четврток, 28 март 2024

Ирачанецот кој запали Куран во Шведска замина во Норвешка: Шведска не ме почитува

Ирачанецот Салван Момика кој запали Куран во Шведска изјави дека заминува во Норвешка откако шведската влада му ја укина дозволата за престој.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Момика, 37-годишен христијанин од Ирак, изјави за новинската агенција АФП дека ја напуштил Шведска и пристигнал во Норвешка, каде планира да поднесе барање за азил.

„Ја напуштив Шведска поради прогон од владините институции“, рече Момика во СМС порака за АФП. „На пат сум за Норвешка. Шведска прифаќа само терористи, кои добиваат азил и заштита, додека протерува филозофи и мислители“, изјави тој вчера за шведскиот таблоид Експресен.

„Се селам во земја која ме пречекува и ме почитува. Шведска не ме почитува“, изјави Момика, додавајќи дека тој веќе влегол во Норвешка и е на пат кон главниот град Осло.

Момика за шведската слобода на изразување и заштитата на човековите права рече дека се „голема лага“.

Момика организираше неколку палења и сквернавења на светата книга на исламот во Шведска, што предизвика меѓународен гнев во последниве години. Видеата на кои провокативно го пали Куранот предизвикаа бес и критики во неколку муслимански земји, што доведе до немири на многу места.

Шведската влада го осуди сквернавењето на Куранот, но истакна дека Шведска има закони за слобода на говор и собирање. Во октомври, шведските миграциски власти му ја укинаа дозволата за престој на Момика, велејќи дека тој дал неточни информации во својата апликација и дека ќе биде депортиран во Ирак.

Но, неговата депортација беше одложена поради безбедносни причини. Според Момика, неговиот живот би можел да биде во опасност доколку биде вратен во татковината.

Минатогодишното палење на муслиманската света книга доведе до дипломатски проблеми, како што е откажувањето на посетата на шведскиот министер за одбрана на Турција среде преговорите за прием на Шведска во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ