Финансирањето на партии е клучно во изборниот процес, мора да се следи за да се намалат злоупотребите, велат од ДКСК

Антикорупциската комисија  го следи целиот изборен процес и во случаи на основи на сомневање за прекршување на законите презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамки на нивните надлежности, соопшти денеска претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска.

Ивановска на прес-конференција предупреди дека најголемите клиентелистички односи се создаваат токму за време на изборниот процес, па финансирањето на политичките партии и нивните активности мора да се следи и унапредува бидејќи е клучно овој процес да биде транспарентен за да се намалат можните злоупотреби. ДКСК веќе постапува согласно нејзините законски ингеренции, разгледува предмети поврзани со изборите, а за откриените нерегуларности, но и за постапки што не се спротивни на законот, но и не се во духот на доброто владеење и располагање со државните средства, ќе извести во посебниот извештај за изборниот процес кој редовно се доставува до Собранието.

Ивановска ги потсети носителите на јавни функции на потпишаниот етички кодекс во Владата, во кој има посебен член во кои се регулирани активностите на носителите на јавни функции во услови на нивна политичка активност. Таа уште информираше дека ДКСК организирала Јавна дебата за интегритетот на учесниците во изборниот процес на која биле поканети сите релевантни политички партии, институции и невладини организации. Отсуството на политичките партии на вакви јавни дебати, како што рече, е јасна потврда за нивниот игнорантски однос кон законските и моралните начела за интегритет во изборниот процес, а како резултат на тоа отсуствува и градење на транспарентна и одговорна политичка култура, што ќе даде придонес за јакнење на демократијата. Одговарајќи на новинарско прашање, Ивановска кажа дека на јавната дебата онлајн биле вклучени претставници од политичките партии, но тие не биле активни.

ДКСК повторно ги известува сите министерства, единици на локална самоуправа, фондови,агенции, регулаторни тела, дирекции, Јавни претпријатија, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата, за изборните ограничувања во Изборниот законик. Од денот на донесување на одлуката за распишување избори, до денот на завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на Советот на општините и на Градот Скопје, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на ЈП и други правни лица што располагаат со државни средства, на нови објекти во инфраструктурата.

Токму овој дел од законот, смета Ивановска, е најмногу заобиколен од страна на учесниците во изборниот процес бидејќи сѐ е испланирано и е дел од програмите да се случи токму во изборниот процес.

На денешната прес-конференција беше посочено дека изборниот процес започнал многу порано од законски предвидениот рок.

„Сведоци сме на низа обиди од страна на политичките партии за заобиколување на изборната регулатива, но отсуството на санкции во минатото и долгото нерешавање предмети што се во процедура, кај јавноста создаваат општ впечаток на неказнивост. Сите институции треба да покажат проактивност, согласно своите надлежности, да ги нотираат негативните појави и да постапуваат по нив“, рече Ивановска.

Таа како пример посочи дека има пријава до Антикорупциска што се однесува на злоупотреба на носител на јавна функција, кој преку Агенција за привремени вработувања, поставува претседател на својата партија, кој при вршење одредена службена должност во институцијата во која е поставен, како што појасни, има можност да агитира на луѓето кои ќе ги користат тие услуги да гласаат за нивната партија.

„Има и таков вид злоупотреба. Се гледа на секој можен начин да се врши притисок, влијание и да се делува врз гласачкото тел“, изјави Ивановска.

Да ги почитуваме законите што самите сме ги донеле, не се почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и никој не е во состојба брзо да детектира злоупотреба, се пораките од Катица Николовска и Нури Бајрами, членови во ДКСК.

„Од аспект на интегритетот и етичките вредности на учесниците во изборните кампањи, ќе споменам последните измени во Изборниот законик донесени веќе во самиот ек на изборниот процес, надвор од сите препораки од ОБСЕ/ОДИХР да не се вршат измени на Изборниот законик најмалку шест месеци пред денот на одржување на изборите. Со тоа се наметнаа обврски делумно во делот на ингеренциите на ДКСК, имаше и други членови со кои се зголеми процентуалното учество на двете носечки политички партии во дело на медиумското претставување од 90 на 97 отсто, за сметка на другите помали партии во Парламентот“, говореше Николовска.

На новинарски прашања дали во ДКСК има пријави и дали ќе преземе нешто во однос на постапките од страна на министрите Насер Нуредини и Бујар Османи, како и за користење гориво за возила во приватни автомобили, од ДКСК одговорија дека има начини како тоа да се утврди.

„Прво ќе се обидеме да ги добиеме нивните изјави дека возилото е користено за партиски активности во време на изборниот процес и доколку е така, како што имавме и примери и во претходните изборни циклуси, ќе испратиме до Владата иницијатива за поведување одговорност на функционери кои го користеле службеното возило за партиски цели“, рече Николовска.

Инаку, ДКСК со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи има обезбедено 16 набљудувачи на изборните активности во кампањата во 46 општини. Ангажирани се и четворица аналитичари кои ќе ги следат секојдневните промени на трансакциските сметки и да вршат анализи во однос на валидноста и кредибилитетот на лицата што уплаќаат донации на трансакциските сметки, со цел да се види дали тие финансиски средства се обезбедени од нелегални извори или од анонимини извори, кои се забранети.

Досега до ДКСК, информираше Николовска, се пристигнати 21 пријава од кои, девет се однесуваат на активности преземани од општините, шест за незаконски постапувања на одговорни лица во училишта, а пет се однесуваат на други државни институции. Пријавите се разгледани, една е упатена на надлежно постапување на ДИК и е за активности пред започнување на изборната кампања. Една е отфрлена, а за друга, за случај на мобинг ДКСК нема надлежност да постапува. За другите пријави се испратени барања до институциите кои се прозвани да се приберат информации за посочените наводи.

„Организаторите на изборните кампањи до ДКСК можат да достават приговор за повреда на законите, по што ДКСК е должна да постапи во рок од пет дена и се уште немаме такви поднесени пријави, но сме подготвени“, рече Николовска.

До ДКСК до денеска се пристигнати 165 барања за мислење, од кои 33 се доставени од Единиците на локална самоуправа, две од Јавни претпријатија (ЈП) формирани од Влада, 11 од ЈП формирани од општините, седум од Агенции, три пријави од Управи, 39 се од основни и 11 од средни училишта, пет барања од културни установи, 13 од здравствени установи и други 25 барања за мислење од физички лица. Барањата за мислење од ДКСК се главно за јавни набавки, за започнување реализација на одреден објект, за исплати, за издавање долготраен закуп на општински имот, за вработувања и други.

Таа повтори дека ДКСК не дава ниту согласност, ниту одобрување на вакви барања. Тоа се обврски и одговорности на лицата што управуваат со институциите, рече Николовска.

„Политичката култура која сега се манифестира од страна на политичките партии, покажува на низа неправилности и на игнорирање на законската рамка, која го регулира изборниот процес, а тоа е главната причина за сѐ пониската излезност на изборите, е еден од клучни наоди од организираната Јавната дебата“, информира Ивановска.

Друг заклучок од јавната дебата е дека реалноста покажува оти политичките партии без исклучок ги заобиколуваат законските прописи, а пример за тоа се низата активности на терен уште пред да започне кампањата, а постојат и дојави за злоупотреба на државните ресурси.

Според Ивановска, како резултат на немање санкции, било морални или законски, политичките партии не водат сметка за своите јавни настапи и дадени ветувања, а пример за тоа се политичките програми и нереалните ветувања.

 

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе