На локалните избори

Граѓански иницијативи на изборите за советите на Скопје, Тетово и Битола

На октомвриските локални избори новина се три граѓански иницијативи составени од активисти и стручњаци од различни области. Тие ќе се кандидираат за општински совет во трите најголеми градови во земјата, Скопје, Тетово и Битола. Велат дека лошото функционирање на општинските политики е главната причина за граѓанските иницијативи да влезат во советот, пишува „Порталб.мк“.

 

„Зелен хуман град“,„Подобро за Тетово“ и „Поинаку“ се називите на трите граѓански иницијативи кои ќе се натпреваруваат на октомвриските избори за општинските совети во Скопје, Тетово и Битола.

Целта на иницијативите е целосна институционална трансформација што ќе овозможи постојан надзор и контрола на граѓаните врз процесот на донесување одлуки во локалната администрација. Според нив, сегашниот модел целосно ги исклучи граѓаните и затоа резултатите од јавен интерес се редовно недоволно оптимални.

Зелен хуман град се натпреварува за општинскиот совет на главниот град

Оваа иницијатива е составена од над 25 организации и поединци. Нивна цел е во градскиот совет да се вклучат активисти, експерти и граѓани кои го слушаат гласот на граѓаните, а истовремено да се стремат за поубав, по зелен и похуман град.

Иницијативата минатата недела официјално ја објави кандидатурата за локалните избори во 2021 година со независна листа предводена од советничката Драгана Велковска и еко-активистот Горјан Јовановски.

„Подобро за Тетово“ во трка за Тетово

Под слоганот „Подобро за Тетово“ активисти и професионалци од различни области ќе се натпреваруваат за општинскиот совет на Тетово. Дел од оваа иницијатива се: Елмедина Абдулахи, Хамди Сулемани, Мерита Максути, Бленди Ходаи, Блерта Ахмеди, Нгадњим Мехмети итн.

Оваа иницијатива минатата недела го објави списокот на независни советници за октомвриските избори, и ги повика сите граѓани кои сакаат најдоброта за Тетово да се приклучат.

„Поинаку“ по втор пат се натпреварува во Битола

„Поинаку“ е граѓанска иницијатива, која ќе се натпреварува за општинскиот совет во Битола. Оваа иницијатива по втор пат се натпреварува за општинскиот совет во Битола. Според иницијаторите, причината поради која повторно ќе влезат во трка останува иста, да ги ослободат жителите на Битола од раководењето од страна на партиите што се случува во последните 30 години.

Списокот на кандидати за членови на Советот на општината го сочинуваат граѓани од различни професии, образование и етничка припадност.

Лошото функционирање на општинските политики, главната причина за граѓанските иницијативи да влезат во општинскиот совет

Од „Подобро за Тетово“ велат дека го сакаат најдоброто за Тетово, затоа се здружиле, и биле принудени да сe активираат поради деградираната состојба во која се наоѓа општина Тетово.

Главната причина поради која „Зелен хуман град“ ќе влезе во трка за општинскиот совет е катастрофалниот начин на организирање и функционирање на политичките партии.

„Сакаме да ги обединиме граѓанските организации за да им дадеме моќ да се спротивстават на партискиот модел на политичко дејствување и на долг рок да го заменат истиот“, велат од „Зелен хуман град“.

„Поинаку“ смета дека општината треба да се води според потребите и приоритетите на граѓаните, а не според агендите на партиите.

Што ќе им понудат овие иницијативи на граѓаните?

Главните столбови на кои ќе се фокусира „Зелен хуман град“ се урбаната мобилност, социјалната правда, чистата животна средина, оддржливиот развој, енергетската ефикасност и заштитата на животните. Од оваа иницијатива велат дека она што ги обединува во поширока идеолошка рамка е посветеноста кон локалниот суверенитет и дека граѓаните на Скопје треба да донесуваат одлуки за својот град.

Од „Подобро за Тетово“ велат дека немајќи извршна моќ, нивната мисија ќе биде да го спречат проектот за деградација на Тетово. Затоа, тие ќе се фокусираат на три точки: отчетност и транспарентност, чиста животна средина и зелени површини, како и град со план, развој со оддржливо планирање.

Од „Поинаку“ велат дека нивната иницијатива во следниот општински совет ќе биде главниот фактор, при што одлуките повеќе нема да се носат врз основа на партиските раководства, туку согласно потребите и интересите на граѓаните.

„Нашата мисија е да ги направиме дневните потреби и проблеми на граѓаните приоритет на локалната самоуправа. Да биде транспарентна, достапна, солидарна и одговорна пред секој граѓанин, а не само пред оние поддржувачи кои се на власт“, рекоа од „Поинаку“.

„Граѓанскиот сектор, најдоброто решение за граѓаните“

Од овие иницијативи велат дека политичките партии обично претставуваат групи на бизнис интереси. Затоа, најдоброто решение за доброто на граѓаните може да се постигне преку граѓанскиот сектор.

Од „Зелен хуман град“ велат дека тие веќе прават многу работи поинаку од политичарите. Работат на доброволна основа и без никаква финансиска поддршка од никого.

„Во советот, нашите советници не само што би ги претставувале своите убедувања и не би гласале по налог, туку усвоените одлуки ќе ги пренесуваат во живо на платформата МојГрад“, рекоа од „Зелен хуман град“.

„Има многу партии, но за жал нивниот број воопшто не ја подобри состојбата на граѓаните. Сметаме дека сега е соодветно притисокот да извршиме од внатре, во рамки на институциите, како коректор на локалната самоуправа. Граѓанскиот сектор го гледаме како можност за коригирање на грешките во политиката, и во полза на граѓаните, а не како отскокна даска за влез во политиката“, истакнаа од „Подобро за Тетово“.

 

„Во последните 4 години покажавме дека наша обврска е секојдневниот живот во Битола. Знаеме кои се проблемите, но исто така имаме и решенија за нив, затоа што изборите не треба да дојдат за да треба нешто да се сработи, туку проблемите да се решаваат континуирано и без притисок, затоа што тоа е одговорност на локалната самоуправа. „Време е нашите проблеми да се намалат, а градот да го добие вистинскиот сјај“, истакнаа од „Поинаку“.

Списоците за советници во овие иницијативи сè уште се отворени

Од „Зелен хуман град“ рекоа дека списокот на советници е уште една голема промена од сегашниот пристап на политичките партии. Одбрани се половина од кандидатите за оваа иницијатива, додека другата половина ќе биде избрана преку платформата МојГрад.

Приклучувањето кон иницијативата „Зелен хуман град“ #МојГрад се прави преку веб-страницата. 

Кај „Подобро за Тетово“, изборот на советници ќе се заснова на етика и професионално искуство за тоа кој може да го даде најдоброто при претставување во Советот на општината, фокусирајќи се на три главни точки. Од оваа иницијатива велат дека секој ден се приклучуваат нови членови, со нови визии за Тетово.

Приклучувањето во иницијативата #ПодоброЗаТетово (#MëMirëPërTetovën) се врши преку веб-страницата. 

Списокот на „Поинаку“ се формира секојдневно, веќе неколку години. Списокот го прават граѓаните преку средби на улиците во Битола, на работните места, во продавници во чаршијата, на прошетки во парк итн.

Приклучувањето кон иницијативата „Поинаку“ се прави преку Фејсбук

„Ова е практична примена на концептот на директна демократија што ние го промовиравме од самиот почеток и кој се заснова на целосна транспарентност во секој момент од процесот“, истакнаа од Зелен хуман град.

Локалните избори годинава ќе се одржат во втората половина на октомври. Некои партии ги објавија имињата на кандидатите, а некои други се договорија да формираат коалиции во првиот и вториот круг.

Инаку, Државната изборна комисија (ДИК) ја избра германската компанија Дермалог на тендерот за набавка на техничка опрема за спроведување на локалните избори со отпечатоци на прсти.

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе