Интервју: Флутура Кусори, правен советник во Европскиот центар за слобода на медиуми

Голема грешка и опасна работа е државата да ги регулира онлајн-медиумите

Флутура Кусори е правен советник во Европскиот центар за слобода на медиуми, организација чие седиште е во Лајпциг, во Германија. Центарот е формиран во 2015 година главно со фондови од Европската комисија. На Светскиот форум за демократија што се одржа во Стразбур, таа учествуваше на панелот за различни типови информации и како да бидеме подобро информирани. Во интервју за МКД.мк Кусори говори за финансиската поддршка на тужени новинари, за лобирањата за подобро законодавство за медиумите, за лажните вести и дезинформациите...

Во вашето портфолио пишува дека давате правна поддршка на новинарите. Што значи таа правна поддршка?

Она што го правиме е различни услуги на новинарите и медиумската заедница. Една од услугите е програмата за правна поддршка која обезбедува неколку вида поддршка за новинарите. Една е пари за новинарите да ги платат нивните адвокати на национално ниво ако им се суди. На пример, ако на некој новинар му се суди во Македонија и тој или таа не може да го плати адвокатот, аплицира за фонд и ние му плаќаме на адвокатот директно. Некогаш ова може да биде 500 евра, 1.000 евра, 5.000 евра… во зависност од случајот. Мислам дека добриот дел од нашата програма е што е многу лесно да се аплицира. Не требаат многу документи, земаме предвид дека новинарите се многу зафатени и често не ги сакаат таквите процедури, па целата постапка ја направивме многу лесна за нив. 

Кој решава дали ќе дадете пари?

Апликацијата ја добивам јас како правен советник и треба да ги потврдам сите информации, дали има судски случај, кој е адвокат, кој е новинарот, која е емисијата или текстот за кој е даден на суд. Тоа е првата процедура. Потоа врз основа на фактите подготвувам препорака која ја споделувам со нашиот Комитет за правни прашања. Овој Комитет е составен од тројца надворешни експерти, а еден од нив е правниот директор на „Гардијан”. Таа е членка на нашиот Комитет. Тие го разгледуваат случајот, некогаш бараат дополнителни информации, некогаш не. Кога ќе го одобрат случајот, јас контактирам со апликантот, односно со новинарот, и барам да испрати фактура. Потоа нашата финансиска служба ги префрла парите директно на адвокатот. 

Има случаи кога новинарот веќе му платил на адвокатот, иако немал многу пари и тогаш ние ги рефундираме тие пари, ако може да докаже дека парите се префрлени, а адвокатот да докаже дека ги добил парите. 

Ова е едниот вид правна поддршка. Другиот значи дека ние се приклучуваме на Член 19 и на Иницијативата за заштита на медиумите во интервенции на трети страни во Европскиот суд за човекови права. Ако некој новинар го поднесе случајот во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, граѓанското општество има можност да интервенира со документ во кој му велат на судот дека треба да пресуди на одреден начин. Тоа е процедура за поддршка на новинари. Кога има нови случаи, особено кога се преседан и кога Судот може да пресуди погрешно, ние интервенираме, некогаш со 10 или 15 организации. На крајот, ја проверуваме пресудата и во најголемиот број случаи Судот одлучува на линија со нашите предлози според стандарди кои треба да се следат. 

Третата компонента од нашата програма е лобирање и залагање за подобро законодавство на национално и на меѓународно ниво.На национално ниво, на пример во Албанија владата се обидува да усвои закон кој сметаме дека ќе значи цензурирање на медиумите. Ние се ангажиравме многу со тамошните локални организации, директно со премиерот, барајќи од него да не поминува законот, да се следат меѓународните закони, интервениравме со Харлем Дезире од ОБСЕ и други. Лобираме и на европско ниво и многу сме активни во Брисел. 

И кој е резултатот од вашето лобирање во Албанија?

Во Албанија досега сме прилично успешни. Премиерот Еди Рама сакаше да го „помине” законот во декември 2018 година, ние покренавме многу голем меѓународен аларм, па и „Њујорк Тајмс” пишуваше за тоа и оттогаш, 12 месеци тој се обидува да го помине законот, но нашите реакции се толку силни што успеавме да ја активираме меѓународната заедница во Тирана. Досега сме успешни, но никогаш не се знае со Еди Рама. 

Колку случаи на помагање на новинари имате годишно на пример?

Околу 10 случаи. Почнавме со мала бројка, а сега имаме 15 случаи во кои сме помогнале. Ова се случаи на новинари, медиумски организации и свиркачи. На пример, задоволни сме што го поддржавме свиркачот во случајот со Кембриџ аналитика. Тоа беше скап правен случај. Потоа ја поддржавме Марија Бање, свиркач од Косово, во контакт сме и со Здружението на новинари на Македонија и им понудивме поддршка. Случаите се од различни земји, главно од ЕУ, но и од земјите кандидати. 

А во нашиот регион?

Во Југоисточна Европа, сме поддржале случаи во Косово, Србија и Албанија. Другите земји имаат поддршка од други организации, но понудивме кога ќе им треба поддршка да аплицираат. 

Во однос на законодавството, сите велат дека треба да се подобри, но има различни мислења за закон за медиуми, за регулација и слично. Како правен советник, што мислите кој треба да ги регулира медиумите?

Има многу дискусии дали треба да има закон за медиуми или онлајн медиумите треба да бидат регулирани или да има саморегулација. Во принцип, според мене, ако нема регулација на одреден аспект, немањето регулација е подобро отколку регулација, бидејќи немаме политички партии кои би не увериле дека ако предложат закон тој ќе биде во согласност со стандардите. Ова важи за целиот регион. Ризикот е дека политичарите ќе усвојат закон кој не е во согласност со стандардите за почитување на човековите права или стандардите на Советот на Европа. Моделот што треба да го следиме е дека радијата и телевизиите треба да бидат регулирани од државата, додека онлајн медиумите треба да бидат саморегулирани. Ако политичари или бизнисмени сакаат да тужат новинар за онлајн содржина, единствено тело е или Советот за медиуми или судовите. Во моментов во Албанија, но и во другите земји има иницијатива државата да ги регулира онлајн медиумите. Тоа би било голема грешка и е спротивна на препораките на ОБСЕ, на Советот на Европа, но и против големи инвестиции кои беа направени во Советите за медиуми на Балканот. Има многу донатори кои инвестираа во овие Совети за медиуми. А сега политичарите сакаат да ги земат компетенциите и да ѝ ги дадат на државата и тоа мислам дека е опасна работа. 

Што е со печатените медиуми?

Печатените медиуми исто така треба да бидат саморегулирани. За жал, гледаме дека има сѐ помалку печатени медиуми, но во секој случај кога веќе ги има, егзистираат, треба да бидат саморегулирани, а не државата да ги регулира.

Каков е вашиот став за субвенционирање на медиумите од страна на државата?

Во различни земји има различни начини на субвенционирање на медиумите. Мислам дека е важна процедурата. Знаеме дека во повеќето земји политичарите би ги поддржале медиумите кои им се наклонети, кои не се критични кон нив и тоа е една форма на контрола над медиумите. Мислам дека треба да има начин парите од јавниот буџет да бидат дадени на медиумите, бидејќи сите се борат за преживување, мислам дека тоа треба да се направи преку навистина многу независно тело кое би било надвор од владината структура и тоа е единствениот начин и медиумите кои се критични кон Владата исто така да добијат пари. Овој модел го нема и мислам дека за жал нема политичка волја да се смени актуелниот модел. Затоа, она што треба е барем поголема транспарентност, кој што добива, зашто ако знаеме дека одредени медиуми добиваат пари од владата тогаш ќе се запрашаме зошто го прават тоа. 

За слободата на изразување и лажните вести, каде е границата меѓу слободата на изразување и нејзината злоупотреба?

Јас не сакам да го користам изразот лажни вести, туку повеќе дезинформации, мислам дека за жал многу критики за тоа им се упатуваат на новинарите, бидејќи од случаи што ги имаме кај нас знаеме дека многу компании се формирани за да ги дезинформираат граѓаните. Поврзувањето на новинарите со дезинформациите само го уништува новинарството. 

Но, новинарите се средство за тоа…

Во некои случаи да, но во некои случаи не се. Во некои случаи тоа се компании кои вработуваат луѓе кои не се новинари и тие егзистираат само за да ја дезинформираат јавноста. Мислам дека има два елементи за дезинформациите, еден е да бидат намерни и вториот да бидат заради политичка или економска добивка. Ако имате информации кои се намерно некоректни а има профит тогаш се дефинираат како дезинформации. Нема податоци, нема истражување особено во Југоисточна Европа, што е информација а што дезинформација и тешко е да се донесат заклучоци. 

Како да ја најдеме границата меѓу слободата на изразување и дезинформациите?

Она што што треба да го направиме е да се вратиме чекор назад и да се прашаме како бевме информирани во минатото. За мене лично зборувам, јас останувам на медиумите на кои им верувам. За мене е многу тешко да почнам да добивам информации од нови медиуми, освен ако се работи за многу добро новинарство. И не експериментирам многу со нови медиуми. Тоа е дел од мојата професија. 

Другата работа е дека ги користам социјалните медиуми повеќе да објавам нешто отколку да добијам информации. Ова не е случај со мнозинството луѓе, па доаѓаме до наредната работа медиумската писменост. Тоа е важно за луѓето, особено за повозрасните, да знаат како да добиваат информации и слично. 

Колку новинарите се жртви на дезинформации или лажни вести?

Секогаш има професионални и непрофесионални медиуми, и сега и досега. Но, особено во дигитална ера важно е некој да ги признава грешките и да биде транспарентен за тоа. Тоа ми се допаѓа кај добрите странски медиуми. И во нашиот регион медиумите прават грешки, го тргаат текстот и не кажуваат ни збор за тоа. Тешко им е да бидат транспаренти да кажат дека направиле грешка, да се извинат. Исто така, ова е аргумент што го користат оние кои се против саморегулација. Затоа мислам дека медиумите треба да бидат одговорни, грешки се случуваат, но треба да ги признаат и да се извинат. Ако ова се случува, не само што нема да се сметаат за непрофесионални медиуми, туку ќе бидат и покредибилни, бидејќи луѓето ќе им веруваат дури и ако направиле грешки. Но ова не се случува често во Југоисточна Европа, за жал.

Жана П.Божиновска

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе