Возилата се во вредност од околу 370 илјади евра, а вредноста на техничката опрема изнесува 290 илјади евра, односно донација во вкупна вредност од околу 660 илјади евра.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн на денешното примопредавање на опремата рече дека поддршката на македонската гранична полиција е важна за Германија. Според неа, заедничкиот менаџмент на миграцијата во Европа е незаменлив за постигнување на натамошни успеси.
„Германија многу ја цени поддршката на македонските служби во справувањето со миграциските текови на балканската рута. Затоа ми причинува задоволство што на Македонија со оваа помош во опрема може да и се оддаде благодарност. Вашата работа сведочи за голема свест за одговорност и професионалност“, изјави Холштајн.
Таа додаде дека македонските служби во 2020 година консеквентно и успешно се справиле со групи на криумчари и се надева дека овие успеси ќе продолжат во 2021.
„Колку ни е важна вашата работа и блиската соработка со вас покажува тоа што од летото 2020 имаме офицер за врска за граничната полиција во Германската амбасада во Скопје. Од тогаш соработката тече директно на лице место, а не преку нашиот офицер за врска во Белград кому овде сакам срдечно да му се заблагодарам за неговата досегашна работа“, додаде Холштајн.
Таа појасни дека високо ја цени оваа форма на билатерална соработка и се надева дека овие мерки повторно ќе можат да се одржат во 2021.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното примопредавање на донацијата изјави дека силно партнерство и искрена соработка ги отсликува односите меѓу Северна Македонија и Германија и дека тие продолжуваат и понатаму на сите нивоа.
„Неспорен е фактот дека од осамостојувањето на нашата земја до денес Сојзуна Република Германија беше и останува наш доследен поддржувач и партнер, давајќи огромен приодонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество подготвено да стане рамноправен член на евроатлантските пријатели“, изјави Спасовски.
Оваа помош, како што рече, е повеќе од добредојдена, но „она што е уште поважно и суштинско е фактот дека Германија останува вреден и исклучително значаен партнер, близок соработник на државата на патот кон рамноправно членство во ЕУ“.