Бурни реакции за предлогот на Владата

Филипче, советникот на Тодоров (ВМРО-ДПМНЕ) и на Заев (СДСМ) е предложен за министер за здравство

„Човек за сите времиња. И не е единствен. Фотелјите се нашето национално богатство. А молчењето е нашето злато". Вака реагира Владимир Милчин на предлогот на Владата министер за здравство да биде неврохирургот Венко Филипче, советникот на претходниот министер за здравство Никола Тодоров и на премиерот Зоран Заев.

Овој потег на Владата предизвика лавина од негативни реакции. Не поради неговата стручност и квалификации, туку поради неговата претходна активност и семејни врски кои отвораат сериозни дилеми за можен конфликт на интереси. Се објавија бројни информации кои навистина покажуваат една поинаква заднина на ова најново кадровско решение на Заев.

Филипче во периодот додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ беше член и на Професорскиот контра пленум. Прашан денес зошто тоа го сторил, Филипче изјави дека бил доведен во забуна од негов специјализант кој му кажал дека потпишува иницијатива за реформи на Медицинскиот факултет. Филипче беше учесник и на лекарските контра протести кои беа организирани од ВМРО-ДПМНЕ, како контра мерка на лекарите кои ги бараа своите права.

 

Во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, предложениот нов министер за здравство беше член на неколку здравствени комисии.

Освен овие негови активности, по социјалните мрежи се објавија неколку податоци за негови блиски луѓе на функции. Ако тоа се оствари, ако Филипче стане министер за здравство, тоа ќе го отвори прашањето за сериозен конфликт на интереси со неколку негови најблиски луѓе. На пример, по социјалните мрежи се објави дека девојката на Филипче, Ирина Ставридис Пановска е директорка на хематологија. Компанијата „Пановски“ со години е еден од најсериозните снабдувачи со лекови на македонското здравство, а особено на државните клиники со цитостатици.

Снежана Смичковска е на раководна позиција во Клиниката за онкологија и сопруга на Златко Пановски, сопственик на веледрогеријата „Пановски“. Марија Гулева, блиска пријателка на Ирена Пановска, порано вработена во веледрогеријата „Пановски“, денеска е советник на Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство...

Венко Филипче

Прв испит за ова ќе биде најавениот интервентен увоз на реагенси за ПЕТ – центарот каде веќе подолго време нема реагенси. Речиси цел месец пациентите кои се упатуваат од клиниките за радиотерапија, онкологија и хематологија не можат да ги направат потребните испитувања. Проблемот бил во тендерската постапка, па сега се оди на интервентен увоз.

Да почекаме да видиме кој ќе биде „интервентниот увозник“ за овие реагенси.

А.Д.

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе