ФИТР ќе поддржи 34 научно-истражувачки проекти, најмногу од УКИМ

Вкупно 34 проекти се одобрени и ќе се реализираат со средствата од Јавниот повик за иновациски ваучери кој беше отворен од 1 до 14 октомври годинава, а проектираните 15 милиони денари ќе ги добијат УКИМ, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и  Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска ги презентираше резултатите од првиот Јавен повик за иновациски ваучери, со кои се поддржуваат 34 научно истражувачки проекти. Проектите се наменети за развој на нови производи и услуги, со повисока додадена вредност, а на нив ќе соработуваат домашни компании и високо образовните институции од државата. Инаку, ова е прв ваков инструмент во Македонија, а целта е ангажирање на сите капацитети на државата во креирање на забрзан економски раст.

Како што беше речено денеска на Машинскиот факултет каде беа презентирани резултатите од Јавниот повик, до надлежната Комисија во ФИТР пристигнале вкупно 71 проект од кои 55 влегле во фаза на разгледување, а 16 биле оценети како неподобни по различни основи.

Според директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, согласно Повикот, средствата нема да завршат кај компаниите, туку ќе им бидат исплатени на државните високо-образовни институции, а тие потоа, на компаниите ќе им дадат соодветни услуги.

На Повикот доминира УКИМ со одобрени 23 проекти и кај него одат 10,7 милиони денари, кај Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе завршат 2,6 милиони денари, додека Битолскиот добива нешто помалку од еден милион денари. Од Универзитетот во Тетово немало апликација.

„Од денеска почнува реализација на 34 проекти во кои директно соработуваат домашни компании и државни високо-образовни иституции. Универзитетите ќе располагаат со овие средства од кои, се надевам, дел ќе завршат во набавка на нови лаборатории, стручно усовршување на кадарот и научно-истражувачката дејност“, рече Деспотовски.

Овој повик, според него, бил пилот-проект, но поради големиот интерес од академската заедница и од деловниот сектор, веќе се изготвува нов инструмент за поддршка.

„Оние што сега ќе може да ги искористат иновациските ваучери ќе покажат дека ако инвестираме во нашите науни институции, можеме да постигнеме и државен развој. Од 2021 година процентот на инвестиции од БДП во науката, сакаме значително да се зголеми токму преку вакви двонасочни комуникации и координации меѓу двата сектора“, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.

 

Деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, пак, ги повика своите колеги од научната фела да се охрабрат и да соработуваат со индустријата, бидејќи „нема развој без инвестиции, а инвестициите најчесто потекнуваат од компаниите“.

-Овој чин навестува дека овде се оние кои најмногу иновираат, на кои им е отворен патот за соработка со индустријата. Но, не секогаш иновациите се во инженерските науки, има многу простор и во природно-математичките, здравството, биотехничките струки, општествените, во сферата на уметноста. Сакам да ги охрабрам сите колеги од академската заедници да соработуваат со индустријата. На тој начин, сите добиваат – бизнисот решенија, ние иновација, а студентите учат“, изјави Данев.

Јавниот повик беше отворен од 01.10.20 до14.10.20 и за првпат беше воведен принцип на доделување на средства по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според редоследот на поднесувањето на комплетни апликации. Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари и тие им се доделуваат на факултетите и истражувачките центри. Со иновациските ваучери се покриваат до 80% од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари. Останатиот дел од 20% е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци. 

 

 

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе