ФАЦ за македонско-бугарскиот спор: Фалсификувањето на историјата досега не било критериум за приклучување во ЕУ

Бугарија е пред добивање нова влада, а во Брисел се надеваат дека земјата ќе се откаже од ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија, пишува угледниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, објаснувајќи притоа дека владата на Борисов ги спречила преговорите со образложенија „кои не само Брисел ги смета за апсурдни“.

„Скопје би морало да признае дека македонскиот јазик е всушност само бугарски дијалект и дека македонската нација се развила од бугарството, бара меѓу другото Софија. Но кој верува дека само со промена на Владата во Бугарија повторно ќе се врати разумот и дека бизарните академски дебати нема веќе да стојат на патот на ЕУ-политиката на Балканот, тој може да се излаже. ’Спорот за името‘ помеѓу Атина и Скопје ја спречуваше западната интеграција на балканската држава повеќе од четврт век, пред во 2018 година да биде решен со преименувањето на Македонија во Северна Македонија“, пишува весникот.

Анализирајќи ја состојбата кај нашиот источен сосед, ФАЦ објаснува дека по последните бугарски парламентарни избори во парламентот во Софија дури ќе биде застапена и партија што отворено го негира правото на постоење на Македонија – деснорадикалната Преродба, која бара земјава да се обедини со Бугарија, зашто била „втора бугарска држава“ што произлегла од историска несреќа. Дека за оваа партија не постои македонска нација, се подразбира само по себе. Притоа весникот додава дека Преродба, со само 13 пратеници, е најмалата од седумте пратенички групи и е осамена во својот отворен иредентизам.

„Но Македонија се поткопува во поблага форма и од страна на другите бугарски партии. Софија поднесе каталог со барања од кој идната коалиција не се дистанцира. Така, се бара бугарското малцинство што живее во Северна Македонија да биде спомнато во Уставот. Неопходното двотретинско мнозинство за такво нешто во Скопје можеби ќе се најде полесно ако Бугарија со децении не ги исклучува систематски сопствените граѓани што се дефинираат како Македонци. Обесправувањето на (денес многу малото) македонско малцинство во Бугарија го преживеа распадот на комунизмот. Софија дури игнорираше повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права за да се држи до фикцијата дека во земјата нема македонско малцинство.

Според претседателот Радев, Македонија мора да го спречи и ’говорот на омраза‘ против Бугарија. Од ’медиумите, музеите, јавноста и државната политика‘ морало ’да исчезне извртувањето на историјата‘. Радев следствено бара Скопје да ја цензурира дебатата во земјата, зашто она што во Бугарија се смета за ’говор на омраза‘ е впечатливо. Тоа се однесува на периодот од 1941 до 1944 година, кога Бугарија, во тоа време помлад партнер на Хитлеровата ’оска‘, окупирала најголем дел од денешна Република Северна Македонија, како и делови на северна Грција. Софија во Македонија спроведувала безобѕирна политика на бугаризација. Околу 7.200 Евреи во земјата од страна на бугарските окупаторски власти биле собрани во гета и депортирани во Треблинка. Сепак, Софија денес тврди дека се работело за ’говор на омраза‘ кога во Северна Македонија спомениците или спомен-плочите потсетуваат на времето на ’бугарската фашистичка окупација‘, пишува германскиот весник. Во анализата се поставува и прашањето – што воопшто уште може да се нарече фашистичко, ако така не смее да се опише еден режим што активно учествувал во холокаустот? Тука ништо не го менува фактот дека Евреите во самата Бугарија не биле испорачани на Германците“.

На крајот на текстот, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ потсетува дека премиерот Заев пред извесно време „од избрзана послушност кон Софија“ објавил дека неговата влада ќе наложи да се отстранат повеќе спомен-плочи на кои се потсетува на „бугарската фашистичка окупација“, што наишло на остра критика од страна на македонските историчари.

„Заев беше обвинет за фалсификување на историјата. Ако Скопје сакаше да ги исполни сите барања на Софија, тогаш навистина ќе излезеше така. Фалсификувањето на историјата досега не било критериум за приклучување во ЕУ. Но се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум. На такво нешто Македонија не може да се согласи веќе поради самото почитување на вредностите во ЕУ“, заклучува на крајот ФАЦ.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе