За белградска „Политика“

Г.Г. Стефан: Нашата Црква, колку што е Македонска, толку е и Охридска, не ни е проблем да не ословуваат како Охридска архиепископија

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), архиепископот Стефан во интервју за белградска „Политика“ ѝ се заблагодари на српската држава за сета помош и поддршка и за подадената рака во овие времиња полни со искушенија.

Во интервјуто тој говори за заедничките литургии со Српската православна црква (СПЦ) во Белград и Скопје, воспоставувањето на евхаристичко единство и признавањето од СПЦ, значењето од помирувањето на двете сестрински цркви и перспективите на „двата братски народи“.

„Препознавањето на непобитниот факт за стварноста на македонската црковна самостојност е од големо значење и за нас, а уверен сум и воопшто, за сесветското православие. За нашата ерархија и верен народ, неможноста евхаристички да заедничариме со нашите едноверни браќа и сестри од останатите помесни православни Цркви претставуваше отворена рана. Решавањето на нашиот канонски статус, еве, неа ја залечи“, вели архиепископот Стефан.

Според него, сега се отвора можност за проширување на многуобразна соработка на нашата со останатите помесни цркви и сето тоа, вели, ќе даде голем плод.

„Можеби нашето признавање на прв поглед нема да смени многу нешта во нашата Црква, зашто таа и досега внатрешно функционираше како и секоја друга помесна Црква, но, сосема е природно дека многу нешта ќе се подобрат поради обновата на нашето заедничарење со сеправославната екумена“, вели г.г. Стефан.

Тој додава дека признавањето на МПЦ-ОА ќе им биде од полза и на сите православни цркви, затоа што „знаеме дека и македонско православие и Македонија воопшто имаат што да му покажат на православниот свет“.

Во врска со преговорите со СПЦ, тој посочи дека последните години на писмата на МПЦ-ОА до црковен Белград, како да не им се давало потребното значење, поради што нашата Црква прибегнала со барање за посредување до вселенскиот патријарх Вартоломеј, што „имаше огромна улога во нашето конечно седнување на иста маса со СПЦ за разрешување на нашиот проблем“.

„Со изборот за поглавар на СПЦ на патријархот Порфириј и со помошта од Синодот и од Соборот на СПЦ, се отвори нова страница во односите на нашите две цркви, за што сме неизмерно благодарни“, додава поглаварот на МПЦ-ОА.

На прашањето дали политичарите помагале и одмагале на патот за автокефалност на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан вели дека добронамерност имало кај многумина.

Осврнувајќи се на посетата на српскиот патријарх Порфириј на Охрид, архиепископот Стефан вели дека сигурен оти таа била плодотворна за него и неговите придружници, „како што беше голема и искрена и нашата радост и радоста на верниот народ на Охрид и Струга, кој во огромен број го пречекаа“.

Во врска со очекувањата на томосот од вселенскиот патријарх Вартоломеј, архиепископот Стефан нагласи дека „го молиме милостивиот Бог да ни дарува само уште малку трпение“.

„Да, вселенскиот патријарх ја прими МПЦ-ОА во канонско единство со сеправославната екумена. Со неколкумина македонски архиереи веќе бевме и во Константинопол и сослужувавме Божествена литургија со патријархот Вартоломеј и тоа на роденденот на Црквата – празникот на Светата Педесетница. Не знам кога би можеле да го очекуваме официјалниот документ за впишување на нашата помесна Црква во Диптихот на автокефалните Цркви. Но сега, откако ја имавме можноста да поминеме неколку дена во придружба на константинополскиот патријарх и да го видиме неговото црквољубие и искрената желба да ни помогне, уверени сме дека тоа ќе стане во догледна иднина. Го молиме милостивиот Бог да ни дарува само уште малку трпение“, изјави архиепископот Стефан.

На прашањето за името на МПЦ-ОА, тој вели дека „нашата Црква, колку што е Македонска, толку е и Охридска црква“.

„Свесни сме за сензибилноста на прашањето за нашето име кај т.н. ‘грчки блок на цркви‘. Затоа, ние од нив нема да бараме да нè нарекуваат со име кое тие не го сакаат. Бидејќи сме наследници на славната Охридска Архиепископија, ословувањето со тоа име од нивна страна не ни претставува проблем. Меѓутоа, од друга страна, уверен сум дека и браќата архиереи и воопшто верниот народ од хеленофонскиот православен свет ќе сфатат дека самите ние не можеме да се нарекуваме никако поинаку освен Македонци, односно дека нашата Црква, за нас, е и Македонска и Охридска. Зашто, колку што е таа Македонска, толку е и Охридска црква. Веројатно ќе има тука работи што ќе треба да се решаваат, но верата и љубовта можат и планини да преместуваат. Следствено, ако обете страни покажеме дека делуваме преку љубовта Христова, лесно ќе се најде договор меѓу грчките цркви и нашата Македонска црква“, изјави г.г. Стефан.

Според него, дијалогот е од насушно значење во Црквата, бидејќи Православието е соборна вера, којашто отсекогаш била утврдувана на вселенски, регионални и помесни собори.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе