Авторски права

Горјан Тозија го продавал филмот „Ослободување на Скопје“, а немал право на тоа

Искусниот филмаџија и директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, иако знаел кој е главниот продуцент на филмот „Ослободување на Скопје“, потпишувал договори за дистрибуција на филмот, наплаќал пари за тоа, без знаење на главниот продуцент „Партизанс“. Тој со ова ги оштетил буџетот на државата и Агенцијата за филм, чиј директор е, која била дел од финансиерите на филмот. За ова Тозија доби кривична пријава.

Продуцентската куќа „Партизанс“ поднесе кривична пријава против Горјан Тозија, Игор Нола и МП Филм продакшн од Загреб затоа што во неколку наврати се прикажале како продуценти на филмот „Ослободување на Скопје“ и правата за дистрибуција на филмот им ги продале на неколку други компании.

На 23 мај 2017 година Тозија потпишал меморандум со ФВ Инвест (FB Invest BV) од Холандија лажно претставувајќи се дека ги има сите потребни овластувања и права на филмот „Ослободување на Скопје“. Тој лажно прикажал дека само МП Филм продакшн (MP Film production) од Загреб и Арт филм продакшн (Art film's production AFP) од Финска се единствените продуценти на филмот. Со ставањето потпис на таков меморандум Тозија го скрил фактот дека мнозински продуцент (69%) на филмот всушност е Друштвото за филмска и видеопродукција „Партизанс“ ДООЕЛ.

Тозија никогаш не добил овластување од „Партизанс“ да потпишува таков документ. Со овој документ тој всушност ѝ нанел штета на Агенцијата за филм, чиј директор е, како и на буџетот на Македонија. И Агенцијата за филм била финансиер на филмот, што значи дека дел заработката од дистрибуцијата на филмот треба да оди и на сметка на буџетот.

Во овој случај заработката изнесувала 12.361 евро, од што „Партизанс“ требало да добие 8.605 евра.

На 12 март 2018 година Игор Нола од „МП продакшн“ од Загреб потпишал договор со „Самерсајд медиа“ (Summerside media SRI) од Италија за пренесување на правата за дистрибуција на филмот „Ослободување на Скопје“. Нола лажно прикажал дека имал право да потпише таков договор. „Партизанс“ тука е оштетен за 991 евро.

Во периодот од мај 2017 до март 2019 година МП продакшн од Загреб, поттикната од Горјан Тозија и врз основа на меморандумите со ФБ инвест и МП продакшн наплатил 13.352 евра, прикривајќи го фактот дека тие не се единствени продуценти на филмот. И во овој случај оштетени страни се „Партизанс“ и Буџетот на Македонија во вкупна вредност 9.296 евра.

„Партизанс“ е продуцент на филмот „Ослободување на Скопје“ врз основа на договор со Агенцијата за филм од 9 октомври 2014 година. Оваа продуцентска куќа склучила и авторски договори со режисерите Раде и Данило Шербеџија, со Раде Шербеџија како сценарист и со Душан Јовановиќ како автор на драмскиот текст.

Во потврдата издадена од Агенција за филм од 19 септември 2017 година стои дека филмот „Ослободување на Скопје“ е македонско-хрватско-финска копродукција во која „Партизанс“ учествува со 69,62% и има статус на главен продуцент.

Горјан Тозија во филмот бил ангажиран од „Партизанс“ како надворешен соработник, за што постои и договор.

Сопствениците на „Партизанс“, продуцентот Роберт Насков и режисерот Александар Поповски, изјавија дека немаат што друго да додадат на веќе поднесената кривична пријава и дека го очекуваат одговорот од обвинителството.

Од адвокатот на Горјан Тозија не добивме одговор на нашето прашање.

Тозија како долгогодишен филмски работник, а и како директор на Агенцијата за филм на Македонија, добро знае кој може да потпише договор за дистрибуција на филм, кои се правата што ги има главниот продуцент и останатите продуценти. Тој знаел кој е главен продуцент на филмот, знаел дека е самиот тој само надворешен соработник, па сепак потпишал Меморандум со ФБ инвест од Холандија и навел дека имал целосно право и авторизација од сите продуценти на филмот за да потпишува такви договори. Оттука јасно е дека Горјан Тозија свесно прикрил и лажно прикажал факти и свесно го потпишал наведениот меморандум, а на штета на подносителот на оваа пријава, пишува во кривичната пријава.

Досега „Партизанс“ и Агенцијата за филм не добиле ни денар за дистрибуцијата на филмот од компаниите од Хрватска, Холандија и Италија.

Интересно е и тоа што на 1 август 2019 година „Партизанс“ ја известува Агенцијата за филм дека постои неовластено потпишан договор за дистрибуција и дека за тоа немаат добиено никакви средства. Тозија како директор на Агенцијата за филм го прикрил фактот дека бил вклучен во ова и ништо не презел, па и со тоа го оштетил буџетот на Македонија.

 

Александар Дамовски

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе