Според податоците на УЈП

Фирмите во кои Вице Заев бил косопственик со години должат околу 1 милион евра

Фирмите Сара инженеринг, Сара јавор и Дравас, сите со седиште во Струмица во кои во одредени периоди косопственик бил Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев, со години се на листата на должници која УЈП ја објавува за неплатен ДДВ, данок на добивка и персонален данок. Вкупно трите фирми, според последните листи на должници на УЈП објавени во февруари и март, должат нешто повеќе од еден милион евра. Во одговорите на прашањата на МКД.мк УЈП вели дека согласно законските надлежности презема мерки и дејства за даночни обврзници кои се должници по кој било основ.

Според последната, мартовска листа на должници фирмата Дравас должи 43.230.711 денари, што е за 167.123 денари повеќе од минатиот месец. Сара инженеринг должи 19.104.372 или повеќе за 894.201 денари од февруари. Долгот на Сара јавор е 2.189.693 денари. Трите фирми должат вкупно 64.515.776 денари или околу 1,05 милиони евра.

Долгот кон државата на овие три фирми се провлекува и во периодот кога тие беа активни, а и сега во последните неколку години кога веќе не се активни.

Според Законот за даночна постапка, УЈП има обврска да ги блокира сметките, ако треба и имотот за да го наплати долгот. Голем број и на други фирми поврзани со семејството Заеви должат на овие три фирми, Сара јавор инженеринг, Сара инженеринг и Дравас, ама не ги подмируваат долговите.

Според законот, сопствениците на фирмите можат да одговараат и со сопствен имот, односно УЈП има право да си го наплати долгот и од личниот имот на сопствениците.

Сопственици, косопственици, управители...

А кога сме кај сопствениците на овие фирми, од 2009/2010 година кога се основани, во Централниот регистар постојано се менуваа и сопствениците и управителите. Во трите фирми продефилираа дваесетина лица кои беа сопственици, косопстевници и управители.

Сара јавор инженеринг е регистрирана како друштво за градежништво, со дејност изградба на станбени и нестанбени згради, а единствен сопственик тогаш беше Марија Крстева, а управител Драги Цикарски. Подоцна управител станува Сашко Брндевски и Данче Иљашова – Атанасова. Во 2010 година како косопственик се јавува Митко Љочев. Таа година се додава и нова дејност: товарен патен транспорт. Се појавува и нов сопственик – Симеон Крстев и Горан Крстев, како содружници. На 5 јули 2013 година, доаѓа до промена на основачите и нови сопственици на Сара јавор инженеринг стануваат Митко Љочев и Горан Крстев со влог од по 1.015.000 денари и Вице Заев со влог од 2.030.000 денари. Во 2014 пак доаѓа до промена на сопствеништвото – Горан Крстев, Митко Љочев, Димитар Цикарски и Ристо Кречев, а го нема Вице Заев. Како последен управител на оваа фирма, според документите од Централен регистер се јавува Александар Барабановски.

Фирмата Дравас инженеринг е основана на 7 август 2009 година како друштво за производство, трговија и услуги со основна дејност изградба на станови и нестанбени згради. Единствен сопственик и управител тогаш е Драги Василев. Веќе во декември истата година косопственици на Василев стануваат Митко Љочев, Бранко Стамболиски, Горан Крстев и Вице Заев. Од мај 2010 година единствени сопственици се Горан Крстев и Симеон Крстев. Од 2015 година сопственици на Дравас стануваат Драги Василев, Зуље Јанева, Бранко Стамболиски, Горан Крстев, Цена Хаџијска. Во декември истата година единствени сопственици се Митко Љочев и Ристо Кречев. Во 2017 се појавува ново име, управителка на фирмата станува Анита Камческа. Oд 30 април 2019, во регистарот е запишан нов управител – Горанчо Коцев. Во август истата година фирмата добива уште еден управител - Александар Трајковски, кој од август 2020 година останува единствен управител. Од април 2021 година, со решение на Основниот суд во Прилеп привремен управител за шест месеци станува Цена Хаџијска.

Сара инженеринг – основана 9 септември 2009 година од управителите Ѓорѓи Кечев и Митко Љочев. Од 1 август 2010 сопственици се Митко Љочев, Бранко Стамболиски, Вице Заев и Горан Крстев. Од мај 2010 го нема Горан Крстев, влегува Симеон Крстев. Септември 2010 се враќа Горан, а Симеон се брише. Декември 2010 управител е Сашко Брндевски, а се брише претходниот управител Ѓорѓи Кечев. Во април 2016 на листата на сопственици се додава Ристо Крчев и Сашко Брндевски, а се избришани Бранко Стамболиски, Горан Крстев и Митко Љочев. Во април 2016 Брндевски станува еден од управителите, а веќе во јуни го нема. Како еден од управителите се појавува и името на Драган Станојевиќ. Во февруари 2021 Горанчо Коцев веќе не е управител, од листата на сопственици е избришан и Вице Заев, а додаден е Зоран Марковски. Од јануари 2021 управител пак е Горанчо Коцев.

Долговите на Сара инженеринг во листата на УЈП почнуваат да се регистрираат од 2015 година (7.658.327 за ДДВ), па во 2016 година (21.614.968 денари за данок на добивка). Септември 2017 година долгот е 19.836.488 денари за данок на добивка, а во октомври 2021 долгот за данокот на добивка е 19.710.315 и за ДДВ 8.678.189 денари.

Дравас во април 2021 година должи -26.829.410 денари за ДДВ и 14.712.468 денари за данок на добивка. Истите бројки се и во септември 2021 и со мали измени и во февруари 2022 година.

Дравас во февруари 2019 за данок на добивка должи 17.272.926 денари. Октомври 2021 14.712.468 денари за данок на добивка и за ДДВ 27.587.033 денари.

Според законот долгот застарува за 5 до 7 години. Уште малку останува за можноста оваа законска можност да се оствари.

Прашање кое се поставува по оваа анализа на сопственичката структира на наведените фирми е дали со овие чести промени на сопствениците и управителите некој сака да ги прикрие одговорните лица. Кој е одговорен - сегашниот сопственик или управител или лицата кои биле одговорни во времето кога се случил одреден настан или трансакција? Ваквите чести промени во сопственичката структура и на управителите на една фирма и во други случаи се покажал како корисен рецепт во прикривањето на одговорноста. 

Одговорите на УЈП

Во октомври минатата година на прашањето на МКД.мк за долговите на овие три фирми, Управата за јавни приходи ни одговори дека „согласно законските надлежности презема мерки и дејства за даночни обврзници кои се должници кон УЈП по кој било основ. Мерките кои ги презема УЈП за доспеани и неплатени долгови согласно Законот за даночна постапка се однесуваат на присилна наплата на сите средства и приходи на должникот, како и утврдување на даночна гаранција. Присилната наплата се врши над парични средства и парични побарувања на должникот, како и воспоставување на законско заложно право, заплена и впаричување на движен и недвижен имот на должникот.

Согласно член 9 став 1 од Законот за даночна постапка, службените лица на Управата за јавни приходи се должни како даночна тајна, да ги чуваат сите документи, информации, податоци и други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночната, прекршочната или судската постапка. А согласно став 3 од истиот член, обврската за чување на даночна тајна не е повредена, ако документ, факт или податок се изнесе во текот на даночната, прекршочната или судската постапка или пак одреден документ, факт или податок се изнесе со писмена согласност на даночниот обврзник“.

Веќе во февруари годинава, УЈП за истите прашања, со истиот вовед, беа малку поотворени:

...Наведените даночни должници биле објавувани на листите на должници, но кај истите евидентно е движење-намалување на нивните долгови поради преземени мерки за наплата. Управата за јавни приходи продолжува со преземање на сите расположливи мерки за наплата согласно закон.

Раководејќи се по член 9 став 1 од Законот за даночна постапка, во кој е уредена даночната тајна, Управата за јавни приходи за конкретни преземни мерки за наплата на долг кај конкретни должници не е во можност да информира од причина што даночните службеници се должни како даночна тајна, да ги чуваат сите документи, информации, податоци и други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночната, прекршочната или судската постапка“.

Во декември 2021 Сара инженеринг имала долг од 28.546.582 денари, а во јануари 2022 година тој долг е 18.133.284 (намален за 10.413.298).  Падот на приходите на Сара инженеринг бележи пад за речиси 98 отсто.

Долгот на Сара јавор од 10.938.829 денари е намален на 4.743.196 (за 6.195.633 денари). Според податоците од Централниот регистар за остварените приходи, Сара јавор инженеринг во 2020 нема приходи, т.е. нема деловна активност.

Сара инженеринг многу мал обем на работа, приход од само 293.454 денари или пад за 98%

Од 2020 година Дравас е деловно неактивен, нема приходи и нема поднесено завршна сметка. Тоа што фирмите немаат или имаат незначителна деловна активност, веќе го доведува во прашање измирувањето на даночниот долг.

Мартовска листа на должници покажува зголемување на долговите на Дравас (43.230.711 денари или за 167.123 денари повеќе од долгот во февруари) и на Сара инженеринг (19.104.372 или повеќе за 894.201 денари во март во однос на февруари).

Еуростандард банка и Сара инженеринг

За Сара инженеринг интересни се и податоците кои ги објавува и здружението на обесправени штедачи на Еуростандард банката Правда за штедачи. Тие потсетуваат дека на 29 октомври 2021 година Вице Заев излегол од сопствеништвото на фирмата Сара инженеринг ДОО Струмица. Фирмата има сомнителен и спорен долг во Еуростандард банка од околу 600 илјади евра и нема платено ниту една рата 620 дена пред затворање на банката, август 2020 година. На местото на Вице Заев како косопственик на Сара инженеринг влегол Зоран Марковски, додека другите двајца крајни косопственици, Сашко Брндевски и Ристо Кречев, останале во фирмата.

 

Александар Дамовски

Објавено

Вторник, Март 22, 2022 - 11:50

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе