Анализа на германскиот весник

ФАЦ: Барањата на Софија за Скопје не му припаѓаат на 21 век, никој не ги поддржува

Во Брисел моментално се води спор што може да има сериозни последици за иднината на проширувањето на ЕУ, пишува во денешното издание германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ).

„Бугарскиот амбасадор во ЕУ, Димитар Цанчев, веќе двапати им одржуваше емотивни беседи на своите колеги за фактот дека преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија, кои требаше да започнат за време на германското претседателство, можат да започнат само откако земјата ќе ги исполни посебните услови на Бугарија. Во суштина, Софија бара Македонците да признаат дека всушност биле Бугари и дека зборувале бугарски јазик, пред да станат независна нација преку еден процес на историско фалсификување. Во кругот на амбасадорите на ЕУ, настапите на бугарскиот амбасадор, и оваа и минатата недела, наидоа на неразбирање и чудење. Никој не му се приклучи, ни Грците, ниту Французите или Холанѓаните, кои пред една година го блокираа почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија (и Албанија)“, пишува во анализата на ФАЦ што ја пренесува Дојче веле.

ФАЦ објаснува дека Софија на своите ЕУ партнери во август им испратила вербална нота и меморандум во кој ги образложила своите позиции: соседната држава во сите европски документи смее да се претставува само со целосното име „Република Северна Македонија“, и во никој случај со кусата форма „Северна Македонија“. Второто, според Софија, може да претставува загрозување на бугарскиот територијален интегритет, затоа што и кај нив има дел од географскиот регион Македонија. Софија, понатаму, го отфрла и името „македонски“ за службениот јазик на соседот и наместо тоа бара да се користи терминот „официјален јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“.

Македонскиот јазик, имено, бил резултат на фалсификување на историјата во периодот кога соседот бил дел од Југославија, ги пренесува ФАЦ бугарските позиции и продолжува: „Всушност во Македонија се зборувал бугарски дијалект, но Белград успеал во периодот од 1918 до 1991, да ’го сотре’ бугарскиот идентитет на Македонците. Најпрво ги убедил Македонците дека се ’Јужни Срби’, а потоа од 1944 година во комунистичка Југославија ги убедил да веруваат дека се самостојна нација.” „(…) Според софиската претстава, повеќе од 100.000 Бугари, кои не сакале да се декларираат како Македонци, биле убиени, уапсени, испратени во егзил или во ’концентрациони логори’.

Бугарија, пишува натаму ФАЦ, не го спори правото на граѓаните од соседната земја на самоопределување и сопствен идентитет, но бара ревизија на „заедничката историја“ и вели дека нема да прифати „лаги“ за заедничките етнички и јазички корени.

Во Брисел, наведува германскиот весник, сега се чудат зошто Бугарија не ги изразила овие забелешки уште во 2018 година, кога се решаваше спорот за името меѓу Македонија и Грција, и во ниту еден случај не сакаат да го оптоварат пристапниот процес на земјите од Западниот Балкан со идентитетски прашања.

„Во сите шест земји на Западниот Балкан кон бугарската политика се гледа со загриженост. Доколку во иднина сите земји-членки посакаат да им го наметнат својот поглед на историјата на земјите-кандидати, проширувањето ќе стане невозможно, затоа што и меѓу други земји во регионот постојат противречни историски наративи“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе