Дебата во Европскиот парламент

Фајон: Бугарија да го повлече ветото за Македонија

Во дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, европратеничката Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно и порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ.

„Бугарија треба да го повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот“, рече таа.

Како што јавува МИА од Брисел, пред неа бугарскиот пратеник Андреј Ковачев изјави дека во Македонија се нарушува слободата на изразување на Македонците со бугарско потекло и дека бугарската заедница во земјата била мнозинство пред да дојде Тито на власт. Тој го спомена и случајот со пејачот избран за Евровизија како доказ дека Бугарите во Северна Македонија се мета на постојани напади.

Европратеникот Ангел Џамбаски, пак, ја спореди Македонија со Северна Кореја поради тоа што Бугарите, како што рече, „не смееле да се декларираат како такви на претстојниот попис“.

Претходно, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во обраќањето пред европратениците на почетокот на дебатата изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули. Тој го пофали Извештајот за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ на известувачот Илхан Кјучук и оцени дека тој се совпаѓа со наодите на Европската Комисија.

„Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ“, рече Вархеји.

Тој оцени дека, сепак, Македонија има уште „многу работа“ во делот на реформите.

Неколку пратенички групи поднесоа посебен Амандман на извештајот за земјава за поддршка за конструктивниот однос на Северна Македонија и критики за провокативните изјави на Софија, но засега е нејасно дали тој ќе добие поддршка.

Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европратеник Илхан Кјучук, пред почетокот на дебатата порача дека е „важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија и ќе ѝ се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција“.

„Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат“, изјави Кјучук. 

 

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе