Анализа

Граѓаните повеќе сакаат „човек од народот“ отколку „политичар од кариера“

Мнозинството граѓани на избори би гласале за кандидат кој основал своја партија и до моментот на изборите не извршувал јавна функција, а втората опција е да гласаат за политичар од кариера, покажува Анализата за јавното мислење за политичките барања на граѓаните, изработена од Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје. Податоците од анализата покажуваат дека граѓаните најниска доверба имаат во судството.

Во експерименталното прашање за кој кандидат би гласале на избори, за „политичарот од кариера“ или „човекот од народот“, 42 отсто од испитаниците одговориле дека, доколку на парламентарни избори пред нив на гласачкото ливче би биле претставените кандидати, тие би гласале за вториот кандидат, т.е. за кандидатот кој основал своја партија и до моментот на изборите не извршувал јавна функција. Од друга страна, 31% од испитаниците одговориле дека би гласале за првиот кандидат, односно за политичарот од кариера.

Во рамките на истражувањето се испитуваше довербата на граѓаните во демократските институции, како и во други чинители во политичкиот живот на државата и општеството, како медиуми, граѓански организации и верски организации.

Претседателскиот центар за политичко образование, како што кажа неговиот претседател Александар Љ. Спасов, го идентификувал популизмот како една од најголемите закани за демократското политичко уредување.

Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје вели дека темата популизам го доминира светскиот политички дискурс и не нè заобиколува нас.

„Изминатите години сведочевме на популистички тенденции како во либерални демократии, така и во срцето на стабилни демократии. Северна Македонија неизбежно ја зафати и тој бран на популистички наративи. Популизмот е голем непријател на демократијата. Системски е многу важно да се адресираат овие предизвици иако се комплексни причините што доведуваат до популистичко владеење. Овој феномен најмногу се храни од недоверба во институциите и политиките кои создаваат голема социјална нееднаквост помеѓу различни групи во општеството. Ова е подол феномен кој што користи демократски јазик за да практикува антидемократски политики. Класична дебата дека говорот на омраза се оправдува со слободата на говор е еден од примерите за тоа како успева да пенетрира во општеството“, рече Трошановски.

Вљора Речица, раководителка на центар и истражувачка во Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје, изјави дека истражувањето се обидува да најде одговори околу општествената побарувачка за популистички лидери и политики во Македонија.

„Довербата во најважните институции во рамките на политичкиот систем на Северна Македонија, како што се Собранието, Владата, Претседателот и судството, е на ниско ниво. Висока оценка на доверба има Претседателот на државата со 4,4, на скала од 1 до 10, додека најниска оценка на доверба има судството, со средна оценка 2,8. Релативно повисока доверба имаат војската, со оценка 5,6, и црквата, со оценка 5,5, а на средината на скалата се здравствените институции и експертите со оценка 5,0, што не е случај со довербата во медиумите, која е оценета со 4,0. Ниско ниво на доверба испитаниците имаат и за политичарите (3,2) и политичките партии (3,4)“, рече Речица.

Д-р Јован Близнаковски од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ)/надворешен соработник, рече дека популизмот оди често рамо под рамо со клиентелизмот, корупцијата и често е поврзан со авторитарни режими.

„Ставот на граѓаните кон политичките елити е многу негативен. Граѓаните ги гледаат политичарите како корумпирани, кои што се грижат само за себе и го изневеруваат народот. Постои нагласена недоверба кон демократските институции и правила на играта, како и разбирање на политиката како борба на народот наспроти елитите“, рече тој.

Според Миша Поповиќ, раководител на центар и постар истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје, многу често граѓаните чувствуваат отуѓеност од политичките елити.

„Таа отуѓеност колку подолго трае овозможува влез на популистичка реторика и упатува на потребата на сеопфатна методологија на управување која што ќе ги вклучува граѓаните во процесот на носење одлуки низ структуриран процес на консултации. Теориите на заговор се интересна категорија затоа што се посреден индикатор на тоа колку се чувствуваат граѓаните отуѓени од општеството. Високи, 72% од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 % мислат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46% веруваат дека климата се контролира со сателити и радари, 44% дека се запишани повеќе мртви од ковид-19 бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46% дека од авиони се прска вирусот, 29% мислат дека климатските промени се измислица и 57% дека големите медиуми шират лаги“, рече Поповиќ.

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе

Нам бизнисмените не ни требаат ниту уставни преамбули ниту некакви параграфи за да ги почитуваме Република Бугарија и нејзините граѓани. Ние некого почитуваме доколку прави профит, плаќа даноци и доколку е општествено одговорен.

повеќе

Зголемувањето на цените на храната се случува од причини кои се многу посложени отколку зголемувањето на другите цени, така што справувањето со тие причини бара различни стратегии. 

повеќе