ОТВОРЕНО ПИСМО НА МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ ДО МАНУ

Господине Камбовски, како да сте од друга планета!

Македонски манифест е вчудоневиден од тоа што академикот Владо Камбовски не само што не знае да ја препознае суштинската опасност надвисната над нашата држава од која се бара да прифати идентитетски да се обезличи, ами се однесува како две децении да бил визитинг-академик на планетата Лајкучкодасамне, па сега, против негова волја, ноќум, го седнале во претседателската фотелја на МАНУ.

Првиот човек на Академијата, во интервју за „Вест“,  изнесе  дилетантски и опасни тези за решението на спорот што ѝ е наметнат на Република Македонија од страна на Република Грција за нашето уставно име и за идентитетот кој произлегува од името. Неговиот рецепт е небулоза која и не бара решение зашто имало и други држави „кои имаат свој идентитет, име, уставно име и друго име за меѓународна употреба“. Потоа се присетува дека „Република Македонија веќе е примена под привремена референца во ОН, и со тоа име може да комуницираме... во евроатлантските сојузи“. Откако ќе го потсетат дека ниту со привремената референца, ниту по пресудата во Хаг не сакаат да ја примат земјава, Камбовски одговора: „Тоа е друго прашање. .. Ако уште сметаат дека има потреба да се преговара за името, може да се дојде и до некое друго име...“.

Тоа е едно исто прашање, г. претседател на МАНУ! Толку ли е тешко да разберете дека токму ЕУ и НАТО ја поддржуваат Република Грција, чиј претседател Каролос Папуљас јавно рече дека македонскиот идентитет, народ и јазик не се реалност и тие мора засекогаш да се променат со придавка што ќе се додаде пред зборот „Македонија“. Токму тие воопшто не ја почитуваат ниту Привремената спогодба ниту одлуката на Меѓународниот суд ниту декларациите на ОН, а сиот притисок врз Македонија се прави за ние самите да го промениме името на државата и идентитетот на нацијата!

Ние од Македонски манифест сме длабоко загрижени поради дејствувањето на МАНУ, зашто од таква државна институција очекувавме таа прва да застане во одбрана на нашето уставно име и идентитет.

Нашиот страв доаѓа оттаму што за овие две децении токму МАНУ, со некои свои проекти, се најде на спротивната страна од македонските национални интереси. Во 1996 година МАНУ  ја издаде „Етнологијата на Македонците“ во која нашата историја почнува со доаѓањето на Словените, иако во времето на комунистичка Југославија македонската историја почнуваше од антиката. Во 2001 година МАНУ на чело со академик Ефремов предлагаше размена на територии со Албанците. Во 2009 година МАНУ ја повлече првата македонска енциклопедија и најави ново издание, но до ден денес ниту корекции направи, ниту нова енциклопедија издаде. Во меѓувреме, некои академици јавно се изјаснија дека не им пречат новите идентитетски кованици како „Славомакедонија“, „Северна Македонија“ и „Горна Македонија“.

МАНУ, очигледно, нема национална стратегија бидејќи, спротивно на македонските интереси, потпиша договор со Албанската академија за „заедничка историја“, иако Република Албанија не ја признава Македонија под уставното име. Потпиша договор и со Бугарската академија за 34 заеднички проекти за кои македонската јавност воопшто не е информирана на што се однесуваат тие. Уште поопасна е непромислената согласност за заедничко чествување на одредени празници со Бугарската академија. Со кого заедно Бугарите ќе го празнуваат Илинден во Крушево? – Со Бугарите во Македонија, зашто за Софија Македонци не постојат: таа не признава македонска нација и македонски јазик! Како тогаш тоа би било придонес за зголемување на меѓусебната доверба меѓу двете држави, народи и општества? Како тоа може да придонесе за почитување на заедничките европски вредности на кои се темели развојот на односите меѓу двете соседни држави?

Македонски манифест  јавно прашува:Зошто МАНУ нема никаква стратегија за надминување на проблемите кои ги загрозуваат македонската држава и народ?

Македонски манифест

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе