Ново пратеничко прашање до хрватскиот премиер

Главашевиќ до Пленковиќ: Зошто ја премолчивте средбата со Христијан Мицкоски?

Бојан Главашевиќ, пратеник во хрватскиот парламент, кој повеќе пати поставува прашања до премиерот и шефот на хрватската дипломатија поврзани со евроинтеграцискиот пат на Македонија и дали и колку Хрватска, како членка на ЕУ ѝ дава поддршка на нашата земја особено во спорот со Бугарија, денеска на претседателот на Владата Андреја Пленковиќ му постави ново пратеничко прашање - за средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски одржана на 21 јануари.

И, како и многупати досега, и овопат за своето прашање пратеникот Главашевиќ ја извести јавноста преку социјалните мрежи, на двата јазика - на хрватски и на македонски:

„Пред неколку недели, премиерот Пленковиќ одржа состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој ја информира македонската јавност, но Пленковиќ не ги информира граѓаните на Хрватска. Политичките средби треба да бидат транспарентни. Затоа му поставив пратеничко прашање на премиерот. Имаме право да знаеме за што се разговараше зад затворени врати", вели Главашевиќ информирајќи ја јавноста, на која на увид ѝ го дава конкретниот допис.

Тој во прашањето забележува дека наспроти официјалната страница на ВМРО-ДПМНЕ каде има сопштение за средбата и каде е објавена заедничка фотографија со Пленковиќ, дека на официјалните страници на хратската Влада и на владејачката ХДЗ, чиј лидер е токму премиерот, нема соопштение за средбата.

Затоа, тој на Пленковиќ му поставува конкретни прашања.

„Каде е одржан состанокот, дали тој на него бил во својство на премиер или на претседател на ХДЗ, односно дали тоа беше партиски состанок или во прашање е официјална посета на Република Хрватска? Кој друг бил присутен на состанокот? Кои беа темите на состанокот и кои официјални ставови на Владата ги застапувавте? Зошто средбата однапред не ја најавивте и зошто не ја известивте хрватската јавност преку медиумите или преку вашата партија, односно Владата? Зошто тоа не го сторивте по состанокот? Дали постојат службени белешки од тој состанок? Доколку постојат, молам да бидат приложени со одговорот на ова пратеничко прашање".

За средбата на Мицкоски инаку, македонските медиуми информираа пренесувајќи го партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, со кое беше објавена фотофија, но и видео од изјава на Мицкоски, за што пак, не е наведено кој фотографирал, односно снимал.

Во првиот дел од тоа соопштение се вели: „Денес (21 јануари 2021 година) претседателот на ВМРО ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ г-дин Александар Николоски во Загреб оствари средба со премиерот на Република Хрватска г-дин Андреј Пленковиќ и министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска, г-дин Гордан Грлиќ Радман.
На средбата Мицкоски побара од Хрватска да го поддржи одблокирањето на европските интеграции на државата, посочувајќи дека покрај ветото од источниот сосед граѓаните не заслужуваат да бидат заложници на неспособната влада на чело со Зоран Заев која не може да испорача резултати".

Од ова соопштение би можело да се заклучи дека Мицкоски и Николоски беа примени во Загреб од Пленковиќ, како претседател на хрватската Влада, а не како лидер на партија, но сепак, не наведено дали средбата се одржала во кабинетот на премиерот.

Инаку, пратеникот Главашевиќ, кој е независен и е дел од саборскиот Клуб на зелено-левиот блок, минатата година постави пратеничко прашање до Пленковиќ чиј одговор по дури два месеца го доби токму тогаш кога во Загреб беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Во него, покрај општите ставови за пријателска Македонија и поддршката што Хрватска ја дава, во контекстот на бугарското вето за нашата држава беше содржан и еден изненадувачки одговор во кој е наведено дека „Хрватска ќе се залага за решавање на јазичното прашање и за што е комуницирано со официјални бугарски лица".

Во своето соопштение и во изјавата дадена во Загреб за македонска „употреба", Мицкоски не спомна дали Пленковиќ му искажал ваков став на хрватската Влада во поглед на македонскиот јазик.

Но, Главашевиќ, кој е дипломиран лингвист и социолог, не сака ова прашање да остане непрецизирано. Тој на 8 февруари упати пратеничко прашање до министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман:

„Зошто хрватската влада прашањето за македонскиот јазик го смета за 'нерешено' и дали Владата е подготвена на Македонија да ѝ да даде недвосмислена поддршка за продолжување на пристапните преговори, како што тоа го сторија министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка".

Тој конкретно побара став во обраќањето до шефот на хрватската дипломатија:

„Дали сте подготвени на ваков или поинаков начин да дадете јасна и недвосмислена поддршка за продолжување на пристапниот процес за Северна Македонија и да побарате прекин на бугарското вето, како и да се спротивставите на натамошните вовлекувања на билатералните спорови во пристапниот процес".

Притоа, и конкретно праша - на каков начин ова прашање хрватската влада го смета за нерешено - лингвистички или политички? Тој побара „доколку ова прашање хрватската влада го смета за политички нерешено, а не лингвистички, тоа во одговорот и детално да се образложи".

Главашевиќ во прашањето на хрватскиот министер му појасни дека во меѓународната научна заедница, надвор од Бугарија, доминантен е ставот дека македонскиот јазик е засебен од бугарскиот и дека, како и другите јужнословенски јазици, е составен дел од јужнословенскиот јазичен континуитет. Со други зборови, вели Главашевиќ, не постои лингвистичко оправдување за оспорување на македонскиот јазик.

Инаку, пратеникот Бојан Главашевиќ предизвика и повеќечасовна расправа во хрватскиот Сабор на тема бугарското вето и потребата Хрватска на пријателска Македонија со која дели заедничка историја и култура, како членка на ЕУ, да ѝ пружи максимална помош на евроинтеграциски пат.

Билатералните спорови меѓу државите и прашањата од сферата на историјата или лингвистиката не смеат да бидат услов за блокади, зашто со тоа се подриваат и основните принципи на заедничкото европско семејство, вели Главашевиќ, за кого градењето пријателски односи со Македонија е државен интерес на Хрватска.

П.Џамбазоски

 

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе