Заедничка прес-конференција на претседателите во Цетиње

Ѓукановиќ - Пендаровски: Бугарија, Хрватска, Романија и Грција да бидат промотори, а не кочничари на евроинтегративниот процес

Земите од регионот кои се членки на ЕУ треба да бидат поддржувачи на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан, а не нивен кочничар, нашите преговори за членство се и тест за кредибилитетот на ЕУ, а Брисел треба да ги остави своите порти отворени. Ваква порака денеска од Цетиње испратија претседателите на Црна Гора и на Македонија Мило Ѓукановиќ и Стево Пендаровски. 

Обврска на Европската Унија е да ја држи отворена вратата отворена за земјите од Западен Балкан, но не само тоа, туку и да им помогне. А членките на Унијата од регионот, како Хрватска, Бугарија, Романија и Грција да бидат главни промотери, а не кочничари на евроинтегративниот процес. Така, ЕУ со повеќе сензибилитет ќе гледа на интеграцијата на Западен Балкан, порача претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ на заедничката прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Цетиње.

Според Пендаровски, нашите преговори за членство се тест за кредибилитетот на Европската Унија и потребни се стратешки одлуки веднаш. Во спротивно, вели, трендовите на опаѓање на граѓанската поддршка за интеграциите кои се видливи ќе стануваат сѐ посилни.

За него, очелувана беше изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија ќе бара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ.

„Од аспект на албанскиот интерес изјавата на Рама е логична. Логично е ако ние и натаму сме блокирани од Бугарија, Албанија да бара одвојување. Нема ништо спорно во изјавата на Рама. Но, мојата порака до Брисел е да помислат на безбедносите импликации и да помислат дека ЕУ треба да биде третирана како геостратешки проект", изјави Пендаровски.

Тој уште порача дека во време кога „сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина", сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу ЕУ и регионот.

„Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора. Особено ја цениме принципиелната позиција на Црна Гора за наметнатите пречки на нашиот европски пат, препознавајќи го ризикот за сите нас од внесување на билатерални прашања во европската агенда", рече Пендаровски.

Ѓукановиќ даде целосна поддршка на европската интеграција на Македонија, изјавувајќи дека ги следи проблемите, ги знае жртвите на Македонија на тој пат и опструкциите со кои се соочува.

„Изборите во Бугарија отворија перспектива за Република Северна Македонија и Црна Гора бара без одлагање да почнат преговорите за Северна Македонија и Албанија. Верувам во француското претседателство, но важен е поттикот од Брисел и другите европски центри, а руската агресија во Украина треба да биде предупредување и инспирација за ЕУ дека нема пат за стабилност на нашиот регион без патот на европската интеграција", рече Ѓукановиќ.

Тој доби поддршка од Пендаровски за барањата на црногорското малцинство да биде внесено во македонскиот Устав. По неговата изјава дека иницијативата за измена на преамбулата на македонскиот Устав ја гледаат како можност да се вметне и црногорското малцинство, а кога ќе се создадат претпоставки за тоа ќе видиме, Пендаровски рече дека „за нас ирелевантно е дали се Црногорците се 1.200 или повеќе или помалку".

„Битни се принципите и вредностите во кои веруваме и тоа ќе се направи", изјави тој.

Двајцата претседатели денеска разговарале и за соработката во рамките на НАТО и во тој контекст заклучиле дека рускиот напад во Украина на многу јасен начин ги потврди придобивките од нашето членство во Алијансата.

„Ужасот кој го гледаме во Украина, мислевме дека е невозможен на европско тло по страшните војни од минатиот век. За жал, сведочиме на страдањата на милиони граѓани, пред наши очи се одвива огромна хуманитарна и бегалска криза.

Потребна ни е солидарност и уште поголема соработка за да излеземе на крај со последиците на руските воени дејствија во Украина. Како дел од НАТО стоиме зад сите негови одлуки, а како земја-кандидат за членство во Европската Унија сме 100 проценти усогласени со заедничката европска безбедносна и надворешна политика. Во таа смисла се приклучивме кон сите пакети на санкции на ЕУ насочени кон Русија", рече Пендаровски.

Според Ѓукановиќ, во право се оние кои политиката на Путин ја толкуваат како ревизионистичка и обид тркалото на историјата да се врати назад. Тој уште додаде дека хибридната војна на Русија притив Црна Гора трае и денес и дека Подготица е во големи искушенија и предупредува каква е тенденцијата.

На денешната средба двајцата претседатели разговарале и за повеќе прашања од доменот на билатералните односи, при што, заеднички заклучиле дека унапредувањето на економските врски треба да биде врвен приоритет.
„Пандемијата неспорно ги оптовари нашите стопанства, а војната во Украина покажа дека без оглед на фактот што воените дејствија се одвиваат на илјадници километри далеку од нашиот регион, меѓузависноста од светските пазари на енергенси и на основни животни продукти драстично влијае и врз нашите економии", изјави Пендаровски.

Инаку Пендаровски беше пречекан со сите државни почести во претседателската резиденција во Цетиње и по средбата со Ѓукановиќ ќе има средба и со Абазович, а потоа и со Кривокапиќ.

Од Цетиње, Жана П. Божиновска

Фото: Ж.П.Б.

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе