Отчет и на владин коалициски партнер

Гаши: 100 дена на посветена работа на кадрите на Алтернатива во власта

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска излезе пред новинарите за да даде свое согледување за учеството на партијата во Владата, што се поклопува со стоте дена од владата на премиерот Ковачевски. Меѓу другото, Гаши рече дека Алтернатива е првата партија на Албанците која во власта влезе со писмен договор и информира дека има целосна согласност од премиерот за условот што го имаше поставено Алтернатива - анализа на некои судски предмети за кои постои сомнеж дека се политички мотивирани.

„Aлтернатива стана дел од оваа влада во време кога државата беше во грч и кога тоа стана и прашање по нејзината стабилност. Неуспешниот обид за формирање на ново мнозинство, неможноста да се изгласаат нови избори и ризикот кој и се закануваше на државата во однос на европската перспектива во таква состојба на нестабилност, беа причините кои не притискаа да донесеме ваква одлука. Секако, притоа ги имавме предвид и очекувањата на нашите пријатели од меѓународната заедница, но и на нашите браќа Албанци од регионот. Иако знаеме дека таквата одлука имаше висока политичка цена, ние сепак потполно свесни, одлучивме да се спаси Рим, а не Цезар", со ваков вовед лидерот на Алтернатива Африм Гаши го започна отчетот на неговата партијата во првите 100 дена од Владата на Димитар Ковачевски.

Според Гаши, Алтернатива е можеби првата партија на Албанците која се приклучува на Владата со потпишан политички договор, кој притоа, како што нагласи, е и во рацете на јавноста.

„Сакавме да покажеме дека кога зборуваме за транспарентност и одговорност, тоа го започнуваме од нас самите. И, освен прифаќање на одговорноста како политички субјект на нашата сцена, со овој договор ние поставивме уште еден стандард за учество во влада, кој мислам дека треба да биде ценет и треба да се следи и од другите субјекти во нашата земја. А кога зборуваме за исполнување на овој договор, сакам да бидам коректен со јавноста и со вас и да истакнам дека динамиката на глобалните и домашните кризи влијаеше значително во нејзиното исполнување. Ние досега сме го исполниле ветувањето дека нема да има покачување на цената на електричната енергија и верувам дека тоа веќе го чувствуваат сите граѓани на нашата земја во нивниот семеен буџет", рече Гаши.

Во однос на европската перспектива Гаши оцени дека е тоа многува важно прашање за државата и дека смета оти вложениот труд за решавање на спорот со Бугарија, новите настани таму, контактите кои ги имаа и нашите министри, даваат надеж дека и во Македонија доаѓаат добри европски денови.

„Во оваа насока, и борбата против корупцијата и криминалот верувам дека е должност која секој ден се исполнува без никакви ограничувања. Секако, за тоа не сме заслужни само ние, но убеден сум дека духот кој го донесе Алтернатива во оваа влада, беше значаен поттик во оваа насока", рече Гаши.

Лидерот на Алтернатива рече дека во однос на судските случаи „за кои има сомнение дека имало политички импликации", постои целосно согласување со премиерот Ковачески и додаде дека писмото до Европската комисија може да се прати и денес, што значи дека нема ниту една домашна пречка.

„Но по консултациите што ги имав со некои од нашите пријатели од меѓународната заедница, нивниот совет беше да се изнајде попогоден момент за упатување на ова барање, бидејќи во време кога се одвива војна во Украина, таквото писмо може да не наиде на примател кој сериозно ќе го третира и на тој начин ќе одговори. Сепак, сакам јавноста да биде спокојна за оваа тема, бидејќи нема да се случат нови избори без реализација на оваа точка од нашиот договор. А кога зборуваме за другите точки од договорот, можам да тврдам дека повеќе од нив се во тек, било прашањето на извршителите, за што се подготвува нов закон, темата на рамноправниот регионален развој и отстранување на Липковско од кризниот регион, темата на образованието, заштитата на семејството или реформирање на администрацијата, за што е посебно ангажиран нашиот министер за Информатичко општество. Сето тоа е потврда за нашиот сериозен пристап во исполнување на должностите кои сме ги поставиле пред себе", информира Гаши.

Тој додаде дека нема да биде искрено ако не прифатиме дека руската инвазија во Украина, но и економската криза и пандемијата, имаа значајно влијание во динамиката на реализација на овој договор, преместувајќи ги сериозно приоритетите на владата, но и на целокупната геополитика.

„Секако, ние не сакаме да правиме дневна политика со овој договор, бидејќи така може да им штетиме на повеќе процеси, па затоа се воздржуваме од таквата реторика за да му дадеме можност на извршување на работите. Независно од ова, јас сум убеден дека нашиот мандат во владата нема да заврши без реализација на тој договор", рече Гаши.

Лидерот на Алтернатива оцени дека овие 100 дена Влада не беа доволни за да се има најјасна слика на учеството на партијата во Владата, но порача дека кадровскиот придонес е базиран на труд, посветеност, транспарентноста и одговорноста, без никакви коруптивни афери и злоупотреба на власта.

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе

Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе