петок, 10 мај 2024
Избори 2024

Денеска во 23:30 часот завршува рокот за приговори

Роковите за приговори за претседателските и парламентарните избори до Државната изборна комисија (ДИК) завршуваат вечер во 19, односно 23:30 часот. ДИК вчера ги објави првичките официјални изборни резултати и вечер до 19 часот до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од претседателските избори, по што според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

Според изборните резулатите од 100 отсто преброени гласови, што ги објави синоќа ДИК, Сиљановска Давкова освила 561.001 глас, а нејзиниот  противкандидат  и актуелен претседател Стево Пендаровски 251.881 глас. Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат коалицијата Европски фронт со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина на СДСМ, 18, коалиција Вреди 13, Левица шест и движење ЗНАМ За наша Македонија исто така шест.

Во прелиминарните заклучоци што ги изнесоа вчера  меѓународните набљудувачи, се наведува дека  изборите биле конкурентни, а основните слободи биле почитувани иако, како што потенцираат, процесот останува недоволно регулиран. Изборното законодавство, оценуваат, обезбедува соодветна рамка за одржување демократски избори, но празнините и двосмисленостите ја загрозуваат правната сигурност поради што е потребна нивна ревизија.

„За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР, и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа, останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата“, рече на прес-конференција шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера на состанок ги постави контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партии, каде, како што објави лидерот Христијан Мицкоски, фокусот ќе бидат луѓето на прво место.

„Економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи“, напиша во објава на Фејсбук Мицкоски.

Тој синоќа во телевизиско гостување рече дека очекува до 28 мај да биде формиран новиот парламент и посочи дека до тој термин има можност ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија да консолидира 61 пратеник.

„Веќе има најави од новите пратеници кои планираат да ја поддржат новата влада. Очекувам до 28 мај да консолидирам како претседател на партијата 61 пратеник. Вие споменавте 58 пратеници или нешто повеќе од 436.000 гласови нешто што досега е незапаметено на толкава излезеност, толкав процент на освоени гласови од позиција на опозиција. И ценам дека овој историски резултат можеби многу тешко понатаму би се повторил“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека коалицијата Вреди ќе биде нивниот главен коалициски партнер, која ја оцени како вистински претставник на албанската заедница во земјава, и додаде дека во идната влада се добредојдени сите кои ќе ја почитуваат предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

За денеска најави средба со коалициските партнери од Твоја Македонија на која ќе ги слушне и нивните мислења и предлози за идната коалициска влада.

Градоначалникот на Општина Тетово и претседател на движењето Беса дел од коалицијата Вреди, Биљал Касами, пак, вели дека од понеделник се очекува да почнат разговорите за формирање на новата влада.

„Во текот на оваа недела ќе треба да ги имаме готови работните групи, а доколку не, за време на викендот и најверојатно од понеделник да почне официјализирањето на средбите и координацијата на активностите околу формирањето на владата. Секако, кадровските прашања ќе бидат дел од втората фаза на разговори. Она што е поважно е дека оваа коалиција ќе продолжи да биде гарант за интеграцијата на земјата во ЕУ и гарант за правата на Албанците, бидејќи изборите покажаа дека го добивме мандатот на Албанците да ги претставуваме и донесуваме одлуки кои се за доброто на сите граѓани и на државата кон европската интеграција“, изјави вчера Касами.

В недела, на седницата за инаугурација Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава со што почнува да тече нејзиниот мандат.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.  Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ