Нова националистичка партија во Грција

Франс прес: Договорот со Северна Македонија беше „последната капка“ за гневните грчки гласачи

Пет месеци по гневните митинзи во поголемите градови против контроверзниот договор за името меѓу Грција и Северна Македонија, оваа тема едвај се забележува во кампањата за изборите на 7 јули, пишува Франс прес.

Но таканаречениот Преспански договор меѓу Атина и Скопје, со кој беше преименувана оваа поранешна југословенска република по горчлив 27-годишен спор, беше клучна точка за многу гласачи, особено во грчкиот северен регион Македонија.

„По кризата, сиромаштијата, бедата и невработеноста, ова беше последната капка“, вели Христос Бигликудис, жител на Пела, северна Грција.

„Владата нè изневери. Тие ја продаваат нашата татковина“, вели 39-годишниот работник, стоејќи пред кафетеријата што бил принуден да ја затвори поради економската криза.

Зад него, на градскиот плоштад, стои статуа на Александар Велики, еден од најважните воени херои на Грција.

Александар е роден во Пела, некогаш главниот град на античкото македонско кралство, а денес веднаш преку границата на Северна Македонија.

Она што било античка Македонија денес содржи и делови од Северна Македонија, Бугарија и Албанија.

Но за многумина во северна Грција, Македонија е само грчка.

„Луѓето тука се многу лути. Не можам да разберам како луѓето гласале за Сириза“, вели Бигликудис за левичарската партија на премиерот Алексис Ципрас, кој го склопи Преспанскиот договор со својот колега од Скопје, Зоран Заев.

На изборите за Европскиот парламент во мај, партијата на Ципрас беше поразена за речиси 9,5 проценти од конзервативната партија Неа демократиа, која силно се спротивстави на договорот за името како штетен за грчките интереси.

Во таа кампања, Сириза ги изгуби гласачите низ цела Македонија, вели Франс прес, во некои области заостанувајќи зад Неа демократиа за дури 20 проценти.

Дебаклот беше комплетиран една недела подоцна, кога Неа демократиа на локалните избори победи во сите освен во два грчки региони.

Самиот Ципрас претходно призна дека Преспанскиот договор, за кој тој и Заев се номинирани за Нобеловата награда за мир, бил „штетен“.

„Имаше политичка цена... имаше реперкусии на национално ниво“, изјави тој за државната телевизија ЕРТ во мај.

Никос Маранцидис, професор по балкански студии на грчкиот универзитет Македонија, тврди дека Преспанскиот договор ѝ го дал на Неа демократиа многу неопходниот „психолошки и морален поттик“ по годините во дефанзива.

На претходните избори во 2015 година, конзервативците мораа да се бранат од обвинувањата за „соработка“ и „изневерување“ на Грција кај нејзините доверители со наметнување на штедењето.

Овој пат, овие региони ја обвинуваат Сириза за предавство.

„Треба да бидат обесени“, вели Јанис, 70-годишен пензионер. „Ќе се најде некој што ќе го спроведе тоа, нема да се извлечат“.

 

Неочекуван победник

Меѓу сето тоа, имаше и еден неочекуван резултат. Субјектот што ја извлече главната корист од Преспанскиот договор беше една нова националистичка партија, Грчко решение, која на својот прв настап доби 4,18 отсто од гласовите, обезбедувајќи си место во Европскиот парламент.

Грчко решение е предводена од Киријакос Велопулос, поранешен екстремнодесничарски пратеник и новинар, кој подоцна се сврте кон ТВ-продажба.

Велопулос, кој е силно проруски настроен и чува фотографија на Владимир Путин во својата канцеларија, беше предмет на потсмев затоа што продаваше таканаречена „благословена“ паста за заби наводно направена од православни монаси и со букви наводно напишани од Исус Христос.

Исто така, луѓето ги забавуваше и фактот дека лидерот на партијата, кој ќелавее, со сериозен израз на лицето промовира лосион против губење на косата.

Но контроверзноста не му наштети на Велопулос.

Неговата партија се проби на социјалните медиуми со патриотска реторика, а во некои делови од северна Грција заврши на третото место на евроизборите со близу 8,0 отсто.

Велопулос се претставува како алтернатива на неонацистичката партија Златна зора, која претходно беше трета најсилна партија во Грција.

Лидерите на Златна зора се заглавени во долготрајно судење поради злосторства наводно извршени од партиските членови, меѓу кои и убиството на антифашистички рапер во 2013 година.

„Ние сакаме грчките патриоти што гласале за Златна зора да дојдат кај нас. Ќе бидеме горди ако Грчко решение учествува во уништувањето на Златна зора“, вели еден од неговите кандидати, сопственик на вежбална и поранешен шампион во теквондо, Бабис Панајотидис.

„Голем дел од електоратот што дојде кај нашата партија се противеше на Преспанскиот договор“, додава тој.

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе