промена, според грчките медиуми до доцна синоќа разговарале и го разгледувале договорот на политичкиот совет на партијата.

Лидерката на ПАСОК, Фофи Генимата коментирала дека договорот е лош, додека пак лидерот на Потами, Ставрос Теодоракис, лидерот на Движењето на демократски социјалисти, Јоргос Папандреу и атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, според грчките медиуми, рекле дека и покрај тоа што договорот има некои „сиви точки“, се движи во позитивна насока.

Генимата рече дека доколку во ревизијата на Уставот се вклучи и прилагодување на националноста и јазикот согласно со новото име и доколку поканата за интеграција во НАТО се достави по завршувањето на процесот, тогаш договорот би можел да биде прифатен.

Комунистичка партија на Грција

Од Комунистичката партија на Грција не се согласуваат со договорот и ја обвинуваат грчката влада дека дава „писмо со препораки“ за интеграција во НАТО и прифаќа македонски граѓанин и македонски јазик.

Во телефонскиот разговор веднаш по постигнатиот договор во вторникот вечерта, генералниот секретар на партијата, Димитрис Куцубас, му рекол на Ципрас дека со условите, договорот е во воздух додека да заврши предвидениот процес и потенцирал дека со договорот „останува семето на иредентизмот со прифаќањето на македонски граѓанин и македонски јазик“.  

Сојуз на централисти

Малата грчка партија Сојуз на централисти што на последните избори во Грција по прв пат влезе во грчкиот парламент е против сложено име со вклучен термин Македонија.

Претседателот на партијата, Василис Левендис смета дека владата направила голема грешка што „го дава името Македонија, без да преговара“.

Златна зора

Од Златна зора, сметаат дека договорот е предавство и национално неприфатлив, а во сабота попладне ќе организираат протест во Солун.

Според лидерот на партијата, Никос Михалољакос, „никој нема право да го отстапи името Македонија, кое не е само едно име, туку душата на народот“. Тој упатува обвинувања и критики до грчкиот премиер дека го отстапил правото на македонски јазик и македонска националност.

„Не за предавството, тргнете ги рацете од нашата Македонија“ е слоганот под кој в сабота на 16 јуни во 19 часот во Солун, Златна зора ќе одржи протест против „распродавањето на Македонија“.

Независни Грци

И покрај тоа што се дел од коалициската влада, Независни Грци имаат дијаметрално спротивен став од СИРИЗА и исто како и Златна зора и Сојуз на централисти, не прифаќаат сложено име со вклучен термин Македонија.

Откако беше постигнат договор, а текстот од договорот веќе испратен до сите партии и достапен и до граѓаните, преку медиумите, од Независни Грци не излегоа со став и коментар.

Лидерот на партијата и министер за одбрана на Грција, Панос Каменос, на неколку часа пред соопштувањето дека постои договор меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас, во вторникот, на прес-конференција го повтори неговиот став дека нема да поддржи договор што ќе содржи име со терминот Македонија и смета дека е потребна лидерска средба заедно со  претседателот на државата за да се промени одлуката донесена во 1992, според која името треба да биде без терминот Македонија.

Ставот на Каменос го коментираше грчкиот премиер во синоќешното интервју за ЕРТ. Ципрас рече дека Панос Каменос го известил дека ќе си го задржи почетниот став и нема да гласа за договорот, но и нема да ја урне владата.

МИА

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе

Ако нешто е направено спротивно на законот, тогаш тоа што е направено е ништовно по силата на правото (ipso iure). 

повеќе

Албанците сакаат да се поврзат со Илирите, Бугарите со Траките, а според нашите политичари и гласните негатори само ние немаме такво право, а за тоа има најмногу доказателства во македонскиот јазик, но и во фолклорот, носиите, архитектурата, музиката...

повеќе