Според неофицијални информации

Франција најавува барање за одлагање на преговорите со ЕУ

Француски дипломатски извори информираат дека една од причините зошто Париз се противи на отворањето преговори со Македонија е недостатокот на напредок во реформата на статусот на Специјалното јавно обвинителство, јавува МИА.

„Конкретно сметаме дека Северна Македонија мора да приложи дополнителни напори посебно во делот на Специјалното јавно обвинителство, сметаме дека останува уште многу работа и за Северна Македонија и за Албанија и дека состојбата не е толку розова како што ни се претставува”, изјавил француски дипломатски извор.

Ова е сега официјална позиција на француските власти и ќе им биде соопштена на министрите за надворешни работи во вторник во Луксембург.

Што се однесува до Преспанскиот договор, Франција смета дека тој е од огромна историска важност, но дека тоа „нема никаква поврзаност со процесот на проширување”.

„За нас Преспа нема никаква врска, тоа е историски договор, но не е директно поврзан со процесот на проширување, важен договор е и потребен, но не треба да се очекува дека тој ќе го одблокира процесот на проширување”, вели францускиот дипломат за МИА.

Истиот дипломат објаснува дека дури и да се реши прашањето за СЈО до идниот вторник кога ќе се одржи состанокот на министрите во Луксембург, Франција ќе одбие преговори со Македонија и Албанија, но ќе одбие и одвојување на двете земји.

Причината за ова е што Франција сака претходна темелна реформа на методологијата на преговарање за земјите кандидати, за што ќе треба најмалку неколку месеци. Поради тоа Франција предлага да се наврати на прашањето во март 2020-та, но без никаква гаранција дека ќе даде зелено светло и тогаш.

„Мораме да констатираме дека процесот на пристапување во ЕУ е премногу технички и недоволно политички и дека тој не овозможи да видиме трансформација на општествата каква што очекувавме, затоа бараме од Европската Комисија да стави на маса реформа на методологијата на проширувањето за таа методологија да биде повеќе политичка, попостепена но и пореверзибилна”, објаснуваат француските дипломати.

Она што Париз сака да го види е процес во кој ќе може во текот на преговорите да се врати назад доколку констатира дека една земја назадува или стои во место во однос на реформите, а истовремено тој нов процес би овозможил да се дојде до бенефити пред полноправното членство, хипотетички преку пристап до структурни фондови на ЕУ многу порано во процесот.

За Албанија се бараат уште многу дополнителни напори во делот на комплетирањето на реформата на судскиот систем, а Франција ќе го нагласи фактот дека системот на ветинг во албанското судство имало „перверзни ефекти” поради тоа што земјата останала без судии.

Поддршка за реформа на процесот на преговарање Франција добила од Данска, Холандија и Шпанија, иако сите три земји порачале дека поддржуваат почеток на преговорите со Северна Македонија, но не со Албанија.

 

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе