„Macedonia the GReat” не е во согласност со Договорот од Преспа

Филипов: За трговските марки треба да се усогласат и македонската и грчката страна

По вчерашната промоција на слоганот „Macedonia the GReat", со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М” за Македонија како нова колективна трговска ознака за грчките производи од грчката област Македонија, амбасадорот Ѓорѓи Филипов, инаку член на Мешовитата македонско-грчка комисија вели дека досега нема пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (ЕУИПО) или на Светската организација за интелектуална сопственост (ВИПО) со споманата ознака. 

„Тоа значи дека оваа ознака не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти, ниту пак на целата група во која има член(ови) од ВИПО, а се очекува именување и на член(ови) од ЕУИПО”, вели Филипов во изјава за МКД.мк.

Филипов објаснува дека Меѓународната група на експерти е формирана на 18 јуни 2019, првата седница ја одржа на 22 јуни во Скопје, а во најскоро време се очекува одржување и на втората седница. 

„Во меѓувреме и на двете страни се оддржуваат консултации, договарања, се пласираат предлози како да се работи, бидејќи главни протагонисти треба да бидат деловните заедници од Северна Македонија и Република Грција, на кои Меѓународната група на експерти им стои на располагање како советодавно тело кое се грижи работата да се одвива во согласност со Спогодбата од Преспа и меѓународното право, а во контекст на европските директиви за ова подрачје. Индустриската сопственост, кадешто спаѓаат и трговските марки е приватна сопственост и затоа постои одредба во Спогодбата во Чл. 1.3.ж, во која се вели дека ништо нема да се промени додека двете страни не се усогласат со решенијата”, ни изјави Филипов. 

Со препораките на ЕУ, според него, целосно се усогласени и грчкото и македонското законодавство, а деловните заедници, стопанските комори размениле писма со намери да се соработува кон правилно разрешување во духот на добрата деловна практика и Спогодбата од Преспа. Но, тој не знае дека се одржани официјални средби, иако, како што вели, постојано има контакти, разговори и подоготовки.

Инаку, Договорот од Преспа, предвидува прашањето за трговските марки да се реши во рок од три години од отпочнување на работата на групата, што значи до крајот на летото 2022, а групата досега работи 4-5 месеци. Првиот извештај на Меѓународната група на експерти до Високиот совет на владите и на Комитетот на министри, пак, се очекува во текот на првиот квартал од 2020 година.

Што се однесува до слоганот “Macedonia is GReat”, Филипов вели дека не е овластен ниту тој, ниту кој било друг член од грчка или македонска страна, ниту пак некој од претставниците од меѓународните организации да даваат коментари во име на Меѓународната група на експерти. 

„Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање”, додава Филипов.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа од Солун порача дека, како што го нарече „овој софистициран знак” веднаш ќе биде доставен до Европската канцеларија во Аликанте. 

 

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе