Денеска и утре

Гоце Делчев, записници, учебници по историја... теми на средбата на Мешовитата македонско-бугарска комисија

Денешната 12-та средба на Мешовитата македонско-бугарска историска комисија ќе започне со бугарските белешки за времето на Цар Самоил и неговата држава и очекувањата да се придржуваат кон веќе договорено, најавуваат од бугарскиот дел од Комисијата. Но, не е исклучено да се дискутира и за ликот и делото на Гоце Делчев.

„Уште во февруари 2019 година во заедничката комисија постигнавме согласност во однос на цар Самоил како владетел на бугарската држава и нашето очекување дека ќе се придржуваме кон постигнатото. Оваа согласност беше потврдена од владите во двете земји“, вели Наум Кајчев, член на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.  

Тој додава дека од една страна е проблемот со непотпишаните записници од средбите лани во октомври и на крајот на ноември, а од друга се бугарските забелешки за македонските учебници по историја за седмо одделение во однос на средновековието. Сепак, како што вели Кајчев за БНТ, има сигнали од Македонија за промена на учебниците и се пишуваат нови.

„Забелешките не се само од Бугарија, туку и од Грција, како и од Албанците во Република Северна Македонија. Но работата на нашата комисија се однесува пред се на односите меѓу Бугарија и РС Македонија од историски аспект“, изјави Кајчев.

Според него, нема друг пат, освен да се прифати рационално мислење и сите да се придржуваат на духот на изворите и светската историја, зашто „само така може да се оди напред“.

За комисијата вели дека е експертска, а не политичка, дека нема причина да се прекинува нејзината работа и дека не очекуваат таков потег од македонска страна. Па така, договорено е во текот на оваа година да се одржат пет средби на комисијата. Одговарајќи на новинарско прашање, Кајчев рече и дека работата на комисијата се политизира повеќе од политичарите во Македонија.

„Пред некое време претседателот Стево Пендаровски си дозволи во интервју да кажува што треба да прави комисијата и каков е нејзиниот мандат. Но, важно е што пишува во договорот меѓу двете страни, а не што вели претседателот Пендаровски“, изјави Кајчев.

Денешниот состанок ќе се одржи онлајн поради состојбата со ковид-19, а формално домаќин на оваа 12. средба на членовите на Комисијата е Македонија.

Комисијата се состана на 22 јануари, но само заради усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба.

Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 3 и 4 декември минатата година, а теми на разговор беа содржините во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот периоди и образовни прашања. Како што информираа копретседателите по завршувањето на тој состанок, Драги Ѓорѓиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска, на 11. состанок многу малку било разговарано за Гоце Делчев и немало никакво поместување во однос на дебатата за заедничко чествување на неговиот лик и дело.

По состанокот на заедничката прес-конфренција Димитров истакна во однос на придавката македонски, воопшто не станува збор за бугарско гледање на Преспанскиот договор, туку, дека се работи на замена на теза, односно се инсистира дека во работата на Комисијата некој го става под сомнеж идентитетот и јазикот на граѓаните на Македонија.

„Тоа не е вистина. Ако има некои забелешки тие се поврзани со патот кон формирањето на нацијата и идентитетот и таа историја што ја има еден современ јазик тоа се два квалитета на различни работи и не треба шпекулации со емоции на луѓето“, рече тогаш бугарскиот копретседател на Комисијата.

„Проблемот со придавката  македонски  е во тоа што со колегите од Република Бугарија не се согласуваме во однос на тоа во кој контекст тие може да се употребуваат, а  во кој контекст не треба да се употребуваат согласно Преспанскиот договор. Значи, ние не спориме за тоа дека сето она што е поврзано со државноста и произлегува од  самата држава како комисија на РСМ, Влада на РСМ не може  во записниците да влезат како македонска влада,  тука ние немаме проблем. Меѓутоа, кога станува збор  на пример за македонска културна традиција, македонска историја, македонски јазик, македонски народ, тука имаме некое недоразбирање и јас сега да кажам дека денес бевме конструктивни двете страни во текот на следните денови ќе се состанеме повторно во помал состав за да го разгледаме  уште еднаш и да  утврдиме точно  каде е проблемот“, посочи тогаш македонскиот копретседателот Ѓоргиев.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе