„Фокус“ открива нова афера за Ден Дончев кој добил 50.000 евра од австралиска фирма преку фирма од Муртино

Повеќе од 3 милиони денари, или околу 50.000 евра, добил Ден Дончев, додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување, по основ на плати, од компанија со основна дејност интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, открива неделникот „Фокус“, повикувајќи се на наоди од истрагата на Управата за финансиско разузнавање, отворена на барање на Обвинителството за организиран криминал.

Ден Дончев уверува дека средствата што ги добил за консултантски услуги биле целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок. Но, законот вели дека тој, како јавен функционер, не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по тој основ. Според член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Ставот 6 од овој член предвидува дека службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственос, но не се спомнуваат консултантски услуги.

Неделникот „Фокус“ ги потврдил сознанијата дека Управата за финансиско разузнавање го известила надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, заменик на Вилма Рускоска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил околу 50.000 евра од приватната компанија „Ремаркет“. Притоа, Управата утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

Ден Дончев

Проверките во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде што потекнува и Ден Дончев. Веројатно поради ова, уште по најавата на сторијата на „Фокус“, на социјалните мрежи новата афера во која е замешан Дончев е наречена „Муртиногејт“. Инаку, до лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма.

Во одговорите доставени до „Фокус“, од компанијата велат дека трансакциите од австралиската кон македонската компанија се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Така, финансиските извештаи што ги извадил „Фокус“ покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени. Македонската компанија „Мегантик“, неодамна преименувана „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400.000 денари. За споредба, компанијата заклучно со ланската 2019 година остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу 1 милион денари. Ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број се повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.

Од „Мегантик“ односно од „Ремаркет“, велат дека Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50.000 евра преку македонската компанија, од проста причина што тој во тоа време бил во Македонија.

Антикорупциската комисија најавува дека ќе отвори постапка за овие исплати. Ако нивните проверки ги потврдат информациите, антикорупционерите ќе отворат предмет за веродостојноста на анкетниот лист, со оглед дека овие приходи не се пријавени во имотното досие на Ден Дончев, иако претставуваат приход надвор од основната плата. Откако ќе заврши оваа постапка со евентуална прекршочна санкција, тогаш од таму не исклучуваат и поведување на постапка за испитување на имотна состојба, во која вообичаено се вклучува и Управата за финансиска полиција. Додека антикорупционерите веќе најавуваат соодветна постапка за вршење на забранета дејност и непријавување на приходи, од Обвинителството сѐ уште не повикале ниту едно од споменатите лица да дадат исказ во однос на трансакциите нотирани од финансиското разузнавање.

Дончев, пак, тврди дека не знаел за ваквите проверки, без оглед што досега бил двапати повикан да даде исказ во обвинителството во врска со обвинувањата од поранешната сопственичка на „Диамед“.

Како што е познато, неодамна контроверзниот Дончев поднесе оставка на местото директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а како објаснување за оставката, тој навел „семејни и лични причини“. Владата ја прифати оставката без официјално објаснување и без коментар.

Плусинфо пишуваше дека до органите на прогонот неодамна се доставени многу сериозни, цврсти докази за постоење рекетарска шема, со која регуларното плаќање на Фондот за здравство на субјекти на пазарот на медицински услуги е условувано со исплати на кеш на лица, кои потоа парите ги носеле на точно одредени адреси. Покрај Ден Дончев, со овие докази се засегнати и највисоки функционери од власта. Порталот достави и соодветно прашање до надлежниот орган за потврда на оваа информација, но до денешниот ден од таму нема ни потврда, ниту демант.

Написот на неделникот „Фокус“ е прво официјално сознание дека повеќе истражни органи работат на случајот „Ден Дончев“ и тоа очигледно во повеќе насоки.

Не се остварија најавите дека Ден Дончев ќе избега назад во Австралија, но има шпекулации за дејства што наводно ги презел за да си осигура алиби за една таква постапка. Како што сега стојат работите, после отворањето на „Муртиногејт“, може да се очекува македонските истражни органи да побараат правна помош од австралиските власти, за да се расчисти дилемата од каде потекнуваат парите што од Австралија стасувале во Муртино и зошто на директорот на ФЗОМ му е исплатена солидна сума од 50.000 евра за консултантски услуги, пишува Плусинфо.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе