По разногласието во Државниот завод за статистика

Герасимовски: Eтничката и верска припадност се лично чувство - податоци никој друг не може да дава

Постојат прашања кои се од лична природа и претставуваат лично чувство и за кои никој друг не може да дава информации, а тоа се изјаснувањето за етничката и верската припадност или неприпадност, како и прашањето за јазикот, вели м-р Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика и демограф, зад кого стојат пет пописни процеси.

Зачудува што директорот на Државниот завод за статистика и неговиот заменик во јавноста излегуваат во јавноста со различни изјави, иако и двајцата учествувале во сите активности, а потоа и во подготовките за утврдување како на Законот за попис на населението, становите и домаќинстсвата, така и за методологијата со која ќе се спроведе најзначајната статистичка операција во земјата, вели за МКД.мк поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски.

Тој вели дека постојат прашања кои се од лична природа и претставуваат лично чувство и за кои никој друг не може да дава информации, а тоа се изјаснувањето за етничката и верската припадност или неприпадност, како и прашањето за јазикот.

За потсетување, во петокот, на прес-конференција директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на новинарско прашање, објаснувајќи како друго лице, кое се смета за најупатено, може да даде податоци за отсутно лице, лице кое живее во странство, нагласи дека не може да даде податоци кои се однесуваат на етничката, верска или јазична припадност. на отсутното лице. .

Но, вчера, заменик директорот на Заводот, Иљми Селами, во изјава за ТВ21 рече дека директорот Симовски направил грешка.
„Такво нешто не е предвидено ниту со законот ниту со методологијата. Законската одредба е општа и во неа се вели дека податоци за отсутното лице ќе даде лице кое ги знае податоците, од матичниот број, па сѐ друго што е потребно за попишувањето", рече Селами.

Герасимовски вели дека зачудува зошто Селами, ако сметал дека е во право, не реагирал веднаш на самата прес-конференција, туку тоа го прави два дена подоцна на барање на медиум.

„Пописот не претставува етничко пребројување, како што за жал многумина го сметаат. За мене податоците што ќе се добијат за етничката припадност се од значење од 0,0001 отсто, бидејќи пописот треба да даде многу други значајни податоци кои ќе бидат важни за иднината на земјата, за нејзиниот развој", вели Герасимовски.

Тој потсетува дека податоци за деца даваат родителите, возрасните самите за себе, додека за отсутно лице податоците кои одразуваат лични чувства, едноставно не може никој друг да ги соопштува и тие да бидат третирани како релевантни.

„Пописот можеби ќе 'извади' наши сограѓани како Кинези, Лапонци, Јапонци - секојпат имаме и такви изјаснувања мотивирани од различни причини. Имаме и примери кога еден човек во определен момент почнува да се изјаснува како припадник на друга етничка заедница. Јас сум вкрстосувал податоци од пописите - етничката припадност и јазикот на определено лице не мора да се совпаѓаат. Сите знаеме лица кои се од една етничка заедница, а говорат друг јазик. Верата и по Уставот е по слободна волја. Секако, има и атеистси. Со пописот се прашува кој е мајчининиот (првиот) јазик, потоа кој јазик најчесто се говори во домаќинството, па повторно никој друг не може да говори во име на друг", вели Герасимовски.

Тој нагласува дека попишувачот има графи во кои ги внесува податоците и доколку едно лице е отсутно, тогаш на местото каде се впишува етничката, верската или јазичната припадност, графите остануваат празни  и попишувачот наведува - „не се изјаснил".

Герасимовски вели дека податоците за наши граѓани кои подолго од една година живеат во странство се битни за да се добие податок за иселени лица, а тие секако ќе бидат попишани во земјите во кои престојуваат,  но дека развојот на нашата земјата се планира врз база на постојаните жители.

Вчера, гостиварскиот градоначалник и член на раководството на Алијанса за Албанците Арбен Таравари рече дека доколку на пописот се случи тоа што го најави директорот Симовски, дека албанската опозиција ќе покрене иницијатива и ќе го спречи тоа.

Инаку, поради различните ставови на директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика МКД.мк очекува одговор од Министерството за правда на прашањето што точно значат законските и одредбите од пописната методологија, односно дали на пописот ќе се дозволи друго лице, кое е најупатено за податоците на отсутно лице, да му даде на попишувачот инфорамции во поглед на верската, етничката и јазичната припадност.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пак, денеска до претседателот на Собранието ги достави потписите и записниците од Иницијативата за донесување на закон за поништување на Законот за попис. Велат дека никаде во светот нема Попис на резидентно население со кој се попишува и нерезидентно население.

Во врска со разлчните изјави на директорот и заменик директорот на Заводот за статистика, од ВМРО-ДПМНЕ за МКД.мк велат дека „разногласието, меѓу врзаните со потпис Апостол Симовски и Иљми Селами, но и паничната реакција од СДС преку екс- заменичката Петровска за туркање на проблемите под тепих, само потврдуваат дека не станува збор ниту за комплетно законско решение, ниту за статистичка, туку напротив, за политичка однапред договорена операција".

„Доколку се продолжи со насилно туркање на овој политички зафат, допрва ќе следат разногласија и проблеми заради кои што некој на крајот ќе сноси одговорност. Недовербата во процесот во општеството не само што не запре со насилното носење на законот, туку и се зголемува, така што укинувањето на овој Закон и одложување на процесот до создавање на услови за негова целосна кредибилност е неминовна", нѝ изјави портпаролот на партијата Наум Стоилковски..

Инаку, утрово пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска во гостување на Студио 10 изјави дека директорот и заменик директорот на Статистика, пред да излезат со изјави, треба добро да се координираат и дека не е во ред јавноста да биде вознемирувана.

„Доколку се појави оправдано недоразбирање кое потекнува од законот, вистинската адреса е Собранието кое преку инструментот на автентично толкување може да ги појасни сите нејасностии", рече Петровска.

Инаку, во член 10 од законот се вели дека за лицата што ќе бидат опфатени со Пописот ќе се обезбедат податоци за: географски, демографски, економски, образовани, миграциски и културолошки карактеристики како и за инвалидитет/функционална попреченост.

Очигледно е дека партиите засега се воздржани конкретно да се изјаснат во поглед на одредбите по ова прашање. Но, во македонски услови каде сѐ е поларизирано, мора што поитно да се даде конкретен одговор.

На спроведување на попис на населението се чека 20 години. Може ли една - две изјави да го загрозат пописниот процес и тоа да резултира со недоверба, како во неговото спроведување, така и во неговите резултати? И тоа по три основи - колку сме и од која етничка, верска и јазична припадност.

Никому изгледа нема да му дојде на ум да оспорува бројки од типот - колку станови и куќи има во земјата, колку фабрики, автомобили, ниви кои се обработувааат, крави, овци, кучиња...

П.Џaмбазоски.

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе