Ново пратеничко прашање, сега до шефот на дипломатијата на Хрватска

Главашевиќ: Зошто хрватската Влада го смета за нерешено прашањето на македонскиот јазик?

Откако пратеникот Главашевиќ, на прашањето за поддршка на Македонија во спорот со Бугарија, од премиерот Пленковиќ доби изненадувачки одговор во кој е наведено дека „Хрватска ќе се залага за решавање на јазичното прашање“, денеска упати ново пратеничко прашање, овојпат до шефот на хрватската дипломатија во кое бара одговор: „дали хрватската Владата е подготвена на Македонија да ѝ да даде недвосмислена поддршка за продолжувавње на пристапните преговори, како што тоа го сторија министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка".

Пратеникот во хрватскиот Сабор, Бојан Главашевиќ, кој во неколку наврати го покренува прашањето за поддршка на Македонија во спорот со Бугарија од страна на Владата на премиерот Андреја Пленковиќ, како на земја членка на Европската Унија, повторно постави пратеничко прашање, овојпат до министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.

Главашевиќ прашува: „Зошто хрватската влада прашањето за македонскиот јазик го смета за 'нерешено' и дали Владата е подготвена на Македонија да ѝ да даде недвосмислена поддршка за продолжувавње на пристапните преговори, како што тоа го сторија министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка".

Тој конкретно бара став во обраќањето до шефот на хрватската дипломатија:

„Дали сте подготвени на ваков или поинаков начин да дадете јасна и недвосмислена поддршка за продолжување на пристапниот процес за Северна Македонија и да побарате прекин на бугарското вето како и да се спротивставите на натамошните вовлекувања на билатералните спорови во пристапниот процес".

Притоа, го поставува прашањето - на каков начин ова прашање го смета за нерешено - лингвистички или политички?

Хрватскиот пратеник овие прашања до министерот ги објави и на Фејсбук и на Твитер, со обраќање до јавноста на два јазика - на хрватски и на македонски.

За потсетување, Главашевиќ од премиерот Пленковиќ побара одговор на прашањето како Хрватска како членка на ЕУ ќе и помогне на пријателска Македонија за решавање на спорот со Бугарија и за отворање на преговорите со ЕУ, а во одговорот кој го доби по повеќе од два месеца чекање, наместо во рок од 30 дена како што тоа го предвидува деловникот, на негово изненадување, стоеше формулацијата дека „Хрватска ќе се залага за решавање на 'јазичното прашање' и за што е комуницирано со официјални бугарски лица".

Вреди да се напомене дека Главашевиќ претходно на седница на Саборот реагираше затоа што чека два месеца на одговор, што предизвика расправа и вклучување на повеќе пратеници за прашањето на Македонија. Во таа расправа тој ги потсети владините претставници дека Хрватска со Македонија дели заедничка историја и култура и дека станува збор за близок и пријателски народ, кој неодамна истиот ден кога се случи земјотресот во Петриња, испрати парични средства и понуди дополнителна помош.

Денеска, во изјава за МКД.мк Главашевиќ вели дека се надева дека хрватската влада сега ќе заземе јасен и недвосмислен став каков што изнесоа министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка.

„Прашањето на македонскиот јазик е потполно јасно и е решено во меѓународните рамки и документи. На крајот на краиштата, кога Македонија го преведуваше acquis (Законодавството на ЕУ -н.з.) - го преведе на македонски и со тоа јазикот го стекна својот статус. Тоа треба да се почитува. Се надевам дека овојпат на одговор нема да чекам со месеци", изјави Главашевиќ за МКД.мк.

Тој во прашањето до хрватскиот министер појаснува дека во меѓународната научна заедница, надвор од Бугарија, доминантен е ставот дека македонскиот јазик е засебен од бугарскиот и дека, како и другите јужнословенски јазици, е составен дел од јужнословенскиот јазичен континуитет. Со други зборови, вели Главашевиќ, не постои лингвистичко оправдување за оспорување на македонскиот јазик.

Тој бара, доколку ова прашање владата го смета за политички нерешено, а не лингвистсички, тоа во одговорот детално да се образложи, но и да се каже „како таквиот став во поглед на македонскиот јазик ќе се рефлектира на позициите кои Вие (министерот) и премиерот ќе ги застапувате на состаноците на кои тема ќе биде продолжувањето на пристапните преговори на Северна Македонија и бугарското вето.

Инаку, интересен момент е дека Главашевиќ одговорот што минатиот месец го доби од премиерот Пленковиќ, а кој предизвика многу недоумици, му беше даден истиот ден кога кај премиерот во Загреб беше примен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. За таа средба не извести ниту хрватската Влада ниту владејачката ХДЗ, а самиот Мицкоски изјави дека Македонија добила недвосмислена поддршка од хрватската влада. Детаљот за „нерешеното" прашање на македонскиот јазик или не му било кажано, или Мицкоски го премолчил.

Пратеникот Главашевиќ, кој е независен и е дел од саборскиот Клуб на зелено-левиот блок, со дипломи на лингвист и социолог, често се залага за правата на Македонија, како во спорот со Бугарија, така и во поглед на неправедниот, како што вели, однос во рамки на ЕУ, како земја аспирант за членство. Тој често пати објавува статуси и на македонски јазик, кој го изучувал, како што вели, еден семестар.

Инаку, се залага за правата на малцинстсвата, за правата на жените, против сексуалното насилстсво, за правата на сите ранливи групи, реагира на секој националистички или друг вид на манифестации и говор на омраза во хрватското општество.

Пријателските односи со Македонија се хрватски државен интерес, вели Главашевиќ.

Панта Џамбазоски



Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе