Францускиот предлог за власта е европски и основа за државнички став, за опозицијата срам и капитулација

По добивањето на францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграциите на земјава Владата вчера почна широки консултации и објави дека е солидна основа за градење став и во него се вклучени сите наши барања и забелешки. Но, од друга страна, опозицијата смета дека предлогот ги содржи сите бугарски барања и најави протест кој ќе се одржи вечер во 19 часот на платото пред Владата.

Вчера, освен средбата со коалицијата, Владата одржа консултации и разговори со експертската и стручната јавност, како и со медиумите.

Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека пред нас имаме европски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции и, како што кажа, од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на државата. Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е и европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.

Тој додаде дека му е драго што на Самитот ЕУ – Западен Балкан минатата недела не го прифативме првичниот предложен текст и покажавме што точно бараме и што сакаме.

„Сега имаме предлог што ги вклучува сите наши барања“, додаде премиерот, најавувајќи дека Владата пред да го даде конечниот одговор дали ќе го прифати предлогот, ќе спроведе консултации со сите институции во државата, претседателот, Собранието, политичките партии, невладиниот сектор и стручната јавност.

Иако, Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии.

Според владините претставници, земјава нема временски рок до кога треба да даде одговор и од нас зависи дали ќе го почнеме нашиот пат за неколку дена или недели или ќе одолговлекуваме.

Измените во новиот европски предлог во однос на претходната верзија се однесуваат на тоа што е прифатено нашето барање во преговарачката рамка да не се внесува протоколот што произлегува од член 12 од билатералниот Договор со добрососедство со Бугарија и спроведувањето на обврските што произлегуваат од него, односно  во преговарачката рамка не се вклучени историските прашања.

Втората измена се однесува на тајмингот на стартот на преговорите. Со првиот предлог се предвидуваше со негово прифаќање формално да се одржи првата меѓувладина конференција, но дури откако ќе го промениме Уставот за „вклучување на Бугарите", да се одржи втора меѓувладина конференција и тогаш да започнат преговорите со сите предвидени процеси. Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да извршиме промена на Уставот со која во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери.

Во рамката се наведува и дека таа ќе биде преведена на македонски јазик, без никакви додавки, дообјаснувања или фусноти, туку само е оставен простор во Записникот од Советот на ЕУ, на кој ќе биде усвоена рамката, Бугарија да внесе унилатерални изјави во кои би го објаснила својот став за јазикот, но таа не станува дел од преговарачката рамка. Исто такво право да додаде унилатерална изјава во Записникот по ова прашање има и нашата земја.

Во однос на македонскиот јазик, Софија прво инсистирала во Преговарачката рамка воопшто да нема реченица во која ќе се спомене јазикот по примерот со Црна Гора, потоа да стои терминот „официјалниот јазик на Северна Македонија“, потоа „македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“ или пак на место каде што е наведено македонски јазик со фуснота да биде појаснето дека тоа е согласно нашиот Устав или да биде наведен бугарскиот став по ова мислење. Меѓутоа сите овие предлози на Бугарија се одбиени од наша страна со ставот дека „не преговараме за јазикот“ и тие не се вклучени во предложениот текст, туку во преговарачката рамка децидно е наведено македонски јазик без никакви додавки или објаснувања. Со тоа македонскиот јазик станува еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков е дел од преговарачката рамка.

Како што објаснуваа вчера Ковачевски, вицепремиерот Бојан маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, наша цел во целиот тој процес не била да се убеди Бугарија да го смени ставот, туку да се потрудиме тој бугарски став да не стане и европски, во што, велат, успеале.

Конечниот предлог се базира на предложената Преговарачка рамка од страна на Европската комисија за време на португалското претседателство со ЕУ и во него како и во сите досегашните предлози, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство биле наведени во основниот документ, во преговарачката рамка, во параграфот 5, при што е наведена формулацијата дека ќе се бараат „опипливи резултати за нивно спроведување“ за што проценки ќе дава Европската комисија.

Делот за почитување на „правата на малцинските и етничките заедници“, пак,  произлегува од Копенхашките критериуми за малцинските права, само што сега тие се поместени во посебен параграф и во нив посебно не се нагласени правата на Бугарите, туку се говори за почитување на правата на сите малцински, а не само на етничките заедници.

Ковачевски вели дека предлогот го гледаат како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. 

Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторувавме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција“, рече Ковачевски.

Тој ги повика партиите, вклучувајќи ги оние кои беа против влез во НАТО да разговараат, да се погледне предлогот и заедно да биде донесена одлуката дека државата ќе оди во насока на влегување во ЕУ бидејќи со носење на правилна одлука ние започнуваме со првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Во однос на тоа дали ќе се стаса до консезус или некоја од партиите нема да го прифати овој предлог, Ковачевски смета дека обврска на секој политичар во државата е да мисли за генерациите напред, не да мисли само на својата политичка кариера и на својот изборен резултат.

Имајќи ги предвид досегашните консултации, Министерството за надворешни работи ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија за продолжување на нашите европски интеграции, информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој оцени дека бројните консултации, минуваат во позитивна атмосфера, а францускиот предлог детално се анализира. Доколку Владата одлучи да го одобри пакетот, вели Османи, може веднаш да се потпише протоколот со Бугарија.

„Доколку Владата донесе одлука после консултативниот процес дека го одобрува пакетот, тогаш јас можам веднаш да организирам средба на меѓувладината комисија со Република Бугарија и да пристапиме кон потпишување на протоколот. Мислам дека тоа временски би коинцидирало со истиот ден кога Советот на ЕУ ќе ја усвои преговарачката рамка и целиот овој процес“, вели шефот на дипломатијата.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, нагласи дека имаме рамка за решавање на разликите со Бугарија без да биде формален критериум во преговорите. Тој исто така уверува дека историските прашања нема да се дел од преговарачката рамка.

„Во оваа фаза ние сѐ уште ги разгледуваме документите во пакет, така како што се предложени и откако сите документи ќе бидат разгледни, ќе се согласиме или нема да се согласиме, зависно од исходот, но доколку се согласиме на овој пакет, тоа ќе подразбира и брзо започнување на сите процедури“, рече Маричиќ на вчерашната прес-конференција во однос на тоа каква е процедурата за усвојувањето на преговарачката рамка кај нас во домашните институции и во кој дел од овој предлог имаме гаранција дека ова се последните барања од Софија.

Според него, она што е битно до првата Меѓувладина конференција е дека преговарачкиот процес го води Владата, а за Европската комисија и државите членки од ЕУ најважно е Владата да ја прифати преговарачката рамка и да започне со преговори.

„Во моментот кога ние ќе се согласиме со преговарачката рамка и сите останати држави членки на ЕУ ќе биде свикана првата Меѓувладина конференција на која ќе се разговара понатаму за наредните чекори и за официјалното усвојување на преговарачката рамка бидејќи тоа е многу важен документ што ги утврдува правилата и основите на преговорите со ЕУ и практично претставува основа за понатамошно драфтирање или креирање на договорот за наше пристапување кон ЕУ“, рече Маричиќ.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера ја поздрави конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање прифатливо решение за спорот на нашата земја со соседна Бугарија и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на нашиот европски пат.

„Нашата земја е пред историска одлука, онаа на отворање на преговорите со Европската унија и затворање на сите спорни прашања со соседите, затоа цениме дека ваквите шанси за компромис кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот“, соопштија од ДУИ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера од партиското седиште повика на сенароден протест за вечер во 19 часот на платото пред Владата, за, како што рече, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на иницијативата за протести. Повикувам на сенароден протест. Го повикувам цел народ од цела Македонија, но и однадвор, да се приклучи и да застане до нас и да го одбраниме она што се вика европска вредност и да го спасиме процесот на преговори“, рече Мицкоски.

Коментирајќи го модификуваниот француски предлог, Мицкоски рече дека според предлогот, земјава нема да го отвори првиот кластер „фундаменталс“ сѐ додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет.

„Нема да имаме почеток и отворање на кластерот сѐ додека не се случат уставните измени. На страна 8, пак, од предлогот, е избришан делот каде во првиот дел стоеше делот за јазикот, ама јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори сѐ додека не биде потпишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство што го има нашата Влада потпишано со нашиот источен сосед. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата, културата, сѐ што треба да се направи како измена во нашите учебници“, појаснуваше Мицкоски.

Сето она што го вели Ковачевски, додава тој, „не е визија, не е стратегија, ниту битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“.

„Ваков ултимат за Макакедонија – не благодарам. Сега е моментот кога треба да се биде гласен, јасен, да се заземе вистинска страна. Страната на Македонија и страната на народот. Оваа Влада прави огромна штета, бидејќи одобрување на ваква рамка значи или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и никогаш нема да се согласам на тоа“, рече Мицкоски.

Тој, како што вели, со жалење констатира дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот и во делот на идентитетот.

Политичката партија Левица бара категорично отфрлање на предлогот и итен прекин на преговорите со Бугарија, веднаш. И оттаму го повикаа македонскиот народ да се приклучи на сенародниот отпор.

„Францускиот предлог, којшто Владата првично го одби, за сега да биде прифатлив, ги содржи сите негаторски бугарски барања. Бугарија преку ЕУ наметнува ултиматум за ништење на македонскиот идентитет“, порачаа вчера од партијата.

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе