Интервју

Глигоров: Бугарското вето е демонстрација на сила без реална цел, а Македонија не може да каже дека црното е бело

Причините за бугарското вето се исклучително политички. Тоа не е ништо ново. Се нуди ревизија на историјата, која би требало да донесе гласови на националистичка основа, но гласови нема, а национализмот расте, вели Владимир Глигоров од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за МКД.мк.

Извор: Википедија

Според оцените на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Македонија е една од трите источноевропски економии во кои нема подобрување на економијата по пандемијата. Што е причината, според Вас, за ваквата ниска оцена, колку пандемијата е оправдување, а колку се работи за лоша економска политика?

-Јас соработувам со Виенскиот институт, но не работам на нивните процени. Последиците на епидемијата зависат пред сѐ од структурата на стопанството. Така што треба да се гледа како заздравува извозот, што зависи од тоа што се извезува и каде. Тука е важен и уделот на туризмот, потоа кој дел на потрошувачката се должи на непазарни услуги. Исто така, од големо значење е и увозот, односно доколку голем дел од него се енергијата и храната.

Инаку, македонскиот извоз зависи од германската индустрија, непазарните услуги имаат мал удел во вкупното производство, а увозот не е флексибилен. Кога сето ова се гледа заедно, не е неочекувано македонското стопанство да заздравува побавно. Но тоа не би требело да е постојано заостанување доколку состојбата се нормализира.

Како би ги оцениле економските пакети на Владата за ковид-кризата?

-Тие економски пакети се налик на мерките што ги имаат користено и други земји. Целта е стопанството да нема дополнителни финансиски тешкотии и ми се чини дека тоа е постигнато.

Во Собранието во тек е расправа за ребалансот на буџетот, со кој, меѓу другото, јавниот долг е проектиран на 61,5%. Ако според процените на експертите, нашиот оптимум на долгот не треба да биде повеќе од 52 или 53 проценти, можеме ли ние како држава да го издржиме тој долг или ќе пропаднеме во дупка од која тешко ќе се извлечеме?

-Долгот ќе се намали со заздравувањето на стопанството. Не е лесно да се каже кое ниво на јавниот долг не би требало да претставува проблем. Тоа зависи од тоа колку е скап долгот, од каматната стапка и од стопанскиот раст. Доколку стопанството се развива и ако нема нови финансиски кризи во светот, јавниот долг на Македонија не би требело да претставува проблем. Но прво би требало да се зголеми вложувањето во инфраструктурата за да се поттикне активноста.

 Каков е Вашиот став за воведувањето еколошки данок?

-Тоа е прашање за подолг коментар. Во суштина, она што може да се постигне со данок може да се постигне и со субвенција. Мислам дека е полесно да се најде оптималната субвенција отколку оптималниот данок. А доколку данокот не е оптимален, тој ќе оптоварува, а нема да го менува производството.

Резолуцијата за промена на даночните системи по препорака на Г7 е прифатена и од Г20, ЕУ и од ОЕЦД. Каква може да биде реперкусијата од прифаќањето на овие даночни реформи врз Македонија, особено за компаниите што се во бесцаринските зони во Македонија?

-Целта е да се намалат тие активности доколку се еколошки проблем. Не знам што е оптимално ниво на данокот со кој тие активности би биле непрофитабилни. Доколку данокот е помал, како што би можел да биде, тогаш ќе се оптоварат платите или ќе се бара субвенција од буџетот.

 Како Македонија да го преживее бугарското вето и од економски и од политички аспект?

-Не станува збор за преживување. Македонија преживеа сѐ и сешто. Станува збор за демонстрација на сила без реална цел и со лоши накани. Тоа е ресантиманска политика на бугарската политичка јавност од која Македонија ќе има голема штета, а Бугарија нема да има никаква корист. Попрво ќе има штета, бидејќи никогаш не е добро јавноста да живее со лаги.

Гледате ли можеби и економски причини зад блокадата од Софија или во прашање е само убедувањето или сонот за најромантичниот дел од нивната историја?

-Не, причините се исклучително политички. Тоа не е ништо ново. Се нуди ревизија на историјата, која би требало да донесе гласови на националистичка основа. Колку што можам да видам, а тоа не е редок случај, гласови нема, а национализмот расте. Тука нема романтика, тоа е лага што ќе чини. Посебно ревизијата на улогата на Бугарија во Втората светска војна не само во Македонија, ама секако пред сѐ во Македонија.

 Што можеме да направиме ние како држава, ако од Бугарија постојано инсистираат дека тие се нашите најголеми поддржувачи, а со постапките всушност создаваат непријатели од нас?

-Ќе мора да се води дијалог и да се подобруваат односите на нормален начин. Македонија нема никаква причина со никого да се кара. Да ѝ помогне на Бугарија не може, а не може ни да каже дека црното е бело.

Од друга страна, ЕУ пропагира вредности, принципи и доследности, а се однесува поинаку. Реално, ѝ значи ли нешто губењето на кредибилитетот во целиот регион на Западен Балкан?

-Секако ѝ значи. Веќе имаме „српски свет“, сега и „бугарски свет“. И тоа ќе биде проблем што сега не се гледа во ЕУ, бидејќи има толку многу други проблеми. Но секако, ЕУ не може да има некаква добивка од сето тоа.

Ж.П.Б.

Легенда под Главна слика

Извор: Википедија

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе