Во поглед на проширувањето

Франција им штети на интересите на ЕУ, вели Европската народна партија

Вчера на самитот на Советот на ЕУ Данска и Холандија ѝ се придружија на Франција искажувајќи спротивставување на почнувањето преговори за пристапување во ЕУ со две балкански држави. Париз ги призна напорите на Скопје, особено по договорот за промена на името со Грција, но во случајот со Албанија, трите земји изразија загриженост за напредокот на потребните реформи.

Георги Готев од Еурактив на Твитер прокоментира: „Толку тажно. Денес ЕУ ја покажува својата моќ против Северна Македонија, наместо да ѝ покаже заби на Турција“.

Според Роланд Фројденштајн, директор за политика на Центарот за европски студии Вилфред Мартенс, официјалниот аналитички центар на Европската народна партија (ЕПП), ставот на владата на Макрон ја изолира земјата, како уште една во низата „понови неуспеси на француската европска политика“.

„Тој исто така им штети на регионалните интереси на ЕУ“, рече тој за Еурактив, додавајќи, сепак, дека француското вето во основа ја истакнува дилемата што ја имаат и други земји.

„Од една страна, огромен дел од населението е заморен од проширувањето, особено во Западна Европа, меѓу другото и поради проблемите со владеењето на правото во Полска и Унгарија“, рече тој.

Од друга страна, тој истакна дека постои проблем со кредибилитетот на Унијата во Западен Балкан, бидејќи преговорите за пристапување биле ветени на политичко ниво, како и „опасност овие земји да се турнат во раширените раце на Русија, Кина и Турција ако ЕУ не покаже дека е сериозна во врска со проширувањето“.

Но тој рече дека француската влада е единствената што недвосмислено одлучила дека првиот проблем (заморот од проширувањето и од невладеењето на правото) е поважен и гласала соодветно на тоа.

„Наместо да ставаат вето на почетокот на пристапните преговори, земјите-членки треба да инсистираат на строга примена на критериумите за членство за време на преговорите од страна на Европската комисија и да подготват подобри инструменти за да ја следат состојбата со владеењето на правото по пристапувањето“, рече Фројденштајн.

Еурактив стапил во контакт и со европратеничката Натали Лоизо од Обнова на Европа, која беше и главен кандидат на Макрон на изборите за ЕУ. Според Лоизо, Париз долго време изразувал сомнежи. „Во момент кога Велика Британија заминува, кога треба да ја реформираме ЕУ и кога голем број земји-членки сè уште не кажале како ќе го финансираат следниот буџет на ЕУ, дали сме подготвени да размислуваме за проширување на нашата Унија? Реално?“, рече Лоизо.

Лоизо истакна дека илјадници Албанци доаѓаат во Франција и бараат азил: „Како можеме да отвориме преговори со Албанија?“, праша таа и рече дека Албанците одат во Франција без виза и потоа ги бараат бенефициите од бегалскиот статус, што честопати им се одбива.

„Или илјадници Албанци заслужуваат бегалски статус, што само по себе фрла сомнеж на тоа дали Албанија може да биде кандидат за ЕУ. Или трговците со луѓе и мафијата работат од Албанија до Западна Европа и ја охрабруваат нелегалната миграција. Затоа, во Албанија треба да се подобри борбата против организираниот криминал“, рече француската политичарка.

„Ние европската перспектива на Западен Балкан ја сфаќаме сериозно. Ние сме посветени на многу посилни односи со секоја земја од Западен Балкан. Поголема помош за реформите, повеќе инвестиции, поблиска врска. Ние ги претпочитаме делата и резултатите пред говорите и нејасните ветувања“, заврши Лоизо.

Во Париз, извори за француски Еурактив рекле дека владата инсистирала дека двете држави еден ден ќе бидат дел од ЕУ, но дека процесот на проширување мора да се ревидира пред тоа дури и да стане можно. Ставот на француската влада не треба да претставува изненадување со оглед на тоа дека Макрон сака да крене кочница на проширувањето уште од почетокот на својот мандат.

Најновиот Евробарометар откри дека 46% од Европејците се против какво било понатамошно проширување, додека 44% се за, а 10% немаат став.

Но Макрон е единствениот шеф на држава што отворено го изрази овој став. Иако Ангела Меркел и холандскиот премиер Марк Руте мислат исто, тие тоа не го кажуваат толку гласно. Општиот став во Франција е дека ЕУ рапидно расте и дека некои земји-членки заостануваат.

 

Скопје / Тирана

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, вели Еурактив, рече дека лошите вести од Брисел на крај може да ја стават на тест неговата проевропска социјалистичка влада во Скопје. Еден од аргументите за договорот за промена на името со Грција беше да се почнат преговори со ЕУ. Но, по овие случувања, нему ќе му биде тешко да го издржи притисокот од опозицијата, која веќе побара предвремени избори. Опозиционите партии што ги претставуваат етничките Албанци рекоа дека доколку не се утврди датум за почнување на преговорите, треба да се одржат предвремени избори.

Десничарската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ имаше тврд став кон спорот за името кога беше на власт, нешто што негативно влијаеше врз нејзините односи со семејството на ЕПП, вели европскиот медиум.

Во Тирана, главната опозициска Демократска партија на Албанија (поврзана со ЕПП), која остро го критикуваше владејачкиот социјалист поради корупцијата, ќе побара избори.

Љуљзим Баша, водачот на Демократската партија на Албанија, за Еурактив рекол дека одлуката на Советот на ЕУ не е „она што го сакавме, ниту на што се надевавме“.

„Сега целата наша енергија и фокус мора да биде да ја завршиме домашната задача. Германија утврди девет услови што обезбедуваат патоказ за почнување преговори за пристапување. Покрај тоа, ние мора ефикасно да се бориме против криминалот и корупцијата и да им обезбедиме можности на нашите граѓани, што ќе помогне да се намали илегалната имиграција. Уверен сум дека мојата земја има потенцијал да ги исполни сите овие критериуми. Сега ни треба лидерство што ќе го реализира целиот потенцијал на Албанија“, рече овој централно-десничарски политичар.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе