Граѓаните не веруваат дека Владата може да ги спроведе реформите во судството без притисок однадвор

Граѓаните не веруваат дека Владата има капацитет да ги спроведе потребните реформи во земјава без надворешен притисок, покажува анкетата што ја спроведоа Македонскиот центар за меѓународна соработка и телевизија Телма. Според резултатите од анкетата, 56,1 отсто од испитаниците не се согласуваат со изјавата дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок.

За разлика од нив, 42,1 отсто целосно или делумно се согласуваат дека властите имаат капацитет за спроведување реформи. Притоа, етничките Албанци повеќе се склони да веруваат дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок во однос на етничките Македонци.

Владата, според мнозинството од анкетираните, нема капацитет за реформирање на судството. Таков бил одговорот на над две третини (68,5%), додека околу една четвртина или 26,0%, рекле дека Владата има капацитет за вакви реформи. Повозрасните повеќе веруваат во капацитетот на Владата за спроведување на реформи во судството. Околу десетина процентни поени е разликата кај крајните категории, односно, кај најмладите, оние од 18 до 29 годишна возраст, 23,4% препознале капацитет за реформи во судството за разлика од 33,0% кај оние над 65 годишна возраст.

Исто така, мнозинство од граѓаните, односно 71,8% рекле дека сметаат дека Владата нема капацитет за справување со корупцијата во државата, додека 23,4% сметаат дека има.

Ставовите на граѓаните за иднината на Европската Унија се песимистички. За нијанса е поголем бројот на испитаници кои сметаат дека ЕУ веројатно ќе успее да ги надмине сегашните проблеми но, сѐ повеќе ќе се затвора и сѐ потешко ќе прима нови членки (30,2%) од оние кои сметаат дека во иднина, ЕУ ќе се среќава со се поголеми проблеми и поверојатно е дека потполно ќе се затвори, дури и распадне, отколку дека и понатаму ќе се проширува и зајакнува (29,5%). Во двете најчесто избрани изјави клучно е сѐ  поголемото затворање на ЕУ за прием на нови членки. Малку повеќе од четвртина од испитаниците (26,9%) се одлучиле за изјавата „ЕУ ќе ги надмине сегашните проблеми и понатаму ќе се шири, а пред неа е добра иднина“.  

Инаку, анкетата за МЦМС и Телма ја спрове од М-проспект, а анкетирањето е извршено телефонски од 16 до 24 декември 2020 година врз репрезентативен примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години.

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе