Пред заедничкото чествување на претседателите на Македонија и Бугарија во Рим

Европскиот дух што го имаат Пендаровски и Радев е поттик за решавање на спорот, смета Заев

Премиерот Зоран Заев верува дека европскиот дух на претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев ќе даде поттик да се направи исчекор во процесот на пронаоѓање решение во спорот со Бугарија, со што ќе се одблокира патот на интеграција на земјава во Европската Унија. Според премиерот, со португалскиот предлог за решение на спорот се заштитени македонскиот јазик и идентитет.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со заедничкото патување на Пендаровски и Радев за Рим каде ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј, премиерот Заев изрази надеж дека ќе се направи некаков исчекор во однос на спорот, кој како што рече ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан.

„Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектираме она она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“, истакна Заев.

Тој оцени дека земјава предолго, повеќе од 16 години, е кандидат за членство. Како што оцени, Македонија во 2001 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, веднаш по Словенија, а пред Хрватска, кои пак, одамна се членки на Унијата.

Во однос на содржината на португалскиот предлог за решавање на спорот, кој во петокот во Скопје го презентираа шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Заев оцени:

„Португалското претседателство и министерот Аугусто Силва воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Кај нас рековме дека тоа е добра база и добра појдовна основа за решение. Сериозно дискутираме за предлогот, ќе продолжиме со состаноци“, истакна премиерот.

Тој нагласи дека се земени предвид и бугарските позиции, но повтори дека македонски јазик и македонскиот идентитет се строго заштитени.

„Ја имаат опфатено и бугарската страна и согласно нивните резолуции може понатаму да се разговара, заради тоа што во неколку наврати реков дека очекуваме час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет. Имаме документ и јас сум изненаден што членка на ЕУ, која е од другата јужна страна на европскиот континент, која не е толку блиску до Балканот и не е толку детално упатена и навлезена, беше креативна и инвентивна за да изнајде решение. Затоа рековме дека секој пат е можно да се изнајде решение ако има добра волја од двете страни“.

Инаку, владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев,  а во чиј состав беа министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска и Ирена Стефоска, министерка за култура, денеска по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, положи свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа, патрони на првиот државен универзитет во Скопје.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе