Мешовитиот парламентарен комитет со ЕУ

Гир: Свесен сум за фрустрацијата и разочарувањето, во сечиј интерес е преговорите да почнат сега

ЕУ останува со Северна Македонија, таа е најголем донатор во земјата и ги поддржува реформите во разни области, а вложува и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти и во сечиј интерес е преговорите да почнат сега, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието.

Гир говореше во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија, и рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Македонија и Албанија, нагласувајќи дека напорите се во тек. Тој вели дека е свесен за бранот јавна фрустрација и разочарување и порача дека земјата има напредок во судските реформи, во спроведувањето на стратегијата за судски реформи 2017-2022, посочувајќи ја Академијата за судии и јавни обвинители како пример во регионот. Евроамбасадорот уште нагласи дека напредокот во дигитализацијата на судството ќе биде клучен за обезбедување транспарентност и ефикасност, но и за кревање на јавната доверба во институциите.

„Чекаме да се комплетира и бројот на судии во Уставниот суд, без кои тој не би можел да функционира“, изјави Гир.

Според него, земјава редовно поднесува извештаи за квалитетот на воздухот до Европската агенција за животна средина, има план за намалување и управување со отпад, но и напредок во законите за спасување и активирање на европскиот број за итни повици 112.

„Во здравството земјата донесе стратегија до 2030 година со акциски план. Во овој сектор има загуби на медицински персонал. Северна Македонија стана член на механизмот за заеднички набавки и е набљудувач во Комитетот за здравствена безбедност, што дава пристап до системот за рано предупредување“, изјави Гир.

Живото граѓанско општество и професионалните медиуми, додаде, се суштинска вредност на демократијата

„Граѓанските организации во Северна Македонија  продолжуваат да ги следат владините политики и даваат придонес и во граѓанските и во државните институции. Тие може да бидат драгоцени и во борбата со лажните информации и говорот на омраза. Парламентот треба итно да ги назначи членовите на регулаторот за медиумите и советите за аудио и аудиовизуелни услуги“, изјави Гир.

Од една страна, земјата има сто процентна усогласеност со европската заедничка и надворешна политика, но, вели Гир, Парламентот, за жал, се повеќе е жртва на политичката поларизација меѓу владата и опозицијата. Тоа има сериозно негативно влијание на законодавната агенда и влијае на пошироките реформи и потребната помош да се подобри животот на граѓаните.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, дадена уште во 2003 година на Самитот во Солун.

Според него, сега е најважно да се потврдат европските вредности, да се валоризира она што сме го сработиле и државите членки да го завршат овој 18-годишен маратон за старт на преговорите.

На почетокот на годината, како што кажа, како Влада започнале искрен и отворен дијалог со Бугарија за изнаоѓање достоинствено и взаемно прифатливо решение за отворените прашања.

„Како Влада секогаш сме настапувале разумно и отворено за изнаоѓање на разумни решенија, но сепак, не можеме да прифатиме предлог кој оди надвор од нашите национални позиции“, изјави Маричиќ.

Без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ, на што Маричиќ рече дека остануваме целосно посветени, тој нагласи дека остануваме посветени и на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс на државата.

Постојниот известител на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, рече дека земјава има важна улога во геополитичкиот контекст.

„За жал, ние како Европски парламент не успеавме да убедиме некои од земјите членки, вклучително и мојата, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција“, изјави Ќучук.

Знаеме, нагласи Ќучук, дека и ЕУ понекогаш не успева и потфрла, но кога станува збор за високи демократски стандарди и животен стандард, ЕУ се уште предничи.

„Верувам дека и во иднина ЕУ ќе биде најдоброто место да се обезбедат стратешките интереси на оваа држава, на вашите граѓани. Мојот апел денеска е, ајде да се обединиме како да се бориме против корупцијата, како да се воспостават повисоки демократски стандарди и како да се реформира оваа држава и оди на подобро“, изјави Ќучук.

Оваа ситуација, според него, е тројна загуба – загуба и за Северна Македонија, но и за Бугарија и за ЕУ.

МПК, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно – еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент.

 

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе